Над 95 отсто од жртвите се постари од 60 години
Светската здравствена организација (СЗО) објави дека над 95 отсто од до сега починатите жртви на глобалната пандемија со коронавирусот , во Европа, се пациенти постари од 60 години.
Тоа што повозрасните и старите луѓе го чинат мнозинството жртви на болеста, според експертите, сепак , не значи дека младите – тинејџери, како и генерациите меѓу 25 и 45 години – се сосема безбедни. Многу случаи на заразени, заболени, па и починати случаи има и меѓу децата. Многу спортисти се меѓу заразените со коронавирус, а сега се јавува дека околу 250 деца во Русија се регистрирани како позитивни на вирусот.
Сето тоа покажува дека за ниту една возрасна група не може да се рече дека е „имуна“ на Ковид-19, што пак потврдува дека ВОЗРАСТА НЕ Е ФАКТОР за тоа кој може да биде заразен, а кој не.
Младите контра старите
Експертите тврдат дека децата во оваа пандемија често се јавуваат и како пренесувачи на заразата. Во најтешко погодената европска земја со пандемијата- Италија- има многу случаи, во кои младите и децата кои инаку живеат во заедница со возрасни и стари лица, всушност, биле пренесувачи на заразата врз возрасните.
Во секој случај, податоците на СЗО недвосмислено укажуваат на тоа како е распоредена болеста според возраста, при што повозрасните и старите остануваат најризичната категорија. Кога станува збор за Европа, меѓу умрените од коронавирусот, или меѓу оние најтешко заболените , само 15 отсто биле пациенти кои биле помлади од 50 години.
Наспроти тоа е податокот дека над 95 отсто од жртвите на пандемијата се над 60 годишна возраст, додека половината од нив, се осумдесетгодишници, или се постари.
Хронични заболувања
И уште еден важен податок кои лекарите го истакнуваат, како показател за „ карактерот“ на овој вирус е сознаието дека над 80 отсто од сите починати пациенти на европскиот континент, не биле потполно здрави.
Сите имале некое од хроничните заболувања, како што се – кардиоваскуларни болести, шеќерна болест, хипертензија, некакви заболувања на белите дробови, прележани тешки облици на астма- што веќе во стартот, ги прави овие пациенти, заразени со Ковид-19 , многу потешки за лекување, од луѓето на таа, или блиску до таа возраст кои немаат некоја од овие хронични болести.
Експертите заклучуваат дека тоа објаснува како е можно , во оваа ситуација, луѓе-пациенти, постари од просекот што го посочува СЗО, на 90, па и повеќе години, да останат здрави, или да се излекуваат од вирусот. А такви има и во Италија и во Шпанија, а и во Британија, како и низ другите европски држави.
Франција со две „црни“ листи
Ваквиот ефект на овој вирус, создаде впечаток дека короната како да ги „ убива“ старите и како да го „ чисти“ континентот ( која важи за место каде има многу долговечни луѓе) од старите, правејќи некаква црна селекција. Во некои од западноевропските држави, се појавија дури и ( најблаго речено) невкусни написи за тоа дека коронавирусот помага за да се „спасуваат“ преоптоварените пензиски фондови. Во Британија, каде постои бројна возрасна популација, беше покрената и посебна кампања – за тоа да се „ спасуваат старите“ од налетот на епидемијата.
Слична , брзо спроведена кампања, се направи и во Италија. Во Франција, пак, која пред експлозијата на пандемијата беше во фаза на расправа за новата пензиска реформа , која создаде тешка политичка атмосфера, налетот на Ковид-19 помогна, таа набрзина и тивко да се повлече, а сега да се покрене и посебна грижа за најстарите Французи.
Франција е единствен во Европа каде се водат две „ црни“ листи на починати од вирусот- една за целата популација, а другата за оние кои починале во домовите за стари лица.
СЗО прогласи глобална пандемија на 11 март.
Меѓународни епидемиолози, меѓутоа, тврдат дека се задоцни со таквата одлука која, според нив, требало да се донесе уште додека „ кинескиот вирус“ го тресеше тамошниот град Вухан, епицентарот на пандемијата, од каде таа тргна уште на почетокот од декември 2019 година.
(С.Г.)