Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Британија чува лекови за ХИВ и маларија

© David Pereiras

Британија чува лекови за ХИВ и маларија

Британските здравствени власти ги чуваат како „златна резерва“ залихите од лековите за лечење ХИВ и за маларија, како „златна резерва“ во очекување ширењето на се уште смртоносниот коронавирус да добие поголем замав. Според некои лондонски медиуми, овие лекови „би можеле да се покажат корисни“ во терапијата на пациентите кои се заразени со вирусот Covid-19.

Нема никакви сознанија за тоа дали Британците имаат правено тестови, како и дали располагаат со сознанија за делотворноста на лековите во терапијата со сегашниот вирус кој во голема брзина го „освои светот“.

Искуството од Бангкок

Засега се знае само дека лекарите од болницата во Бангкок, главниот град на Тајланд, уште на почетокот од минатиот месец објавија дека успеале да излекуваат од овој вирус, една 70 годишна жена. Таа во тешка состојба била донесена во болницата, откако се вратила од Кина. Лекарите како терапија ги користеле лековите за СИДА и при тоа утврдиле дека пациентката многу брзо почнала да покажува знаци за опоравување.

Тајландскиот министер за здравство потврди дека жената на крајот била и излекувана, но подоцна никој во ниту една од државите каде има заразени и болни, не објаснуваше како за се лекуваат и на кој начин биле излекувани оние за кои може да се каже дека го прележале вирусот. Тајланд како земја од регионот на Југоисточна Азија што е силно зафатен со заразата, има нови случаи, а има регистрирано и починати од вирусот, но не продолжи со популаризацијата на лековите за СИДА, како терапија за новиот вирус.

Информацијата дека британските специјализирани болници за лекување на ХИВ и маларија не ги даваат, а и не ги ниту „извезуваат“, создавајќи резерви за свои потреби, се совпаѓа со вестите од теренот, а тие се дека расте бројот на заразените Британци.

„Вирусот ќе се шири и натаму“

До правење на овој текст, во Британија се регистрирани 40 случаи на овој вирус. Тоа е неспоредливо помалку од Италија, на пример, па и од Франција, Германија и Шпанија, но британскиот Епидемиолошки центар, како и премиерот Борис Џонсон објавија дека земјата треба да биде подготвена за “брзо раширување“ на заразата.

Џонсон им порача на Британците дека нема потреба од создавање паника, дека од „обичен“ грип, секоја година умираат меѓу две и три илјади стари и хронични болни, како и дека покрај коронавирусот „животот тече со својот вообичаено темпо“.

Сепак, тој призна дека „многу е веројатно оти вирусот ќе се шири и понатаму“.

Има повеќе причини за тоа – пред се, во земјата има многу возрасни и стари лица, кои според досегашното искуство од Кина и од Италија се први на удар на вирусот. Потоа, Британците многу често патуваат низ Европа и по светот, на одмор и надвор од летната сезона, а дека Италија, Југоисточна Азија и Далечниот Исток секогаш се мошне популарни дестинации.

Ниско-буџетската компанија „Рајан Ер“ ги намали своите летови на европските дестинации за повеќе од 25 отсто, а ги прекина летовите кон Италија, како што тоа го направија и „Бритиш Ервејз“, „Луфтханза“ и американските „Делта“ и „Американ Ерлјанс“ на летовите кон италијанскиот центар на модата и бизнисот Милано и кон јадранската „убавица“ Венеција. Овие мерки се преземени од санитарно-карантински причини, но и затоа што драстично е намален бројот на нови резервации за патување и летување.

Корона на сите континенти

Сето тоа ја направи Италија да биде епицентар на вирусот во Европа, но и најголема жртва на европскиот континент од раширената зараза. Тажно изгледаат италијанските градови, со празни улици и речиси без луѓе, пред Колосеумот во Рим, на плоштадот Навона, секогаш преполн со туристи, или на плоштадот Свети Марко во Венеција и главниот плоштад во Милано.

Меѓутоа, тамошните здравствени власти се уште не можат да го запрат ширењето, како што тоа не може да им појде од рака и на епидемиолозите и на Светската здравствена организација (СЗО) во борбата за смирување на глобалното освојување, кое сега веќе е раширено на сите континенти.

Само во Италија, во еден ден, бројот на заразените се зголемил за 50 отсто и последната бројка е над две илјади заразени и заболени и 52 починати лица. Во Јужна Кореја вирусот се шири со голема брзина и таму сега има 3800 заразени и 20 умрени пациенти.

Јапонија, каде во втората половина од јули треба да се одржат Олимписките игри, има над 970 заболени, но тука се бројат и оние 700 оф бродот „Дајамонд Принцес“. Во јапонските болници досега се регистрирани 12 починати лица.

САД ново жариште?

На другата страна од светот, на Блискиот Исток, најпогодена земја е Иран, со илјада заболени, меѓу кои и потпретседателот на државата Масум Ебдегехар. Официјално има над 60 починати, а меѓу нив е и еден од високите советници на ајатолахот Хамнеи.

Како ново жариште се појавува САД, односно тамошниот северозапад. До скоро Американците немаа регистрирано заболени сега во два дена има над 70 случи и шест починати- сите во сојузната држава Вашингтон.

Според СЗО, сега бројот на новите случаи од коронавирусот, надвор од Кина, се девет пати повеќе отколку оние на кинеската територија, каде и натаму жариштето останува да бидат градот Вухан и провинцијата Хубеи. За вирусот, здравствените експерти велат дека е „оригинален“, затоа што досега не е забележано еден вирус толку лесно и толку брзо да се шири од човек на човек.

Возрасните и мажите

Од друга страна, примерите и искуствата од Кина, а и од Европа, во Италија, покажуваат дека коронавирусот, како и грипот, напаѓа многу повеќе возрасни и стари луѓе, како и хронично болни, а многу помалку млади луѓе и речиси воопшто не деца.

Далеку најбројни меѓу починатите се оние на 80, или повеќе години. Дури двојно повеќе и од оние во нивните седумдесетти години. Сознанијата на СЗО покажуваат дека заразените и жртвите биле заболени од кардиоваскуларните болести и дијабетес, од болести на органите за дишење и со висок притисок.

И уште нешто – мажите се без малку, двојно побројни како заразени, заболени и починати, од жените.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе