Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Русија со Fake News и за Ковид-19

sondem/Bigstock.com

Русија со Fake News и за Ковид-19

Руските државни медиуми и про-Кремљ интернет страници имаат воспоставено силна кампања за пласирање дезинформации против Западот околу пандемијата со коронавирусот, за да се создава паника во јавноста на Европа, како и да се шири недоверба- откриваат европските медиуми , повикувајќи се на еден доверлив документ изработен од ЕУ.

Во него се вели дека руската кампања произведува и на интернет пласира мноштво лажни вести на англиски, италијански, шпански, француски и германски јазик, при што се користат контрадикторни, конфузни, збунувачки и малициозни вести и информации, создавајќи и дополнителни проблеми на целата ЕУ и на Европската комисија во нивното настојување да одговорат на предизвиците на пандемијата.

Украина на удар

Кампањата со дезинформации која се води во моментов во однос на Ковид-19 настојува по секоја цена да покаже дека јавното здравство во западните ( европските) земји е во криза, дека е неспособно да се справи со кризата околу вирусот, што според безбедносни експерти е на линијата на Кремљ за субверзијата кон Западот и за поткопување на стабилноста на општествата во Европа/ЕУ.

Документот на ЕУ има примери од Балтичките земји, па се до Украина, која и го сврте грбот на Москва , па затоа сега плаќа висока цена за својата определба да има своја независна стратешка определба и да води украинска внатрешна и надворешна политика.

Анализата на документот на ЕУ вели дека руските медиуми , општо гледано, не успеваат да се наметнат со своите ставови во Европа и во нејзината јавност, или да стекнат доверба, но сите блиски до позициите на официјална Москва, доследно спроведуваат платформа со анти-ЕУ позиции, која е популистичка и има за цел да создава поделби и раздор. Украина е на удар постојано, па и сега околу коронавирусот.

Лаги за италијанските лекари

Откриено е лажно писмо што наводно го има испратено украинскиот министер за здравство, во кое има лажни и измислени информации за болни со вирусот. Во Киев велат дека такво писмо, едноставно, не постои и дека тамошниот министер никому не праќал писма, но најважно е дека локалните експерти утврдиле дека писмото е направено надвор од Украина.

Она што, меѓутоа, се прави со Италија се оценува како субверзија, затоа што земјата во сегашните исклучителни тешки моменти , војувајќи со вирусот кој зема секојдневно висок  „данок во крв“ е изложена на поплава од ЛАЖНИ ВЕСТИ креирани во Русија. Оваа земја членка на ЕУ е втората држава во светот , после Кина, која е најтешко погодена од овој вирус, но покрај тоа се соочува и со ДЕЗИНФОРМАЦИИ  дека италијанскиот здравствен систем е пред колапс и дека не е способен да се избори со кризата.

Најстрашното во  ваквата сурова кампања која треба и да ја дестабилизира Италија е сознанието  дека е целосно измислена и неточна „страшната приказна“ за тоа дека италијанските лекари во (наводно)  хаотичната состојба во која се наоѓаат и тие и тамошното здравство, почнале да  одлучуваат кому да помагаат, за да остане да живее, а кој од заболените пациенти да биде исклучен од помошта – и да умре !!

На балканскиот полигон

Страшното во сето ова е што ваквата лажна вест, испратена преку интернет од руските „ мајстори“ за дезинформации брзо и лесно се префрли и на Балканот, а во неа поверуваа и некои македонски медиуми. Главно, станува збор, за оние кои се блиски до руската страна, кои  и самите се создадени за да прават вакви, лажни вести и кои најмногу веруваат во она што го нуди и го пласира про-Кремељ телевизијата Раша Тудеј и нејзината интернет страница.

Во Словачка , исто така, е откриен еден ваков удар со лажни вести, на тој начин што една измислици се „ продава“ како вистина, тврдејќи дека тамошниот, се уште актуелен премиер, е наводно, заразен од Ковид-19 . Уште и дека тоа го сокрива од јавноста, па  дека така ќе оди на ( вонредниот) Самитот на ЕУ за вирусот и на тој начин ќе ги зарази сите други европски лидери.

Самитот се одржа како видео конференција, никој не беше заразен, а и самиот словачки премиер не е болен.

„Продавање“ теорија за заговор

Целата оваа сторија околу руската диверзија со лажни вести и дезинформации кон Западот во целина, како и кон ЕУ, а врзана за политичката стратегија на Русија. А, таа  треба да ги увери наивните, русофилски настроената јавност ( таму каде ја има), како и љубителите на теориите за заговори дека коронавирусот е човечка креација. Што ќе рече дека е создаден во лабораторија и е пуштен за да им се напакости на Кина, пред се, како и на Иран, како оружје на Западот, пишуваше неодамна „ Фајненшл Тајмс“.

Оваа лажна теорија доби , за жал, поддршка во регионот на Западен Балкан и најде место меѓу вестите околу вирусот. Нешто од незнаење, што од желбата за правење повеќе кликови на интернет, или гледаност на тв станиците, или пак од приврзаност кон руската страна. Такви се покажа имало не само во Македонија, како и во Србија, туку и на Косово и во Албанија, кај делови од тамошната опозиција.

Официјална Москва, како што тоа обично во вакви ситуации се случува, веднаш ги отфрли ваквите тврдења изнесени во документот на ЕУ. Според портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков станува збор за „ уште една руска опсесија“ , Но, се вели дека  документот на ЕУ за дезинформациите што ги создава Русија е исполнет со многу факти и показатели, а Европската комисија, како што се јавува од Брисел,  е во контакт со хај-тек гигантите- Гугл, Фејсбук, Твитер и Мајкрософт.

 

(С.Г.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе