Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Белград незадоволен од Брисел!?

Golden Brown/BigStock.com

Белград незадоволен од Брисел!?

Официјален Белград е незадоволен од ЕУ затоа што „бавно се отвораат поглавјата за влез во Унијата“ и го обвинува Брисел дека тоа се случува „само затоа што нема напредок во разговорите околу Косово“.

Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ во едно интервју се пожалил дека досега биле отворени „само 18 поглавја“ од вкупно 35 што треба да се поминат пред влегувањето во ЕУ. Според него, требало да бидат отворени уште повеќе, но дека Брисел не ги земал во предвид „реформите што ги има направено Србија“, туку дека само се цени според текот на преговарачкиот процес со Приштина, кој веќе подолго време е во прекин.

Независните аналитичари, меѓутоа, забележуваат дека незадоволството на шефот на српската дипломатија е за домашни политички потреби.

Проблемот е што Србија се уште целосно нема затворено ниту едно поглавје. За тоа не се криви ниту Косово и тамошната политичка елита, а уште помалку Брисел и Европската комисија, затоа што, како што се вели, вината треба да се бара кај актуелната српска власт.

Едноставно, властите во Белград не брзаат да ги затворат отворените поглавја, затоа што не спроведуваат реформи какви што бара ЕУ, а згора на се продолжуваат, со својата надворешна политичка ориентација да се седи на две столчиња. А, тоа не го одобрува не само ЕУ, туку не го сака ни САД.

Отсуство на реформи

Критики за неспроведување на реформите доаѓаат од Европската комисија, од Европскиот Парламент, а и од домашната опозиција која повеќе од една година излегува на улиците, да протестира и да го бара она на што инсистира Брисел – слобода за медиумите, ослободување на судството, независен правен систем, вистинска демократија.

Тука, секако, спаѓа и косовскиот комплекс од прашања, односно прифаќањето на новата реалност – Косово како независна држава, или како територија која веќе не е врзана со и за Србија. Што е реалност уште од февруари 2008 година.

Освен тоа, Србија иако е во фазата на преговори со ЕУ, што ќе рече, е во фаза пред една Македонија или Албанија, кои за датумот на таквите преговори ги блокира Франција, се наоѓа во ситуација на политички судири, прекугранични кавги и „историски“ расправии со сите свои соседи од екс Југославија. Последната таква вербална „војна“ за религијата, историјата и за митовите е во тек со Црна Гора, што само по себе би ја дисквалификувало дури и да го почне преговарачкиот процес.

Конечно, тука е и стратешкото партнерство на Србија со Русија и одбивањето на Белград да се приклучи на санкциите на ЕУ кон Москва поради анексијата на Крим и воената интервенција во источна Украина, ѕвецкањето со оружје во регионот и забележливата милитаризација на општеството, што, пак, е во целосно спротивно на 31 поглавје од преговарачкиот процес кој се однесува на прифаќање на заедничката надворешна политика.

Без брзање кон ЕУ

Токму во овој период, Брисел, сепак, отвори уште едно поглавје со Белград (издвојувајќи и пари од европските фондови) иако Србија продолжува да ги зацврстува врските со путинова Русија, која силно работи на слабеење на единството на ЕУ.

А, целата таа на изглед апсурдна ситуација и натаму продолжува само за да се натера политичкото водство во Белград, да го затвори косовскиот потенцијален конфликт, со признавање на новата реалност во Косово, во облик прифатлив за двете страни.

Според тоа, српскиот министер нема за што да му се лути на Брисел, особено што и самиот индиректно признава дека без решение на Косово, нема Европа.

Дачиќ во споменатото интервју рекол дека за Србија и натаму останува како главна цел влегувањето во ЕУ, но и дека нема откажување од „заштитата на српските национални и државни интереси“, а главното во таквата ориентација е дека нема да има санкции кон Русија, како услов за влезот во Унијата.

Тоа, пак, значи дека за Белград политиката на две столчиња е поважна од политиката за влез во Унијата, што ако е така, и дава за право на домашната опозиција да тврди дека Белград, едноставно, не брза со влегувањето во ЕУ.

Тоа во една прилика го има признаено и премиерот Ана Брнабиќ.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе