Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Вук Драшковиќ – Косово е изгубено за Србија

© waldorf27/Adobe Stock

Вук Драшковиќ – Косово е изгубено за Србија

Косово е изгубено за Србија. Го изгуби режимот (на Слободан Милошевиќ) против кој ние се боревме во почетокот на деведесеттите години на 20 век

…рекол Вук Драшковиќ, лидер на сега маргинализираната партија СПО (Српско движење на отпорот) во разговор за белградската N-1 телевизија.

Тој категорично се спротивставил и на позициите на сегашната српска опозиција и на нејзините заложби дека – „Косово не го даваме„ или дека „Косово е нашата светост“.

Според Драшковиќ, ваквите позиции не значат ништо друго освен „изумирање на Србија“, затоа што се „брани нешто што го нема, што е изгубено““ иако на сите им е јасно дека земјата нема да може да оди напред, доколку не го реши косовското прашање.

„Па добро, зарем сите тие не гледаат дека тоа прашање е решено токму со Резолуцијата на ОН 1244, во која сите се крстат, со која државата Србија трајно е протерана од Косово“ – рекол овој ветеран на српската политика.

Јавноста чека да ја чуе вистината

СПО некогаш претставуваше главната опозициска сила која му се спротивставуваше на Милошевиќ, иако тогаш од позициите на српскиот национализам.

Во власта на Србија Драшковиќ, кој едно време беше и министер за надворешни работи на тогашната Сојузна Република Југославија, последен пат има учествувано во 2012 година. Сега, тој и СПО се декларираат како опозиција, но не се против власта, па се сосема надвор од движењата и случувањата на актуелната опозиција.

Драшковиќ повремено се јавува на телевизиите кои не важат за блиски на српската власт, а во разговорот за N-1, против која војува владата во Белград, многу отворено и директно зборува за ситуацијата за Косово, онака како што тоа не го прави ниту еден од српските опозициски политичари.

Тој во оваа прилика зборувал дека е крајно време на српската јавност отворено да и се каже вистината.

Косово не е веќе српска покраина

Прво за тоа каде Србија ќе ја одведе патот за Вашингтон и за Брисел, преку Москва, потоа за тоа што е со Косово, но и за табу-темата на српската политика- за злосторствата „извршени од српска рака“, како што рекол Драшковиќ.

Според него, сегашната преамбула на српскиот Устав во која стои дека Косово е автономна покраина, под власт на Србија, е бесмислена.

„Тоа повеќе не може да стои во Уставот, уште повеќе што една таква одредба никого и со ништо не обврзува“

…рекол Драшковиќ порачувајќи дека за сето ова мора да се зборува.

Српската јавност има право тоа да го знае, но актуелниот претседател за тоа и натаму молчи, веројатно калкулирајќи со гласовите на гласачите. Но, како што вели овој политичар, за овие работи не ќе може долго да се премолчуваат, доколку навистина се сака Србија, конечно, да стане нормална држава.

Повод за овој разговор е 29 годишнината од мартовските демонстрации против режимот на Слободан Милошевиќ, одржани во Белград. На нив учестуваа 100 илјади луѓе, а тогашната власт употреби брутална сила, со 10 илјади полицајци и тенкови на улиците. Еден полицаец и еден студент, загинаа во немирите, а стотина други беа ранети. Организатор и предводник на демонстрациите беа СПО и Вук Драшковиќ.

„Луѓето на Запад, а ние со Москва“

Сега вели дека подоцнежниот пад на Милошевиќ не бил искористен во Србија да се направат коренити промени, кои ниту сега ги нема и не се прават.

Наместо тоа што ни се случува? Земјата од сите страни е опколена со Запад. Од таму ни доаѓаат инвестициите и технологијата, а таму ни се младите и повеќето од населението, а Русија нам ни продава оружје – рекол Драшкoвиќ.

Тој го критикува тоа зближување со Москва и со Пекинг, забележувајќи дека како да не гледаат дека луѓето не си заминуваат од Србија за да одат во Русија, ниту за да избегаат и да живеат во Кина, туку се иселуваат на Запад.

А, во тоа се вклопува и домашната опозиција која само седи од страна и критикува, не нудејќи ништо и немајќи храброст да проговори за вистинските состојби, освен што на тој начин го помага пропаѓањето на Србија – рекол во интервјуто за оваа белградска телевизија Вук Драшковиќ.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе