Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Литии со политичка заднина

Fotokon/BigStock.com

Литии со политичка заднина

Религиозните литии кои ги организира Српската православна црква (СПЦ) низ градовите во Црна Гора, продолжуваат и натаму да ја наелектризираат политичката и безбедносната атмосфера во државата.

Тоа, покрај тензиите во и околу Косово, кои повремено излегуваат на површина, придонесува да се одржува ситуацијата на постојана напнатост и во регионот што сега се нарекува Западен Балкан.

Подгорица, како и Белград кој од почетокот е на страната на СПЦ, поддржувајќи ја во расправијата со црногорските власти, во настојувањето да го задржи досегашниот, едновековен привилегиран статус – за единствена православна црква во Црна Гора – продолжуваат со борбената реторика, иако и двете страни, во јавните настапи, зборуваат дека прават напори за смирување на ситуацијата.

„Лудачко движење“

Претседателите на Црна Гора и на Србија – Мило Ѓукановиќ и Александар Вучиќ – се сретнаа во Ерусалим, на маргините на годинешниот Светски форум за холокаустот, за да ја разгледаат сегашната длабока криза во нивните односи. Се мислеше дека таа нивна средба „во четири очи“ ќе помогне за смирување на тензиите, но на тој разговор, очигледно, ништо не е постигнато. Вучиќ за својата јавност има речено дека двајцата разговарале, но дека големите разлики меѓу нив останале.

Веднаш по тоа, се случија неколку инциденти- на пречекот на црногорските ватерполисти во Подгорица, па потоа претепувањето на едно момче (од националистички побуди), како и каменувањето на автобус закитен со црногорски знамиња.

За сите овие настани, Ѓукановиќ ги обвини контроверзните литии на СПЦ, означувајќи ги како „лудачко движење“. На тоа од Белград, Вучиќ реагирал со зборовите дека (изјавата на Ѓукановиќ) претставува „тешка порака“. Според српскиот претседател „во суштина станува збор за намерата СПЦ да се нарече со друго име (веројатно се мисли како Црногорска православна црква) и при тоа, се да и се одземе“.

Белград ја брани СПЦ

Во својата изјава црногорскиот претседател, всушност, им порачал на Црногорците – „Не дозволувајте вашата верска слобода да се злоупотребува на начин каков што тоа го гледаме во овие денови, кој се користи за да се урне (државата) Црна Гора. Не дозволувајте да бидете дел од тоа лудачко движење“ – (мислејќи на литиите низ градовите на оваа држава).

Таквата квалификации на црковните литии што Белград ги одобрува и поддржува, меѓутоа, го предизвикаа Вучиќ да запраша – а, зашто се литиите лудачки. Значи ли дека во Црна Гора има некаква православна црква!

„Од разни извори, дури и од црковни, ние (во Белград) слушаме дека тоа не е српска црква. Па, на тој модел утре, ќе се направи таков обид и на Косово (мисли за создавање на косовска православна црква !?), како што пред Втората светска војна се правеше во Хрватска“ – има речено Вучиќ во својата груба реакција на пораката на Ѓукановиќ.

На зборовите на Вучиќ, побрза да се надоврзе неговиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ кој порачал дека, „анти-српството во Црна Гора нема да биде поздравено во Белград“ покажувајќи на тој начин дека српскиот државен врв, СПЦ ја изедначува со српството и во соседната држава Црна Гора.

Религија и политика

Затоа, сите аналитичари на спорот околу црногорскиот закон за слободата на вероисповеста се гледа со политички, а не со религиозни очи. Расправијата започна токму околу неговата основна цел- целиот црковен имот на територијата на Црна Гора да стане сопственост на државата. Тоа не значи дека било кому, па и на СПЦ, нешто ќе им биде одземено за да му биде дадено на друг, туку дека сега е правно регулирано оти вкупниот имот, па и црковниот, на територијата на оваа држава – е државен.

Државата Србија и СПЦ, како и просрпските партии во Црна Гора тоа не сакаат никако да го прифатат и инсистираат, или законот да се измени, или пак да се укине. Заканите одат до таму дека во спротивно би можело насила да се собори владата во Подгорица.
Црногорската страна, пак, онаа која себе се смета како посебна националност, различна од Србите, уверуваат дека целта на Белград е државата Црна Гора и натаму, како во минатото, да се смета за „историска српска земја“, населението како дел од српскиот народ, а СПЦ како единствена црква која би можело да постои на територијата на државата.

Обнова на ЦПЦ?

Спорот околу законот, затоа и не случајно, „експлодира“ откако Мило Ѓукановиќ најави обнова на Црногорската православна црква (ЦПЦ), како и дека за тоа ќе бара од цариградската патријаршија автокефалност, повикувајќи се на историските права од времето кога Црна Гора (по Берлинскиот конгрес во 1878 година) постоеше како меѓународно призната, независна држава- кнежевство.

Од Белград, како и од Москва веднаш остро реагираа со грубо отфрлање на таквата идеја за божемното „распарчување“ на СПЦ, особено што темата за ЦПЦ се отвори кога Вселенската патријаршија во Цариград и ја призна независноста и автокефалноста на Украинската православна црква.

А, уште повеќе кога тоа го направи и Грчката православна црква (ГПЦ). Руската црква ги прекина веднаш односите со цариградската патријаршија и со цркавата на Грција, а СПЦ уште и ја дисквалификуваше ГПЦ дека „ниту самата не е вистински автокефална„!?

Одбрана на посебноста

Литиите низ црногорските градови, кои потсетуваат на времето на Милошевиќ, затоа, не се она што и е потребно на државата во дваесеттата година на 21 век.

Не и се потребни ниту на Србија, освен ако не сака низ расправијата да се ослободи, барем за кратко, од Косово и од конечното решение што Белград не ќе може да го одлага до недоглед, доколку сака навистина во ЕУ. Или, пак, низ жестоката расправија со „братска“ Црна Гора сака да им се покаже на косовските Албанци (и на другите?) како ќе се постави Белград во финалните преговори за Косово (но, и со соседите со кои има спорови).

Конечно, кавгата меѓу Подгорица и Белград не му е потребна и на регионот. Со ваквите состојби Западен Балкан само им дава материјал на оние во Европа кои тврдат дека тој (целиот) не е подготвен за ЕУ.

Во секој случај, Белград и СПЦ не може да продолжуваат со тврдењето дека до таму до каде живее српско население, до таму е домот на српската црква. А, властите во Подгорица, колку и да може да им се поставува прашањето – дали сега е вистинскиот тајминг за покренување на сите овие напластени прашања, сепак, имаат право да ги штити своите национални и државни интереси, а над се, својата црногорска посебност.

(Д.П.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе