Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Иран за прв пат признава вина

SergeyCH/BigStock.com

Иран за прв пат признава вина

Ракетар, оперативец на против-воздушната одбрана на Иран, дејствувајќи „независно и самостојно“, по грешка и ненамерно, испукал ракета кон леталото кое се појавило на радарот.

Мислел дека станува збор за непријателски борбен авион, но неговата ракета, наместо во непријателот, директно го погодила патничкиот авион на украинското цивилно воздухопловство, што во тој момент забрзано се искачувал на небото, за да го фати одобрениот курс за неговиот лет од иранскиот главен град, до Киев.

Вака некако се обидел да го објасни (и да го оправда) падот на „Боингот“ на Украина, бригадниот генерал на воздухопловството на Иранската револуционерна гарда, Амир Али Хајизадех.

Во своето обраќање до домашната и меѓународната јавност, генералот уште рекол дека за трагичниот инцидент во кои загинаа сите 176 патници и членови на екипажот, а најмногу Иранци и Канаѓани, веднаш ги известил властите.

Лажење и дезинформации

Сето тоа се случуваше во деновите кога светот стравуваше дека најновото вжештување во иранско-американските односи ќе предизвика, трета по ред, војна во Заливот, па признанието на иранскиот генерал, затоа, предизвика гнев и вчудоневиденост.

Пред се, затоа што не е јасно кој и зашто дозволил полетување на еден патнички авион од техеранскиот аеродром во моментите додека се уште траел ракетниот напад на иранските сили врз две воени бази на територијата на соседен Ирак каде се стационирани американски војници, изведен, практично, низ коридорот преку кој требало да лета украинскиот авион.

Западни воено-безбедносни експерти тврдат дека имало само пет минути од последната лансирана ракета кон американските бази, до соборувањето на патничкиот авион.

Силен гнев предизвика и откритието на генералот Хајизадех дека веднаш рапортирал за тоа што се случило. Тој и не можел да го сокрие инцидентот кога на небото во поширокиот регион на Техеран можело да се види голема светлосна „топка“ предизвикана од ударот на иранската балистичка ракета во „Боингот“.

Од тоа произлегува и прашањето – зошто на властите во Иран им требаа неколку денови нудејќи дезинформации, лажење на сопствената и светската јавност, па дури и напади врз украинската посада за тоа дека таа е виновна – дека згрешила, дека имало проблеми со еден од моторите, па дека пилотите се обидувале да се вратат назад во Техеран.

Некоординираност на Иранците

А, уште од почетокот таму на сите им било јасно што, навистина, се случило. Едно цивилно летало беше ракетирано и толку луѓе беа убиени во хаосот што постои во државата. Тие се жртви на комплетната некоординираност меѓу цивилните воздухопловни власти и ракетните сили на семоќната и речиси недопирлива Револуционерна гарда и во тривластието во оваа теократска држава- поделено меѓу Гардата, исламското свештенство и државните институции.

Дејствувањето на „своја рака“ на ракетарот, како што сега се оправдува Иран, се случи во атмосферата на гнев и желба за одмазда и пресметка со Америка, по убиството на генералот Касем Солејмани, на аеродромот во Багдад, додека во ситните часови на 2 јануари се подготвувал да се врати во Техеран. Генералот беше задолжен за операции што Иран преку свои сојузници ги изведува во странство, против разни сунитски милитантни групи, но и против Западот и посебно САД. Со изведениот напад со дрон, тој, конечно, беше тргнат.

За Американците тоа беше и одмазда за нападот врз амбасадата на САД во Багдад, за кој се вели дека бил директно поттикнат од убиениот генерал.

Во Техеран, пак, каде се санираа тешките последици од социјалниот бунт на луѓето незадоволни од поскапувањето и рестрикциите на горивото, на кој властите реагираа со бруталност во стилот на некогашниот шах и неговата полиција, смртта на Солејмани добро им дојде на сите три полуги на режимот, за да се сврти вниманието на јавност од незадоволството со домашните состојби кон пресметката со „крвниот непријател“ на Иран.

Напад со „празна пушка“

Државната пропаганда покрена силна еуфорија во јавноста за единство на режимот со народот, па во таа игра со САД – на удар, да се одговори со контра удар – се чекаше на одмаздата на Техеран. И кога таа се случи, излезе дека 22 балистички ракети беа употребени само за задоволување на гордоста и суетата на Иранците и за собирање поени кај домашните луѓе и кај сојузниците.

Целата таа моќна ракетна канонада не предизвикала ниту една жртва, како меѓу американските војници и сојузничките сили, така и меѓу Ирачаните.

Сведоци велат дека немало тешки оштетувања ниту на објектите на нападнатите бази. Подоцна се разбра дека пред нападот, Иранците ги известиле Ирачаните, па сите потенцијални жртви во базите, биле евакуирани, а ракетите паѓале на празни цели!

Веднаш потоа, од Техеран се огласија дека Иран не сака судир со САД, дека одмаздата (што се однесува до Техеран) била задоволена, како и дека доколку Америка не возврати би можело веднаш да настапи де-ескалација на кризата.

Вашингтон, пак, кој преку Трамп, исто така, пред тоа, испраќаше силни закани, се задоволи со ваквиот расплет на кризата што инаку требаше да биде вовед во ограничена војна, иако неименувани извори од Белата куќа, на медиумите им дотурија информација, според која, американскиот претседател им рекол на советниците дека ќе уследи одмазднички одговор доколку во нападите во двете ирачки бази има макар и еден загинат војник на САД.

Договорена одмазда

Така или не, спогодбата постигната преку посреднички канали (Швајцарија) за – договорена одмазда – се покажа цврста, па се помина без загинати и со мала материјална штета! Па така излезе дека единствени жртви на „око- за око“ политиката на Иран и САД, се само оние несреќни патници во украинскиот авион.

Со своите животи тие луѓе ставија точка на наеднаш создадената криза во Заливот низ кој, инаку, минува една петина од светската нафта.

Канада и Украина сега бараат детални извештаи за тоа што навистина се случило, како и истрага за соборувањето на авионот.

САД и претседателот Трамп се враќаат на дневните состојби во Америка и очекуваното судење (импичмент) во Сенатот.

Иран со јавното признавање на грешката и со извинувањето на Техеран, што е прв таков гест од изведувањето на исламската револуција, пред 40 години, настојува да го поправи својот темелно разнишан углед и престиж во регионот, но еден (изгледа) не мал дел од иранската јавност – повикува на одговорност од домашната власт.

Се бараат виновници и оставки

Ова е исто така, нов момент и сосема нова ситуација во иранското општество кое не верувајќи им целосно на државната пропаганда и на она што таа им сервира, на само неколку денови по еуфоричниот погреб на Солејмани, студенти и дел од медиумите бараат одговори за соборувањето на авионот.

Сакаат да се посочат виновниците, гневни се што биле излажани од власта и што се ширеле дезинформации додека во исто време се знаело за вистинската причина за падот на украинскиот „Боинг“, а над се, бараат оставки – дури и од врховниот верски водач, ајатолахот Хамнеи.

Два дена по ред, на главните плоштади во Техеран, демонстрантите не ги газат на тлото исцртаните знамиња на САД и на Израел, што е инаку вообичаена постапка во вакви ситуации и при вака создадена атмосфера, како таа по убиството на Солејмани.

Наместо тоа, на интернет се појавиле видео клипови на кои иранските студенти извикувале – „Не лажат дека нашиот непријател е Америка, а непријателот е овде (во Иран)“! Ова е нешто што досега не е регистрирано, или пак, ако и го имало, надвор од Иран тоа никој не го знаел.

Про и контра протести

Низа весници по повод падот на авионот, имаат објавено фотографии од оддавањето почит на жртвите од соборениот авион, а насловите се „Срамота“, или пак „Неопростливо“. Провладините медиуми, меѓутоа, кои инсистираат на „чесноста на Иран, да ја признае грешката“ и за да се изгледа онака како што изгледа денешен Иран- во Техеран се одржуваат и манифестации на поддршка на генералот Касем.

На нив се обвинува САД, дури и за соборениот авион, со образложение дека доколку не беше убиен Солејмани, немаше да се создаде кризната ситуација, во која настрадаа само еден патнички авион и неговите патници.

Странски аналитичари не веруваат дека протестите со барање за оставки и одговорност ќе може да траат подолго, како што тоа обично се случува во демократски земји. Демонстрантите и сега, според странски медиуми, биле опкружени од полицијата, од специјалните сили и од членови на елитната Револуционерна гарда, кои на моторцикли ја следеле ситуацијата.

Познавачи на состојбите во Иран сметаат дека доколку организаторите се обидат овие протести да станат помасовни, многу е веројатно дека ќе уследи силен одговор од безбедносните сили, онака како што тоа се случи со неодамнешните социјални протести – кога биле убиени повеќе десетици демонстранти.

(И.Т.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе