Русија одново се меша во изборите во САД?
Американските разузнавачки агенции предупредуваат дека Русија се обидува да му помага на претседателот Доналд Трамп да биде одново избран, на претседателските избори во САД, во ноември оваа година – јавуваат американските медиуми, повикувајќи се на еден брифинг, зад затворени врати, во Комитетот за разузнавање на Конгресот.
Брифингот се одржал на 13 февруари, а една недела подоцна, претседателот го смени од функцијата директорот на сите разузнавачки служби, Џозеф Мекгвајар.
Двајца неименувани функционери на американската администрација за весникот „Њујорк Тајмс“ изјавиле дека смената на Мекгвајар и појавувањето на вестите за (повторното) руско „мешање и во овие избори“ било само „чиста коинциденција“.
„Цврста позиција“
Медиумите, меѓутоа, потсетуваат дека Мекгвајар беше кандидат за да остане да остане на таа висока функција во разузнавачкиот сектор и тврдат дека Трамп го сменил мислењето кога разбрал за брифингот и посебно за главната тема за која се расправало, што претседателот го има оценето како „нелојалност“ на персоналот што го поставил.
„Њујорк Тајмс“ тврди дека претседателот бил „посебно налутен“ што на тој брифинг бил присутен и демократскиот конгресмен Адам Шифт, кој инаку го раководеше процесот на импичментот во Долниот дом на американскиот Конгрес и практично, беше во улогата на „главен обвинител“.
Републиканците во Комитетот за разузнавање и овој пат сите, го бранеле Трамп.
Според нив, претседателот веќе има заземено „цврста позиција” кон Русија, а врските со Европејците и вкупната безбедност се засилени, токму како последица на таквата (цврста) позиција.
Деманти од Трамп и од Кремљ
Конгресменот Шифт на својата страница на Твитер има запишано дека „доколку Трамп на било кој начин го попречува разменувањето на информациите меѓу американските разузнавачки агенции и Конгресот, во кои има сознанија за било какво странско мешање во изборниот процес, тогаш претседателот ја доведува во опасност можноста да се спречи таквото мешање“.
Претседателот Трамп го отфрли ваквото пишување на водечките весници во САД. Според него „станува збор за уште една неточна кампања“, како и за лажни тврдења, за што ги има обвинето неговите политички противници од Демократската партија.
Со демант веднаш се огласи и официјална Москва, а портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков рекол дека соопштенијата од конгресното тело се „параноични“ и целосно невистинити.
Нов шеф на разузнавачките служби
Како и да е, претседателот на САД веднаш именува нов човек за директор на сите разузнавачки служби.
Тоа е Ричард Гренел кој во моментот е американски амбасадор во Германија, а од есеноска е придодаден и како своевиден „олеснувач“ во настојувањето да се обнови српско-косовскиот дијалог и да се изнајде конечно мировно решение – со меѓусебно признавање на двете земји.
Во таа улога Гренел е заедно со специјалниот пратеник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер.
Впечаток е, меѓутоа, дека и Белград и Приштина повеќе очекуваат од Гренел кој важи за сојузник и поддржувач на Трамп и е поблизок до Белата куќа.
Демократите во САД, пак, токму поради неговата блискост со Трамп, не се воопшто воодушевени од неговото поставување на новата функција.
Тие од порано му имаат забележано затоа што ги има отфрлено како неточни обвинувањата за „руско мешање“ во изборите во 2016 година, како и затоа што го има поздравено растот на крајната десница во Европа.
Засега не се знае до кога Гренел ќе ги задржи своите сегашни, вкупно три, функции.
(Д.В.)