Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Белорусија се присилува на интеграција со Русија“

Curioso Travel Photography/BigStock.com

„Белорусија се присилува на интеграција со Русија“

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека неговата земја се „присилува на интеграција“ со Русија, иако тоа треба да биде интеграција на економиите на двете земји, со целосно почитување на суверенитетот и независноста на Белорусија.

„Ние сме посветени за уредување на вистинска интеграција, а сме против присилување на интеграција“

…рекол Лукашенко, по разговорот што го имал со претседавачот на Евроазиската економска комисија, Михајло Мјасникович.

Руска ЕЕЗ/ЕУ

Евроазиската комисија треба да биде нешто налик на некогашната ЕЕЗ (Европската економска комисија), или на сегашната Европска Унија (ЕУ), во функција и под контрола на Москва.

Нејзината цел е да не се дозволи поранешните советски републики, сега независни држави, да се свртат кон Западот, како што тоа го имаат направено трите балтички држави, или како што тоа се обиде во 2014 година Украина, па доживеа да го загуби Крим и да нема никаква контрола врз источните провинции, во некогашниот Донбас.

Ваквата изјава на Лукашенко покажува дека односите меѓу Белорусија, до скоро најлојалниот партнер на Москва, по распадот на СССР, и Русија на претседателот Владимир Путин, остануваат и натаму затегнати. Официјален Минск ја обвинува руската страна дека Москва не сака економска интеграција, туку политичка, со целосно губење на белоруската независност. Онака како што тоа се случи со украинскиот полуостров Крим.

Белорусија не прифати ниту уредување на две руски воени бази на својата територија, на што Русија одговори со прекинување на испораките на евтина нафта и гас што досега ги користеа. Москва, исто така, го запре и издавањето на државните кредити за Белорусија, со мали камати и поволни услови.

Минск против политичка интеграција

Во Москва ги отфрлаат ваквите обвинувања на Лукашенко. Според руската верзија на случувањата, она што Русија бара е само поцврсти економски врски, без да се опфаќа и политичкото интегрирање.

Лукашенко, кој со цврста рака веќе 25 години управува со земјата, единствена во Европа во која нејзиниот Парламент нема опозициски пратеници, сепак, тврди дека Белорусија нема против да се уреди „економска интеграција“ со Русија.

Впрочем, тој потсетува дека токму белоруската страна, самата тоа го има сугерирано уште во деведесеттите години на 20 век, по распадот на тогашниот Советски Сојуз. Меѓутоа, се спротивставува државата да биде „проголтана“ од големата Русија и да ја загуби својата сувереност и независност.

Локалните аналитичари веруваат дека зад силниот притисок на Москва кон Минск, сепак, постои нешто друго. Се верува дека станува збор за дел од стратегијата за останување на Путин на власт и по истекот на неговиот сегашен мандат, во 2024 година. А, во таа стратегија е планот токму Путин да биде претседател и на „новата држава“, во која кон Русија (покрај Крим) би била придодадена и Белорусија.

(М.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе