Прв пат – жена претседател на Грција
Катерина Сакеларопулу, поранешен претседател на грчкиот Државен совет е избрана за нов претседател на Република Грција. Ова е за прв пат во грчката политичка историја, една жена да биде шеф на државата.
На гласањето во Парламентот во Атина, Сакеларопулу добила 261 пратенички гласови, од вкупно 300 пратеници колку што учествувале во гласањето. За нејзиниот избор, освен пратениците на сега владеачката партија Неа Демократиа (НД), гласале и пратениците на опозицијата – од партијата Сириза, како и од Движењето за промени.
Тоа значи дека уште пред да почне гласачкиот процес, главните партии во Парламентот постигнале консензус околу кандидатот и за тоа таа да биде широко поддржана од пратениците.
Функцијата претседател на Грција е главно церемонијална, за да ја претставува државата и има само мали политички овластувања. Но, според грчкиот Устав, доколку Парламентот не успее да избере претседател, настанува владина криза, по која се распушта Парламентот и се распишуваат вонредни парламентарни избори.
Мандатот на новата грчка претседателка почнува на 13 март, кога истекува мандатот на сегашниот претседател Прокопис Павлопулас.