„Медена земја“ номиниран за два Оскара
Македонскиот документарен долгометражен филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е номиниран за две награди Оскар- едната во категоријата за најдобар документарен филм и втората, за најдобар странски филм, односно за филм од неанглиско говорно подрачје- соопшти во Холивуд , Американската филмска академија.
Ова е прв пат досега, во историјата на македонската кинематографија, еден наш филм да биде номиниран, една иста година, во две различни категории за оваа престижна американска филмска награда.
Претходно, за Оскар беше номиниран режисерот Милчо Манчевски, за играниот филм „Пред дождот“ во 1995 година. Пред него, номинација за Оскар имаше и режисерот Столе Попов, уште во сега далечната 1979 година, во категоријата за најдобар документарен филм, со документарецот „Дае“, но тогаш како остварување на југословенската кинематографија.
И пред овие годинешни две оскаровски номинации, кои со самото тоа што филмот е ставен меѓу петте најдобри остварувања во категориите во кои е номиниран, веќе се голем успех за него, „Медена земја“ веќе има добиено бројни признанија на меѓународната филмска сцена, па важи за еден од најнаградуваните македонски филмови.
Македонскиот филм е првиот во досегашната историја на Холивуд и на Оскарите, кој е номиниран и како документарец и како игран филм.
Според неговите автори, „Медена земја“ не е филм само за медот и за пчелите, туку и за прекумерното искористување на природата и нејзините ресурси, како и за зголемените еколошки проблеми во светот.
Во првата категорија, како документарец, нашиот филм е во конкуренција, со четири други филмови- „Американска фабрика“, „Пештерата“ , „Граница на демократијата“ и „За Сама“. Во втората категорија- за најдобар странски филм- двоецот Котевска и Стефанов се во борба со полскиот филм „Корпус Кристи“, францускиот „Клетници“, јужнокорејскиот „Паразит“ и шпанскиот „Болка и Слава“ на прославениот режисер Педро Алмодовар.
Наградите Оскар ќе се доделуваат на 6 февруари, во „Семјуел Голдвин Тиатар“ во Беверли Хилс – Калифорнија.
Најмногу номинации за годинешниов Оскар има филмот „Џокер“ – вкупно 11.