Коронавирус „совладан“ со лекови за СИДА
Тајландски лекари тврдат дека успеале да излекуваат пациент со коронавирусот со кој се заразил во кинескиот град Вухан, користејќи при лекувањето комбинација од антивирусни лекови, при што доминантни биле препаратите за лечење на болни од СИДА.
Според американските медиуми кои се повикуваат на Министерството за здравство во Тајланд, лекарите во болницата во главниот град- Бангкок, употребиле своевиден „коктел“ од лекови во кој покрај оние против СИДА, имало и лекови за вируси од грип.
Станува збор за лекувањето на една 71 годишна жена која била доведена во болницата во многу тешка состојба. Откако лекарите почнале со нивната „ коктел“ терапија , мошне брзо било забележано подобрување кај заболената пациентка. „ Состојбата на жената се подобрила во рок од само 48 часови“- соопштила болницата.
Во специјална изјава на тајландското министерство се вели дека последните лабораториски анализи покажале во системот за дишење на заболената жена, повеќе го немало коронавирусот.
Веста за успехот на лекарите во болницата во Бангкок доаѓа по онаа за смртта на првиот заразен со овој вирус , надвор од територијата на Кина. Тоа е еден 44 годишен Кинез кој работел и живеел на Филипини, а претходно престојувал во Вухан, епицентарот на заразата. Починал од тешко воспаление на белите дробови.
Засега е потврдено дека во над 20 држави, не сметајќи ја Кина, има 157 заболени и најголемиот број од нив се Кинези и лица кои престојувале во заразениот град, но на глобално ниво, според американските медиуми има 20.000 случаи на коронавирусот.
Во самата Кина, пак, според официјалното признание на кинеските власти, до правењето на овој текст, имаше над 17.200 заболени. Таа бројка постојано се менува, затоа што кинеските здравствени власти се уште не може да се справат со заразата. Регистрирани се вкупно 426 починати лица, пред се, во Вухан и провинцијата Хубеи.
Светската здравствена организација (СЗО) која и самата забавено реагираше на избувнувањето на заразата, прогласи глобална вонредна ситуација.
Незапирливото ширење на коронавирусот предизвика веќе сега, бројот на мртвите, да биде поголем од оној од вирусот САРС на почетокот од двеилјадитата година, од кој починаа 349 лица. Коронавирусот избувна во почетокот од декември, во Вухан, град од десетина милиони жители, на еден од тамошните пазари за жива стока, на кој луѓето носеле и продавале и диви животни.