Том и Џери наполнија 80 години
Познатите цртани ликови – мачорот Том и глувчето Џери – палавите непријатели и другари, во исто време, со кои се израснати цели генерации ширум САД и светот, наполнија 80 години.
Сместени да живеат под ист покрив, во една иста семејна куќа, тие постојано измислуваат начин за бркање, тепање, надмудрување, но и за игра и другарување, затоа што (сепак) не можат едниот без другиот, тие двајцата во изминатите осум децении, станаа едни од најпознатите и најпопуларните ликови на цртаната филмска продукција на Холивуд.
А, родени се од немајкаде. Од настојувањето на одделението за цртани филмови на компанијата МГМ, по секоја цена, да понуди нешто на пазарот, што би било еднакво на она што другите компании веќе го имаа со Мики и Мини Маус, или со Пајо Паторот и другите.
Задачата им била дадена на тогаш младите цртачи-аниматори Бил Хана и Џо Барбера. Требало да смислат „нешто“ со мачки и глувчиња кои постојано се бркаат. И тие двајцата ги креираат Џаспер и Џинк.
Првиот филм е произведен во 1940 година, под наслов “Puss gets the Boot” и веднаш доживува голем успех кај публиката. Таа година бил номиниран и за Оскар.
МГМ бара од авторите да забават малку по првиот успех, но кога публиката почнала да притиска за уште филмови, Хана и Барбера ги прекрстуваат ликовите во многу поедноставните имиња – Том и Џери – и почнуваат да создаваат цела низа од над 100 филмови. Дури седум пати мачорот и глувчето кое многу често го надмудрува Том, се наградени со Оскар.
Кога МГМ го затвора студиото за цртан филм, Хана и Барбера продолжуваат сами, со свое студио и остануваат заедно до крајот на нивните животи. Бил Хана умира во 2001, а Џо Барбера во 2006 година. Во 2005, Барбера сам има направено филм за Том и Џери, единствен кој е произведен без неговиот партнер и другар.