Политика скриена зад црквата
Подгорица и Белград во новата година влегоа раскарани и со билатерални односи кои се на најниско можно ниво, какви што беа и во текот на целата мината година, кога комуникацијата за тоа кој е повеќе во право, главно, се одвиваше преку медиумите. Причините за таквата состојба на некогашните „ две очи во главата“ треба да е религијата, или Српската православна црква (СПЦ) – барем такво е објаснувањето на српската страна- но, главната причина е, сепак, политиката.
Работите тргнаа на лошо, откако Црна Гора направи радикален пресврт во својата гео-стратешка и политичка определба, па од првичната поставеност да се претвори во без малку руска територија на Јадранот, на која ќе се инсталира рускиот валкан капитал, официјална Подгорица се определи за забрзано чекорење по евро-атланската патека за интеграција со Европа.
Наместо кон Истокот, земјата се сврте кон Западот. Стана кандидат за членство и брзо потоа го започна и процесот на преговори за влез во ЕУ, отворајќи ги првите поглавја, а потоа и ја навести својата кандидатура за влез и во НАТО. Тоа ја разгневи Москва и го налути многу Белград кој се противи на ширењето на Алијансата во регионот, следејќи ги позициите на Русија дека тоа значи „дестабилизација на Балканот“. Рускиот милијардер Олег Дерипаска, мошне близок до претседателот Владимир Путин, го повлече својот капитал од Црна Гора, што само покажа дека Москва нема да помине туку-така преку „предавството“ на Подгорица и губењето на стратешката позиција за излез на “топло море“.
Неуспешен пуч
Кога во октомври 2016 година, во екот на парламентарните избори беше откриен обид за пуч во Подгорица, за да се смени власта и во оваа поранешна ЈУ република, а на власт да се донесат просрпските политички структури, антизападни, анти-НАТО и а проруски определени, беше јасно дека Црна Гора ќе плаќа за „неверството“. Уште повеќе што стана јасно дека зад обидот за пуч стојат руски и српски разузнавачки структури.
Во секој случај, сегашната состојба во црногорско-српските односи не е директно врзана за сите овие случувања, но секако е последица на изменетата позиција на државата, која во меѓувреме стана и полноправна членка на Алијансата- 29-та по ред.
А, за тоа кој прв почна, за да состојбата во односите дојдат на работ од конфликт, по стар балкански обичај, двете страни имаат крајно различни позиции.
Слобода на вероисповеста
Работите тргнаа на лошо откако во Подгорица беше соопштено дека се подготвува закон за слобода на вероисповеста. Со него, сите верски заедници во државата треба да докажат дека биле сопственици на црковен имот, пред 1918 година, односно пред Првата светска војна и создавањето на државата Југославија.
Состојбите уште повеќе се усложнија кога претседателот Мило Ѓукановиќ објави дека побарал од Вселенската патријаршија во Цариград, признавање на автокефалноста на Црногорската православна црква (ЦПЦ).
Аргументот на црногорската страна, како за законот, така и за признавање на независноста на ЦПЦ, е дека до 1918 година во Црна Гора не постоела СПЦ, па според тоа не може да се зборува за нејзин имот. Впрочем, од 1878 година Црна Гора постои како независна и меѓународно призната држава- кнежевство – со своја, посебна, автокефална црква, која уште од 1855 година била внесена во Синтагмата на тогашните автокефални цркви , а по прогласувањето на независноста на кнежевството, била дел и од неговиот Устав. Според Ѓукановиќ, тогаш и немало закон кој би дефинирал црковен имот, туку само државен, даден на управување на црквата.
Клетвите на поглаварот на СПЦ
За Белград , меѓутоа, како за СПЦ, која жестоко се спротивставува на законот и ја обвинува власта во Подгорица дека „ врши грабеж на српските имоти“ , така и за власта во Србија, која смета дека законот „ не е добар за српскиот народ“ (!) , ваквото објаснување не важи и никој на српската страна не го прифаќа.
Ѓукановиќ минатиот месец, толкувајќи го законот, има речено дека „не е точно оти било кој, било кому ќе одзема имоти“ , откако врз него во Белград се нафрли и претседателот Александар Вучиќ. Тој, пак, останува на позицијата да му суди на закон во една странска, суверена земја, врзувајќи го прашањето како да е без малку „ судбинско за Србија и за Србите“ ( во Црна Гора) , па по празниците возврати со порака дека тој и Ѓукановиќ би можеле да се сретнат и да разговараат, но дека Црногорецот треба да знае оти Вучиќ не мисли како него.
Малку е веројатно дека разговори на ова ниво, воопшто, ќе има. Уште повеќе што целата ситуација и користи на српската власт, а посебно на самиот Вучиќ за да го надградува својот патриотски имиџ и за да ја држи подалеку од себе домашната опозиција и нејзините барања за уредување на една поинаква, вистински демократска Србија.
Но, затоа, поглаварот на СПЦ Иринеј, во обраќањето на верниците по повод стара-нова година, продолжува со заканите и во оваа пригода и со клетвите до црногорската власт. Тој при тоа побарал од Црна Гора да се откаже од, како што рекол, „одземањето на светите српски места“ порачувајќи дека во спротивност, ќе навлечат врз себе „ проклетство за сите времиња“.
Иринеј се заканува
Позагрижувачко од клетвите е заканата на овој верски поглавар дека „ народот нема да се смири додека власта не се откаже од намерата- безбожници да се нафрлат врз светиот божји имот“, практично повикувајќи на протести и немири ( на Србите) низ црногорските градови.
А, ваквата реторика на црквен и на политички Белград, веќе предизвика во Црна Гора да се најдат спротивставени оние кои се сметаат за Срби и оние кои инсистираат дека Црногорците се посебна нација. „Народот е спремен да ги брани своите свети места, ако биде потребно и со своите животи“- му порачал разгневениот Иринеј на црногорскиот претседател кој меѓутоа, веќе го има потпишано новиот закон и тој е влезен во сила.
Дел од српската јавност, впечаток е дека таа е во малцинство, смета дека треба да запре ова „ лудило“ и новата кавга на Србија преку граница, сега со Црна Гора. Овие кругови во српскиот главен град му порачуваат на поглаварот на СПЦ ако тој и црквата, навистина, се толку загрижени за народот, тогаш нека погледаат што се случува во самата Србија и повремено да реагираат на тие случувања, застанувајќи во одбрана на истиот тој народ.
Непризнавање на идентитетот
Овие се, сепак, помалубројни, затоа што мнозинството во српската националистичка и политичка јавност е на старата, тврда позиција дека Црна Гора била создадена како „ српска држава“ на 13 јули 1878 година, оверена како независна на Берлинскиот конгрес.
Што се однесува, пак, до религиозниот дел на оваа кавга, овие кругови инсистираат дека СПЦ е единствената црква на православните верници во Црна Гора, па дека затоа не може да стане збор за постоење на црногорска црква, во историјата, што значи дека нема што сега да се возобновува, па уште од “еден атеист“ како што српскиот митрополит во Црна Гора го квалификува нејзиниот претседател.
Станува збор за негирање и на идентитетската посебност на Црногорците, но и на нивната државност, третирајќи ја државата како „ српска земја“. Во Белград и во делови од политичката , националистичка опозиција, се уште се зборува дека „било грешка“ што и се дозволило на Црна Гора да се извлече од заедничката држава со Србија и да прогласи независност.
При тоа, како „ аргумент“ за негацијата на ЦПЦ се користи црковниот собор од пред 800 години, во манастирот Жича, на кој бил устоличен првиот српски архиепископ Сава. На тој собор, било запишано, дека присуствувале епископи од „сите српски земји“ , вклучувајќи го и оној од средновековна Зета , што би претставувало денешна Црна Гора !?
Дачиќ брои крвни зрнца
Српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, за кого во Белград велат дека кога ќе почне да зборува, ќе направи дипломатски скандал, тврди дека Србија немала и нема претензии кон соседна Црна Гора, како и дека тоа прашање веќе е затворено. Се правда дека нема ниту еден документ на официјален Белград во кој би се навестувале претензии кон земјата, или би се заговарало повторно обединување.
Но, Дачиќ е категорчен дека законот за слободата на вероисповеста е „антисрпски и е против СПЦ“. Тој ја обновува старата српска теза (на Слободан Милошевиќ) дека Белград „ ќе го заштитува својот народ“ . Во исто време, овој министер ќе им ги брои крвните зрнца (!?) на луѓето, за тоа кој е „ вистински Србин“, откако претходно има изјавено дека “ оној во Србија, кој го брани законот од Подгорица, “не може да биде државјанин на Србија“ , нарекувајќи ги таквите „ предавници на својот род“.
Црна Гора, затоа, ја обвинува Србија за дестабилиација, а со тоа се согласува и американскиот експерт за Европа и познавач на Балканот, Јанош Бугајски.
„Црна Гора има своја црква“
Овој виш соработник на Центарот за анализа на Европа, во Вашингтон, тврди дека „ елементи во српската политика- во власта и во црквата- се обидуваат да ја поткопаат независноста на Црна Гора и нејзиното членство во НАТО“. Според Бугајски тие елементи уверуваат дека Црна Гора е дел од Србија и дека затоа нејзе и припаѓа. Тоа е многу слично со односот на Русија кон Украина, па затоа Белград и се однесува на сличен начин, како Москва кон Украинците.
Американскиот експерт верува дека Црна Гора има своја црква, независна од српската, која сега не е признаена како што тоа, од пред неколку месеци се направи со украинската црква, но Бугајски верува дека во блиска иднина „ не може да се исклучи и црногорската, да стане автокефална“.
Државата, пак, за да опстане мора да има сви институции, додека Србија не може да си дозволи да отвори судир и со Подгорица, кога веќе го има незатворениот судир со Приштина. Доколку ризикува Белград, да отвори втор фронт во регионот, ќе го блокира својот напредок кон ЕУ, што и онака стои во место, или дури да ја растресе и својата сопствената стабилност.
Москва казнува
Од друга страна, Русија не се откажува од казнувањето на Црна Гора и од намерата да ја дестабилизира, меѓу другото и за да го дестабилизира НАТО, од внатре.
За тоа, на Москва и стои на располагање српскиот национализам, како и методите што ги користеше и досега во регионот на Западен Балкан. Такви методи Русија употреби и во случајот на обидот за пуч во Македонија на 27 април 2017 година, кога во соработка со русофилските националисти во (сега) опозициските вмровци, настојуваше по секоја цена- со прогласување вонредна состојба во земјата- за да не се дозволи смена на власта по парламентарните избори.
Русија претрпе тежок пораз во Украина, со прифаќањето на автокефалноста на украинската црква, па сега не сака ( во Црна Гора) тоа уште еднаш да и се случи, преку поразот на СПЦ, зад која стојат и Руската црква и руската држава.
Таквата руска политика може да предизвика насилство меѓу Србија и Црна Гора, а од тоа нема да страда Русија, туку локалното население во Западен Балкан- проценува Јанош Бугајски.
Сервис- Скопје/Глобал