Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

„Дајамонд Принцес“ – после Вухан со најмногу заразени!

junce/BigStock.com

„Дајамонд Принцес“ – после Вухан со најмногу заразени!

Кина, Светската здравствена организација (СЗО) и светот и натаму не можат да се справат со раширената епидемија од смртоносниот коронавирус.

Вирусот за кого прв пат се слушна уште во декември, од еден лекар во Вухан, а неговото предупредување остана без одглас кај властите кои тоа го имаат оценето како ширење „вознемирувачки и лажни вести“, во изминатите четириесетина денови стана нерешлив проблем за Кина и тамошното здравство, а прерасна и во сериозна глобална закана.

Пред се, како закана за здравјето на луѓето, која сега се претвора и во еконономско-финансиска на светско ниво.

Во Кина, колку што се знае досега, се регистрирани 42.200 заболени со коронавирус (од нив 27 се странци), додека други 188 илјади се ставени под медицинска опсервација. Официјално, над 1.000 лица се починати, од кои само двајца надвор од кинеската територија – еден пациент во Филипини и уште еден во Хонг Конг – а понеделникот беше прогласена како досега најсмртоносниот ден.

Само во тој ден, во кинеската провинција Хубеи починале уште 103 пациенти. Почина и младиот лекар кој прв предупреди за појавата на „нов и досега непознат вирус“, а неговата смрт предизвика гнев и бранување на локалните социјални мрежи.

Драмата со крузерот

Експертите на СЗО проценуваат дека тоа би можел да биде „врвот на ледениот брег“ на кризата со коронавирусот, особено што веќе неколку денови бројот на ново инфицираните се стабилизира, што ќе рече, не расте, како што беше досега.

Но, никој, ниту во Кина, а уште помалку надвор од неа, се осмелува да зборува дека најлошото е веќе поминато.

Пред се, затоа што во близината на јапонскиот брег, наспроти пристаништето Јокохама, трае драмата со патниците и членовите на бројниот екипаж на крузерот „Дајамонд Принцес“ што веќе две недели се наоѓа во карантин.

Ако е точно дека на кинеска територија се стабилизира растот на нови инфицирани, на овој брод на кој има 3700 патници, бројот на инфицираните и новозаболените продолжува да расте – забрзано.

Регистрирани се нови 60 заболени, па сега вкупно 135 лица кои се на крузерот се опфатени со епидемијата.

Тоа го прави ова пловило, инаку предвидено за туристички патувања, за провод и прошетки, во опасно место за престој, како најмногу заразената локација (територија) со коронавирусот, на глобално ниво, после, секако Кина.

Со новите регистрирани случаи, една третина од сите пациенти од коронавирусот (надвор од Кина) се токму на „Дајамонд Принцес“.

Заразени и без престој во Кина

Тоа го покажуваат и сознанијата на СЗО. После Кина и на овој крузер, најмногу заразени и заболени има во Јапонија, која и затоа има воведено мошне строги стандарди околу третманот на луѓето на бродот.

Досега јапонските власти имаат сознанија за 96 заразени лица на својата територија. Потоа следуваат Сингапур (43), па Тајланд (32) и Јужна Кореја (27). Натаму се Тајван и Малезија (со по 18) Австралија 15 и САД 12 заразени.

Во Европа, за среќа, засега коронавирусот само посредно има зафатено неколку држави.

Најмногу заразени има во Германија (14) и во Франција (11). Во Велика Британија која има широко раширена комуникација со Азија и посебно со југоисточниот дел на овој континент, засега има осум пациенти.

Само во понеделникот се регистрирани четворица нови, а две амбуланти со лекари од општа практика – во Брајтон и во Нортампшир – се затворени, затоа што од ново заразените, двајца се од нивниот здравствен персонал.

Сите имале контакт со еден бизнисмен кој штотуку се вратил од Сингапур, каде престојувал службено. Според лондонските медиуми, дури 11 „сомнителни случаи“ сега се врзуваат за овој човек, за кого се вели дека може да се нарече „супер раширувач“ на заразата.

Другите европски случаи до овој момент, се меѓу еден, до тројца заразени, регистрирани во Шпанија, Италија, Белгија, Русија, Финска и Шведска. Она од што експертите сега стравуваат е појавата заразата да ја шират луѓе кои воопшто и не биле во Кина, а не во Вухан. Како овој Британец, носител на вирус, добиен во Сингапур.

Еден патник има раширено зараза

Здравствената криза и епидемијата на крузерот почнала откако бродот кој застанал во Хонг Конг, оставил патник за кој се испоставило дека бил заразен со коронавирусот. Тој еден ги има направено сите 3700 луѓе, заробеници на вирусот. Сите заболени веднаш се префрлаат од бродот во околните болници на јапонското копно, но како стојат сега работите, заразата на крузерот не може да се стави под контрола.

Американската телевизија Си-Ен-Ен објави разговор, со жива слика, преку мобилен телефон, со едно американско семејство кое е во карантин, затворено во нивната семејна кабина. Тие ја објаснија својата ситуација, но зборуваа и за состојбата со другите на бродот, прифаќајќи дека острите мерки на претпазливост се неминовност, особено што наеднаш, бродот изгледа како да стана мал епицентар на заразата.

Составот на патниците е интернационален, а таков е и на посадата и персоналот кој ги опслужува туристите (меѓу нив има и луѓе од државите на екс Југославија, а и македонски државјани). Сите се наоѓаат во „силно заразена зона“ и затоа нивното напуштање на крузерот се уште останува неизвесно.

Политичка злоупотреба

И во една таква ситуација некои во Македонија, преку телевизиите на националистичката опозиција, ја користат ситуацијата за да собираат ситни политички поени, критикувајќи ја власта за наводната „незаинтересираност“ за судбината на нашите државјани на овој брод. Другите во нашето најблиско соседство тоа не го прават, затоа што е сосема јасно дека во случајот на една ваква епидемија и здравствена глобална закана, нема место за политички игри.

Но, нема место ниту за ширење лажни вести, за неточни и половични информации. На тоа на неколку пати досега има предупредено и самата Светска здравствена организација.

Впрочем, еден друг таков крузер стоеше закотвен и во карантин, наспроти Хонг Конг. По истекот на рокот за чување во карантин, здравствените власти дозволиле неговите патници да може да излезат на копното, меѓутоа, дури откако сите патници и членови на екипажот одново не биле детално прегледани дали некој можеби не е заразен со опасниот вирус.

Крузерите под блокада?

Паниката што ја предизвика „Дајамонд Принцес“ предизвика без малку блокада на оваа раширена, популарна и профитабилна индустрија со крузерите по светските мориња.

Сите пловења околу Кина и реонот на Далечниот Исток сега се на „стенд бај“. Луѓето ги откажуваат своите планирани туристички патувања во тој дел од светот, а Јужна Кореја самата забрани влегување на крузери во нејзините пристаништа.

Во Кина, пак, во понеделникот милиони Кинези се вратија на работа, по одбележувањето на лунарната Нова година и празниците кои овој пат поради вирусот се оддолжија, за да се спречи уште поголемо ширење на заразата. Властите велат дека и натаму се во сила сите строги мерки на претпазливост, вклучувајќи го растегливото работно време, како и селективното отворање на работните места.

Државните медиуми за прв пат го прикажаа и кинескиот лидер Си Јинпинг, за време на неговата посета на една болница во Пекинг во која се сместени пациентите заразени со вирусот. Тој на сликите е со маска и се гледа како му била мерена температурата на телото. Досега, кинескиот лидер се немаше појавено во јавноста.

Одново вирус „создаден“ во Кина

Коронавирусот избувна во Вухан, главен град на провинцијата Хубеи.

Во градот живеат десет милиони жители, а тој е и еден од носечките центри на кинеската индустрија. Но, сега е познат како епицентарот на смртоносниот вирус кој со голема брзина се рашири низ цела Кина и низ светот. Неговите жители со недели се „заробени“ во карантин.

Здравствените експерти тврдат дека жариштето бил еден од локалните пазари. На него се продавал и жив добиток, но населението на него редовно носело за продавање и диви животни. Изгледа дека токму од едно од дивите животни „тргнал“ вирусот.

Изминатиот викенд, коронавирусот ја надмина смртноста што ја предизвика САРС, во 2003 година. И овој вирус, исто така, се појави и се рашири низ светот, од Кина. Тогаш, крајниот биланс од епидемијата изнесуваше 774 мртви.

Сервис-Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе