„Мустангот“ од „Булит“ продаден за 3,4 милиони долари
Автомобилот „Форд-Мустанг“ од 1968 година, што го возеше Стив Мек Квин, во култниот холивудски филм „Булит“ – беше продаден на аукција за 3,4 милиони долари, соопшти аукциската фирма „Мекум“.
Станува збор за највисоката цена што еден „Мустанг“ ја има добиено било кога досега, од појавувањето на овој модел на „Форд“. Името на купувачот не е објавено.
Возилото користено во „Булит“ е едно од најпознатите во историјата на американскиот филм.
Овој моќен автомобил, меѓутоа, во изминатите години, од правењето на филмот, не е поправан, а не е ниту премногу одржуван. На него се уште стои неговата оригинална зелена боја, но бојата и каросеријата веќе се зафатени со рѓа, а кожните седишта почнале да се распаѓаат.
Возилото не било прикажано на аукцијата, туку биле прикажани десет минути од филмот, секвенците кога Стив Мек Квин ги брка криминалците низ улиците на Сан Франциско, повремено „летајќи во воздухот“ на надолниците во овој американски град.
Во филмот, Мек Квин инаку голем љубител на автомобилските трки, самиот го има возено „Мустангот“, но на определени делници, воланот му го предавал на каскадер.
Автомобилот досега бил на два пати продаван. Не се исполнила желбата на актерот тој да го купи, кога го побарал во седумдесеттите години.
Стив Мек Квин еден од најпопуларните актери на Холивуд во шеесеттите и седумдесеттите години на 20 век, почина во 1980 година, од рак на белите дробови. Имаше 51 година.