Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Би-Би-Си се бори за да преживее !?

TK Kurikawa/Bigstock/com

Би-Би-Си се бори за да преживее !?

Една од најголемите и најпознатите телевизиски компании во Британија и во светот, британскиот јавен сервис Би-Би-Си , се соочува со „ сурова битка за преживување“ – пишуваат европските и американските медиуми.

Според овие медиуми, во време кога се приближува сто годишнината од постоењето, компанијата се соочува со „ политичко непријателство без преседан“, има напишано американскиот Си-Ен-Ен, објаснувајќи дека владата на ториевскиот премиер Борис Џонсон, се заканува да ја остави оваа британска медиумска компанија без јавните ( државните) фондови, а тоа би значело длабоко скратување на нејзината програма.

Станува збор за постапката што ја покрена Џонсон за, како што се вели,  преиспитување на системот на телевизиска претплата, што би можело да заврши дури и со укинување на претплатата. Ваквиот однос на премиерот-конзервативец, инаку поранешен новинар,  не е новина во британската политика, затоа што од поодамна на ториевците од десното партиско крило Би-Би-Си  им пречи поради својата пролиберална позиција, која десницата во оваа партија ја прикажува како, наводно, анти-ториевска.

Кога десницата е засилена, како што е тоа сега, се отвора прашањето за тв претплатата која во типично балкански стил, се повеќе се политизира.

Во Британија претплатата ја плаќа секое домаќинство и тоа е задолжително. На годишно ниво таа изнесува 154,5 фунти, а се плаќа во 12 месечни рати. Неплаќањето повлекува со себе казна, која може да биде дури и затворска. Има такви кои се обвинети за неплаќање, но само петмина во 2018 година завршиле во затвор.

Од претплатата, Би-Би-Си собира милијарди фунти секоја година, а со тие пари се финансира богатата информативна програма која е поставена на глобално ниво, документарните и научните програми, како и разните забавни програми. Дури 75 отсто од својот буџет од 4 милијарди фунти, оваа комапнија го собира од претплатата. Другите средства доаѓаат од разни комерцијални зделки.

Првото скратување ќе се почувствува уште оваа година, за 250 милиони фунти, затоа што владата определи претплата да не плаќаат луѓе постари од 75 години. Британскиот премиер, освен тоа, најави дека сака и да се престане со праќање на луѓето во затвор за неплаќање тв претплата. Тоа пак би можело да отвори вентил за „ доброволно“ плаќање што , според луѓето во компанијата, би значело закана од банкротство на секако најпознатата ваква компанија во Европа.

Макрон: Не може да сме помалиот партнер

Францускиот претседател Емануел Макрон одново ги разбранува духовите во транс-атланските односи меѓу Европа и САД,  откако на Конференцијата за безбедност во Минхен зборуваше за тоа дека Западот „ слабее“. Тоа требаше да биде и полемичка реакција на Париз на излагањето на американскиот државен секретар Мајк Помпео кој, пак, во баварскиот главен град порача- Западот победува и победуваме заедно.

Емануаел Макрон

Несогласувањата меѓу Париз и Вашингтон избувнаа уште во ноември 2019 година, по американско-турската интервенција во Сирија. Таа го натера Макрон да изјави дека ( во вакви услови) НАТО е во кома, затоа што две земји членки не ги известиле другите во Алијансата, за што се подготвуваат, а според член 5 , сојузниците би требало да интервенираат доколку , на пример, Сиријците ја нападнат Турција.

На францускиот претседател му пречи „ некоординацијата„ во однесувањето на двете големи и моќни членки, па и тогаш, а и сега во Минхен, Макрон се спротивстави Европа/ЕУ да биде ставена во улогата на „помалиот партнер“ ( на САД). Тој смета дека на Европа и е неопходно да се обезбеди да дејствува независно од Вашингтон, иако  Макрон смета дека и натаму ЕУ треба да го подржува НАТО .

Во оваа прилика, Французинот прати порака и до Европејците забележувајќи дека за сите овие идеи „ нестрпливо очекува“ едно европско решение. Не зборувал за европска војска, но се заложил против политиката на конфронтација со Русија, која би требало да се замени со дијалог. Како тоа да се направи кога работите тргнаа на лошо, по руската анексија на Крим во март 2014 година и руската побуна во Луганск и Донецк, во источна Украина, по што уследија санкции на Западот кон Москва, што се уште во сила.

Мајк Помпео, меѓутоа, во Минхен зборуваше за Русија, Кина и Иран како за држави кои сакаат да создадат империи користејќи ја кибернетиката за ширењето влијание низ светот.

Безос: 10 милијарди долари за борба со климатските промени

Американскиот милијардер Џеф Безос соопшти дека дава донација од десет милијарди долари за борбата против климатските промени.

Најбогатиот човек во светот изјавил дека парите што ги издвојува , може да се употребат за финансирање на работата на научниците, но и за активностите на бројните активисти и разните еколошки групо кои настојуваат да се покрене светската јавност за потребата да се запрат климатските промени.

Безос се смета дека поседува богатство што се проценува на 130 милијарди долари, па неговата донација против климатските промени изнесува 8 отсто од неговото богтство. Ова не е прв пат Безос да се јавува како донатор- во 2018 година тој издвоил две милијарди долари за да им се помогне на бездомните семејства во САД и за изградба на нови училишта.

Одлуката на сопственикот на Амазон доаѓа по бурните случувања на планетата Земја, кои научниците ги врзуваат за климатските промени.

Рекордно високите температури од 20 степени Целзиусови измерени на Антарктикот, незапаметените шумски пожари во Австралија, најтоплата зима во Русија во последните 150 години, како и пресушувањето на реката Замбези во Африка што предизвика водопадите Викторија да останат без вода.

Во целото ва време, продолжува топењето на мразот на Северниот и на Јужниот пол, што предизвикува постојан раст на нивото на морињата и океаните.

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе