Србија со „најсмртоносен воздух“ во Европа
Република Србија има највисок процент на починати лица како директна последица на загадениот воздух во нејзините градови во Европа – покажува истражувањето на глобалната Асоцијација за здравје и за загадување. Тоа значи дека воздухот во оваа држава е исклучително загаден, со висок процент на јаглен двоооксид, што и придонесува да биде означен и како „најсмртоносен“ на Стариот континент.
Според сознанијата на локалните експерти на кои се повикуваат европските медиуми, високата загаденост на воздухот посебно била видлива оваа зима, особено во Белград, во деновите кога главниот град беше целиот завиен во густата магла.
Застарено греење
Смогот во воздухот се смета дека е последица, пред се, на застарениот и крајно нееколошки систем на греење, со користење на јагленот и на мазутот. Со него се затоплуваат не само сите градски топлани, туку и луѓето во своите приватни домови, во градот, во околината на Белград, но и низ целата држава.
Силен загадувач, посебно во внатрешноста, е и индустријата, целата главно оставена како во времето на поранешна Југославија, што се однесува до еколошките стандарди и грижата за човековата околина.
Ситуацијата битно не се менува и покрај тоа што некои од овие капацитети имаат поставено системи за прочистување на воздухот – коментираат домашните експерти, во изјавите за западни медиуми.
Конечно, за високата загаденост на српскиот главен град, голем удел имаат и бројните автомобили и други возила кои се движат низ неговите улици. Добар дел од нив користат дизел гориво и имаат застарени мотори кои во ЕУ не би ги поминале еко-тестовите. Густината на сообраќајот посебно е висока, а загаденоста станува критична во т.н. „шпицеви“ а како една од најцрните градски точки се смета мостот што ги поврзува стариот и новиот дел од Белград, познат кај неговите жители како – „Бранков мост“.
Белград без решение
Главниот град на Србија има загрижувачки загаден воздух, иако во градскиот сообраќај покрај автобусите, се вклучени и трамваи и тролејбуси кои наместо бензинот или нафтата, користат струја. За белграѓани тоа, сепак, не е доволно па бараат градските власти, но и српската влада да се вклучат во борбата за почист воздух.
Привремено, тоа би била набавка на нови, еко-автобуси, наместо на сегашните. За екстремните интервали на голема загаденост, посебно во Белград, се смета на определување вонредни мерки против аеро-загаденост и при тоа се користи примерот на Скопје, кога во деновите на висока концентрација на опасни честички во воздухот, една од мерките е што превозот во градскиот сообраќај е бесплатен, а паркирањето на возилата во центарот е двојно поскапо.
Има предлози и за тоа во таквите денови да се ограничи сообраќајот во централното градски подрачје, како што тоа го прават низа европски градови, или пак да се воведе систем на возење пар-непар, според табличките на автомобилите, како во некои градови во Азија. Белград засега не практикува ништо од тоа, а градските власти дури сега, започнаа да им препорачуваат на луѓето-пешаци да носат маски, што и за прв пат се увезуваат.
Зимскиот смог проблем на регионот
Луѓето, меѓутоа, собрани во разни здруженија кои водат кампања за почист воздух и за заштита на човековата околина, најмногу се гневни на сопствениците на приватните возила. Едно истражување на улиците на Белград покажало дека најголем број од автомобилите се движат сам со по едно лице – возачот. Овие активисти сугерираат да се користи велосипедот, за одење на работа, на пример, но таквата кампања, велат, досега пропаѓала поради опседнатоста со статусниот симбол – автомобилот.
Загадениот воздух, а пред се, зимскиот смог е проблем и во целиот регион на Западен Балкан. Србија е пред сите другите, според глобалната Асоцијација, но ситуацијата е мошне лоша и во БиХ, а посебно во главниот град Сараево и во Тузла, каде е сконцентрирана токму „загадувачката“ индустрија.
Меѓутоа постојат сомнежи дека работите ќе можат да се подобрат во еден пократок рок – посебно кога станува збор за менување на системот на греење и на затоплување на домовите и на канцелариите.
„Србија и нејзините луѓе не се доволно богати, за да сега им се забрани да се греат на јаглен, на дрва или на мазут, како што тоа го прават со децении“ – сметаат некои од власта, а такви резерви искажуваат и експерти. Владата, сепак, се труди на јавноста барем да и порача дека води грижа за квалитетот на воздухот, на што патем е обврзана и со преговарачкиот процес за влез во ЕУ, затоа што за екологијата постои едно цело поглавје.
Тешкотии со стратегијата на ЕУ
Како изговор за западно-балканците може да ја користат состојбата и во Европа и во самата ЕУ. Стратегијата на Брисел лимитирањето на емисијата на опасни гасови и јаглен-двооксид, да се врзе за до крајот на 2030 година, тешко добива поддршка д земјите-членки. Полска веќе има ставено вето на рокот, инсистирајќи тој да биде продолжен до 2050 година.
Владата во Варшава смета дека не може туку така да се откаже од јагленот и од целата индустриска база на југот од земјата, без разлика што токму тоа подрачје е најзагадениот дел од Унијата, блиску до нивото на балканските држави.
Дури и Германија настојува определениот рок да биде поместен, иако оваа голема и најбогата членка на ЕУ користи и атомска енергија, како и гас и ветерници за добивање на енергија за нејзината индустрија и за струја.
Во целата оваа работа се вклучува и Светска банка која во регионот на Западен Балкан, на пример, би можела да се вклучи со финансирање проекти за користење на обновливи извори на енергија, со префрлање на биомасата како основен енергенс.
Забрана на возила на нафта и бензин?
Екологијата, запирање на климатските промени и битката за чист воздух, во Европа веќе станаа голема политика. Новата Европска комисија сите овие прашања ги стави високо на својата агенда во следните пет години, откако европските гласачи им дадоа далеку поголема доверба од порано на партиите на Зелените. Многу од овие партии влегоа како коалициски партнери и во европските влади.
Брисел, затоа, предвидува многу повисока стапка во следниот европски буџет до 2026 година, за финансирање на еко-проекти и за покривање на загубите на земјите од затворањето на нивните сегашни капацитети кои загадуваат. Посебно, кога станува збор за Истокот од Европа, каде тој проблем е многу потежок од оној на Западот.
Велика Британија, пак, сега како земја надвор од ЕУ, прави своја програма и со неа предвидува забрана за возење автомобили на дизел гориво, бензин и на т.н. хибридни возила, до крајот на 2035 година.
Претходно, крајниот рок изнесуваше до 2040 година. Измената е направена за да се достигне планираното – во 2050 во Британија да има „0“ процент на емисија на јаглен-двооксид во воздухот.
(С.Г.)