Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Европа потоната во пандемија

Inna Bigun/BigStock.com

Европа потоната во пандемија

Европејците ја очекуваа годинешнава пролет подготвувајќи се за празниците, кои последниве години, најчесто, се користат за разни патувања низ европските и светските туристички дестинации, и во очекување на големите спортски турнири – од тенисот до континенталното фудбалско првенство – додека светот гледаше понатаму – кон Олимпијадата, што по втор пат требаше да се одржи ова лето во Токио.

А, ништо од сето ова, заедно со бројните откажани културни и забавни случувања, нема да се случува, најверојатно, се до есен, или до следната година, затоа што Европа е длабоко потоната во пандемија, каква што немало во изминатите 100 години. Целиот свет, пак, е заробен од, до скоро, непознатиот коронавирус.

Стариот континент како да заличува на мрачниот Среден век, во времето на страшните епидемии од чума, а не на континент во 21 век, веќе две децении навлезен во третиот милениум. Секојдневно се соочува со зараза која никако не може да се стави под контрола и брои мртви, како што тоа не се случувало уште од времето на „шпанскиот грип“ во 1918 година.

Налет на Ковид-19

Бројките се, едноставно, незамисливи за денешното време, за генерациите кои не паметат дека и во поблиското минато имало масовно и секојдневно умирање на луѓе од болест. Една Америка, или европската четворка – Италија и Шпанија, како и Франција и Германија – или вкупно целата ЕУ, заедно со Британија, делуваат немоќно, неспособно и неорганизирано, пред вирусот што ја произведе новата болест Ковид-19.

Над еден милион заболени на глобално ниво и 53 илјади починати низ светот, во 180 држави во кои е регистриран вирусот.

Но, за некои „мајтапчии“ како бразилскиот претседател Жаир Болсанаро, или за Александар Лукашенко кој ја исмева паниката низ Европа, дозволувајќи во неговата Белорусија да се игра фудбал, иако тоа не се прави на ниту еден континент, или, пак, како во Северна Кореја, велат, единствената држава без страшниот вирус, каде во ова време се прават воени-ракетни проби, целата оваа состојба околу коронавирусот изгледа како да е забава за големи и неодговорни „деца“.

Незамисливи сцени и ситуации

Таму во изминатите две недели очекуваат да има меѓу 100 и 200 илјади мртви од болеста Ковид!!

На другата страна, се сите оние кои европската состојба, онаа во САД и низ светот, ја доживуваат како нешто нереално, како некаков „страшен филм“. Не може да поверуваат во „апокалиптичните“ слики дека Тајмс Сквер во Њујорк може да се испразни, да остане без луѓе и без возила. Луѓето таму, како и низ цела Европа, ги тераат да останат дома, затворени, да не се дружат со никого, посочувајќи го тоа како прашање на животот и смртта.

Испразнети Париз и Мадрид, Рим и Милано. Празен Трафалгар во Лондон, со пустиот лондонски финансиски центар Сити. Цели држави се затворени во карантин во кои никој не влегува и не излегува. Нема отворени кафулиња, ресторани, кина и театри, нема концерти и журки. Нема луѓе на улиците и по парковите. Нема бучава. Има само тишина. Само таа се „слуша“ од вечерните часови, до наутро.

Има упатства дури и за свадби и венчавки – најмногу до шестмина луѓе да се соберат, а за погреби – само три-четворица од најблиските. Саемски и изложбени хали се претвораат во привремени болници, или центри за изолација на сомнителните.

Во парковите, како во Њујорк, или до болниците, како во Скопје, Љубљана и во десетици градови низ Европа, се подигаат болници под шатори, како во фронтовски услови, подготвувајќи се за најлошото кое се уште се очекува, затоа што „пикот“ на епидемијата, освен, можеби, во Италија, никаде во Европа не е достигнат, ниту во САД. Таму во изминатите две недели очекуваат да има меѓу 100 и 200 илјади мртви од болеста Ковид!!

Италија најголема жртва

Во вакви услови, случајот на Северна Кореја, ако навистина нема заразени, циниците го објаснуваат едноставно- не може ниту да има вирус, затоа што во таа земја никој паметен не оди, да се прошета, на шопинг, или за некој празник, како турист.

Тоа, пак, го отвора прашањето како беше можно, во другиот свет, толку лесно и толку брзо вирусот да се рашири и да предизвика, без малку битка за преживување, на европскиот континент кој стана најголемата жртва на „вуханскиот вирус“.

Тоа најдобро го знае, прво Италија, со 115 илјади заразени и речиси 14 илјади починати, најмногу во светот, па потоа Шпанија со 112 илјади заболени и над 10 илјади умрени пациенти, или една Франција со нешто помалку од 60 илјади инфицирани и 5400 починати, или, пак, Британија, која забрзано се искачува на оваа „црна“ листа, со околу 34 илјади болни и три илјади умрени. (Сите овие бројки се до правење на овој текст на Скопје/Глобал и тие уште по објавувањето, најверојатно, ќе бидат надминати).

Вухански вирус

Не е време за да се бара – дали има виновници за оваа голема здравствено-епидемиолошка криза. Секако има такви, а многу држави, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија, се она друштво што најчесто се нарекува – колатерална штета.

Колку само за потсетување- се тргна од еден пазар во кинескиот град Вухан, уште во декември 2019 година, од каде поради една – прво потценета ситуација, каква што е изгнездуваето на вирусот, а потоа и поради една задоцнета реакција на кинеските власти- локалниот проблем со „непозната болест“ стана кинески, па азиски, а потоа и глобален.

Во секој случај, се тргна од Кина, а на европската територија, се смести (прво) во Италија, каде се појавија и првите заболени и починати. Кинезите сега објаснуваат дека за достигнување на „пикот“ на вирусот и за неговото слабеење се потребни околу три месеци, па некои експерти сметаат дека Кина, на овој начин, само потврдува дека доцна извести за тоа што навистина се случува, кога епидемијата беше раширена, а првите заразени, без да ги покажат симптомите, шетајќи се слободно (како здрави)- само го дораширија вирусот.

Чија е вината?

Меѓутоа, за подоцнежна анализа ќе биде оставено да се утврди-дали тоа Кинезите и го дадоа на Европа вирусот, претворајќи ја во своевиден Вухан, или пак Европа, неодговорно, по малку и арогантно, продолжи да живее и да се однесува како да она што се случуваше во Кина, нејзе не ја тангира.

Целата работа се сведуваше на тоа да им помага на Кинезите, со испраќање маски и заштитна опрема, за да се справат со заразата! Па, ако на крајот од февруари Европејците и светот ги броеја жртвите од заразата, сега Европа и светот бројат и заболени и мртви, а и колкава ќе биде штетата од пандемијата.

Тогаш во Италија имаше околу 400 заболени и само 12 починати.

Само околу три недели подоцна- во Вухан беше одбележан првиот ден без смртен случај, а Италија веќе ги надмина Вухан и Кина, по бројот на заразените и починатите и се најде во карантин. Прво, во епицентралните подрачја- Милано, Ломбардија и Венето, а потоа и во целата земја. Италија веќе 40 денови е во карантин и под строги мерки за ограничено движење и комуницирање меѓу населението.

Повратниците како носители

Прашање е сега, дали тие ограничувања беа почитувани и кога и како беа носени. Европа и ЕУ, по тоа прашање, не беа единствени. Додека Италија војуваше со вирусот, другите само ја надгледуваа целата ситуација, без некои поенергични зафати.

Некои млади Македонци, на работа во Кина, а некои и во самиот Вухан, за една овдешна телевизија имаат зборувано дека станува збор за „страшен вирус“, дека не смее да се потценува, како и дека мерките за заштита треба стриктно да се применуваат и почитуваат.
Европејците, па и некои наши овде, не размислуваа да се откажат од зимувањата во Италија, Австрија (Тирол), Словенија или Копаоник во Србија. Во тоа време, Италијанците се уште играа фудбал, Тиролците ги наполнија своите зимски центри со туристи, дури и од Исланд, а Словенија и Србија се „фалеа“ дека кај нив нема вирус, па така беа примамливи за туристите.

Се покажа дека веќе биле ранливи. Вирусот „шетал“ низ нивните територии, а од таму во Македонија, на пример, го донесоа тие кои сакаа да го уловат последното зимско сонце, сокривајќи дека биле таму каде се развивал вирусот. На тој начин, ги заразија прво своите најблиски, а потоа и другите, според принципот дека еден заразен, инфицира барем тројца здрави лица.

Очекувајќи го „пикот“

Вториот бран, го разнесоа низ цела Европа, вклучувајќи ја и нашата држава, оние кои беа на работа, или живееја во земјите каде епидемијата на континентот прво почна да се шири, а сега потрчаа кон својата татковина, барајќи спас и засолниште. Голем број од нив само успеаја да ни го донесат овде вирусот и да го рашират.

Излезе така, дека ако Кинезите и оние кои престојуваа таму во време на експлозијата на вуханскиот вирус, ни го донесоа во Европа, низ континентот го раширија сите – и странците од другите делови на светот кои беа на неговата територија и самите Европејци кои продолжија да патуваат, како да веруваа дека граничните линии, заштитуваат од пандемијата.

После се, останува нејасно како ќе се развива работата со вирусот понатаму. Очигледно е дека тоа не го знаат ниту епидемиолозите. Во САД стравуваат дека може да им се случи експлозија, а во Европа го чекаат „пикот“ на заразата, што секаде не може да дојде истовремено. Стравува дури и Кина, одново, да не и се врати вирусот. И таму, сега го носат „повратниците“.

Но, стравот доаѓа и од таму што не се знае како вирусот ќе се однесува. Во поплавата од „стручни анализи“ има и такви кои тврдат дека коронавирусот би можел да се претвори во сезонска болест – да се јавува секоја пролет, на пример.

Сервис – Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе