Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Ковид ја „среди“ политичката криза во Израел

Roman Yanushevsky/BigStock.com

Ковид ја „среди“ политичката криза во Израел

Една година трае политичката криза во Израел, откако ни после три пати одржаните вонредни парламентарни избори, ниту десниот, а ниту левиот политички блок не успеаја да обезбедат доволно мнозинство за да се формира влада.

Длабоките разлики меѓу Ликуд, предводена од „вечниот“ премиер Бенјамин „Биби“ Нетанијаху и „Сино/Белата“ алијанса на Бенјамин „Бени“ Ганц, доскорешен началник на Генерал-штабот на израелската армија, не навестуваа скорешен излез од кризата, ниту по третите избори.

Изгледаше дека Израелците ќе мора уште еднаш, по четврти пат, да излезат на гласачките места. Но кога незадоволството на луѓето се повеќе растеше, затоа што партиите не може да се спогодат, лидерот на опозицијата Ганц, на општо изненадување, понуди компромис. Тој, во основа, нему како на политичар не му одговара, затоа што отстапи од сите принципи кои ги бранеше, но со компромисот се надминува кризата.

Вирусот во кабинетот на „Биби“

Причината за направениот пресврт во израелската политика- со прифаќање компромис и од страна на десницата (Нетанијаху), сепак, не е толку во добрата волја на политичарите од двата блока, туку во се поголемата закана од коронавирусот.

Во основа, Израел е далеку од реоните каде се водат најтешките битки со Ковид-19, па и покрај тоа, бројот на заразените забрзано расте.

Околу 4900 лица се заразени, а досега 17 се починати, а од пред неколку денови, меѓу заразените се и членови на кабинетот на Нетанијаху и негови советници.

Меѓу починатите мнозинството се над 70 години, но домашните епидемиолози стравуваат од податокот дека имаат 95 во сериозно тешка ситуација, а меѓу овие има и мошне млади пациенти. Властите стравуваат од можноста за појавување на заразата во редовите на армијата, што за оваа земја претставува стратешка закана, но и од напливот на Израелците кои во време на избувнувањето на кризата со вирусот не биле дома, во Израел. Меѓу починатите во Италија, според израелските медиуми, има и Израелци кои се заразиле како туристи.

Проблеми со ортодоксните

Нетанијаху кој веќе една година ја предводи владата како техники премиер, веднаш бил тестиран на вирусот по раширувањето на заразата во неговата најблиска околина и било утврдено дека не е заразен. Сепак, како безбедносна мерка ставен е во самоизолација. Не е соопштено на колку време Нетанијаху ќе биде во карантин, но со него во изолација се и сите други негови соработници.

Израел, затоа, како мерка за заштита од вирусот има воведено ограничување во движењето на населението, со изолација на сите кои се враќаат во Израел, кои се надгледуваат дури и со помош на тајната служба Шин Бет.

Затворени се училиштата и универзитетите, а забранети се сите собирања на јавни места. Властите, меѓутоа, имаат проблеми со ултра-ортодоксните Евреи кои малку што од забраните почитуваат.

Тие претставуваат се само десет отсто од вкупното население, но дури 50 отсто од заразените со вирусот, доаѓаат од оваа верска заедница. Тие и натаму се собираат пред Ѕидот на оплакувањето во Ерусалим, деновиве неколку стотици се собрале на една свадба, иако таквите собирања се забранети, а група ортодоксни ги нападнале со камења луѓето од Брзата помош кога дошле да им прават тестови за вирусот.

Ганц (привремено) спикер во Кнесетот

Во едни вакви услови, сосема е разбирлива изјавата на Бени Ганц дека е „време да се тргне политиката настрана, за да се свртиме кон борбата со коронавирусот“ со која тој го има објаснето изненадувачкиот пресврт во домашната политика.

„Мораме да ја ослободиме државата која ни стои заробена една година“ – има речено Ганц предлагајќи се себе си како Спикер на Кнесетот (Парламентот).

Во рамките на спогодбата со Ликуд (и Нетанијаху) лидерот на опозицијата ја презема работата на Парламентот, по оставката на досегашниот Спикер, инаку близок сојузник на „Биби“ кој се повлече по јавната расправија со претседателот на Врховниот суд.

А, на дневен ред пред пратениците е специјалниот закон, предложен од опозицијата со кој би требало да се оневозможи политичар-осомничен за криминал да може да формира влада. Станува збор за закон кој директно е насочен против Нетанијаху, затоа што тој и формално е обвинет за три дела за корупција и земање поткуп за зголемување на неговиот личен политички рејтинг.

Делење на премиерскиот мандат

Со политичката спогодба која не е договор за коалиција, ниту значи коалицирање на Ликуд и Сино/Белата партија, подоцна, Ганц ќе ја преземе функцијата министер за надворешни работи, а од септември 2011 година, па до редовниот термин за избори тој ќе биде израелски премиер. Што ќе рече- во Израел, под притисок на кризата со коронавирусот се разреши политичката криза со договор за поделба на мандатот на премиерот. Една година и половина- тоа ќе биде Нетанијаху, а другите 2,5 години му остануваат на Ганц.

Сега останува уште да се види дали и како сето ова ќе функционира.

Прво, затоа што Нетанијаху би требало пред крајот на мај да се појави на судење. Ако тоа се случи, се ќе зависи од пресудата. Второ, Нетанијаху до тогаш останува премиер, сега веќе не како технички, а тој важи за „стариот лисец“ во израелската политика. Трето, по пресвртот што го направи Ганц, сега е нејасно дали неговата алијанса ќе може да опстане, бидејќи сите во неа не се задоволни од спогодбата со Ликуд.

„Во ова тешко време (за Израел) ова е вистинската работа што требаше да се направи“- има речено Бени Ганц во своето прво обраќање израелскиот Кнесет.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе