Судска забрана за олимписките објекти во Рио
1. Судска забрана за олимписките објекти во Рио
Еден бразилски суд нареди затворање на сите преостанати спортски и пропратни објекти, изградени за Олимписките игри во Рио де Жанеиро, во 2016 година.
Како причина за ваквата одлука на судот се наведува безбедноста, односно тоа што за ниту еден од нив нема доказ дека гледачите и посетителите би можеле да бидат безбедни, доколку останат и понатаму отворени за користење.
Игрите од пред 3,5 години за кои беа потрошени над 12,5 милијарди долари, останаа запаметени и по тоа што во текот на изградбата и веднаш по завршувањето на Олимпијадата беа поврзани за бројни скандали, големо пречекорување во роковите, градење на брзина и во последен момент, со корупција, како и со големо пречекорување на првично определениот износ за организацијата.
Според образложението на судот, сега тие се оставени без надзор и контрола, затоа што управата која водела сметка за нивното одржување била расформирана, уште пред една година. Објектите полека пропаѓаат, од нив се краде скапата опрема, па дури и најобичните кабли за струја.
Судот оценил дека доколку сега објектите би се наполниле со луѓе, за било каков повод, би можело да дојде до голема несреќа!
Со забраната се опфатени Олимпискиот парк, изграден во западниот, туристички дел од Рио, каде се лоцирани и Рио Арената, тенискиот центар и велодромот. Забрана е воведена и за популарниот кварт Деодоро, што е сместен 40 км. од плажата Копакабана, каде се терените за јавање, за рагби и за хокеј на трева, како и патеките за веслање во категориите кану и кајак.
2. Авион испуштал керозин над Лос Анџелес
Патнички авион на американската компанија „Делта“ предизвикал паника кај населението на Лос Анџелес, кога во текот на летањето, при операцијата за спуштање, почнал да ги празни резервоарите со гориво, истурајќи го врз делови од градот.
Посебно бил погоден еден густо населен кварт кој е на коридорот на трасата по која се спуштал авионот, во делот каде се наоѓале неколку училишта, полни со деца од различна возраст и со нивните родители кои во тие моменти биле со нив, за да ги префрлат по своите домови.
Наеднаш биле полиени со топла, а некои велат и жешка течност, „како се истура од небото“ за која според миризбата сите веднаш сфатиле дека станува збор за бензин.
Тогаш забележале дека над нив лета голем патнички авион од кој се излева горивото. Никој не е потешко повреден, но најмалку 60 деца и возрасни побарале лекарска помош. Во меѓувреме настанала и паника дека можеби авионот би можело и да се урне.
Подоцна се разбрало дека инцидентот се случил набргу по полетувањето на леталото, кога пилотите откриле дека имаат проблеми со еден од моторите. Побарале одобрување веднаш да се вратат на аеродромот, па додека авионот принудно се спуштал, пилотите почнале да го трошат горивото, испуштајќи го од резервоарите. Не е јасно како не размислиле дека керозинот од полните резервоари го истураат врз градот, врз зградите, а се покажа и врз многу луѓе, меѓу кои педесетина се деца.
Медиумите првично јавиле дека за таа постапка добиле одобрување, но подоцна се разбра дека никој не побарал од пилотите да се ослободуваат од горивото и тоа на тој начин. Авионот, инаку, безбедно атерирал на аеродромот во Лос Анџелес, а за инцидентот е отворена истрага.
3. Поништена смртната казна за Мушараф
Вишиот пакистански суд ја поништил смртната казна на која беше осуден поранешниот пакистански претседател Первез Мушараф. Според овој суд, првостепената пресуда била целосно неуставна!
Државниот обвинител сега тврди дека целата постапка се поништува, затоа што незаконско било однесувањето на обвинението, па потоа формирањето на посебен суд, како и изборот на обвинителот. Вишиот суд во Лахоре сега може да определи ново судење за Мушараф кој како поранешен началник на Генерал-штабот на армијата, на власт дојде после извршен воен удар.
Мушараф инаку беше осуден на смрт за „предавство на земјата“ затоа што во 2007 година воведе вонредна состојба во Пакистан.
Меѓутоа, Мушараф кој е во бегство, откако замина за Дубаи на лекување, го товарат и за убиството на поранешната премиерка Бенизар Буто, како и на племенскиот лидер на пакистанската провинција Белуџистан.
4. Рабин во Израел држел во ропство 40 жени
Израелската полиција уапсила рабин, под обвинување дека држел заточени, како робинки, 40 жени. Сите биле заточени во станови во еден кварт во Ерусалим, каде најголемиот број од жителите се ултра-ортодоксни Евреи.
Во полициското соопштение се вели дека биле уапсени и осум жени, за кои се тврди дека му помагале на рабинот.
Полицијата и обвинителството сега истражуваат дали уапсениот рабин, како водач на посебен култ, освен што ги држел заточени, во исто време и ги злоставувал жените, но и нивните деца кои биле со своите мајки-робинки.
Претпоставка е дека жените биле сексуално експлоатирани, дека биле изложени на тортура, на тој начин што морале да стават рака во оган, за да „видат како е во пеколот“, како и дека биле ограбувани- рабинот им ја одземал целата заработувачка, иако живееле во мизерни услови.
Култот на рабинот бил откриен случајно, откако неколку од жените побегнале и веднаш ја известиле полицијата.