Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

Година на НАТО и на француското „њет“

palinchak/BigStock.com & ImLucky/BigStock.com

Година на НАТО и на француското „њет“

Беше убаво да си Македонец во Лондон, на почетокот од декември и да се најдеш на Мал, широка авенија што води кон Бакингамската палата, на која македонското државно знаме, за прв пат беше поставено и развиорено заедно со знамињата на сите други 29 земји-членки на НАТО, за јубилејниот Самит на Алијансата, за нејзините 70 години.

Токму на овој Самит, Република Северна Македонија и за прв пат стана дел од Северноатланската алијанса, учествувајќи во нејзината работа. За прв пат, во традиционалното „фемили фото“, со кое се овековечуваат за историјата средбата и конференцијата на лидерите од Европа, САД и Канада, беше и еден наш премиер.

Според тоа, годината 2019, последната од втората деценија на 21 век, за нас кои вистински и сакаме добро на сопствената држава, влегувањето во НАТО претставува настан од историско значење.

На прозападниот курс

Најважното е можеби тоа што Македонија, конечно, после четврт век, успеа да се извлече од Балканот и посебно од она што грдо се означува како „балканштина“.

А, тоа е однесување во политиката и во меѓу државните односи, исполнето со непријателства, со ширење омраза и нетрпеливост. Со користење на минатото за вулгарно и евтино купување на националистичките гласачи, за да се владее деспотски и кабадахиски.

Наместо тоа, владата во Скопје на премиерот Зоран Заев, за само 2,5 години на власт, ја измени целосно позиционираноста на Македонија во која ја смести претходниот режим.

Оваа влада ја одбра европската демократија, прозападниот курс во политиката и геостратешкото определување за влезе во Европа, бидејќи за нас, за земјата, влегувањето во НАТО има повеќе од безбедносно-политичко значење. Тоа не е само сместување под „чадорот“ на колективната европска безбедност, што го носи членството во Алијансата, а преку тоа и позиционирањето на земјата, што е значајно за нејзиниот вкупен рејтинг, туку тоа е и оверување на нејзината целосна сувереност.

Влез со задоцнување

Станува збор за тоа дека влегувањето во НАТО значи и, конечно, влегување на патеката за целосното приклучување на државата кон процесот на евро-атланското интегрирање, што уште од деведесеттите години на 20 век, е нејзина стратешка определба. Таа определба долго беше од надвор блокирана, беше тестирана од нашите пријатели и сојузници, но беше и од внатре свесно попречувана, со сакаме-не сакаме политиката на националистичките и антизападни кругови во државата.

Затоа, и се случува Македонија да влегува во НАТО многу години после низа други земји во нејзиното поблиско и подалечно опкружување, иако тие во еден период беа далеку зад нас.

Пред крајот на деведесеттите години, меѓу земјите кандидати за членство од Истокот нашава држава, заедно со Словенија, го делеа седмото и осмото место. Зад нас, на пример, беа Словачка, па Романија и Бугарија, Хрватска беше во полувоена состојба, Албанија, не се ниту споменуваше како кандидат, а Црна Гора, тогаш се уште не беше независна држава – беше дел од „мала“ Југославија на Слободан Милошевиќ.

Националистите контра Европа

Работите можеа да бидат поинакви во 2008 година, на тогашниот Самит, доколку сега избеганиот екс премиер-осуденик за корупција, не ги измамеше Американците и нашите западни сојузници.

Во преговорите (тајни) со тогашниот амбасадор на САД во Скопје, тој ПРИФАТИЛ ДОГОВОР со Грција, со додавката „северна“ на уставното име, со референдум и со внесување на измената во Уставот, доколку не се интервенира во националниот идентитет на етничките Македонци.

Во основа тоа е она што го содржи и договорот од Преспа на Заев, кој е уште поповолен за нас етничките Македонци, а практично им овозможува на тие, во соседството, да се декларираат така, ако тоа го сакаат.

Но, малиот вмровски деспот, наместо да гради дил со Атина, отиде во Букурешт на Самитот на НАТО пред 11 години со „нов“ предлог – “ Република Македонија-Скопје“, нешто што многу порано го имаа отфрлено не само Грција, туку и Парламентот во Скопје, со гласовите и на тогашните вмровски пратеници.

Беше јасно веднаш дека човекот е дојден на Самитот за да не биде примена Македонија (планирано беше заедно со Хрватска и Албанија), за да може потоа да отвори директен фронт на конфронтација со Западот и за да се инфилтрира Русија која веќе ја имаше Србија зад себе.

Па, затоа почна процес на денационализација на етничките Македонци, правејќи ги од Словени во антички Грци, или Хунзи, некакви потомци на војниците на Александар Велики, присвојувајќи ја античката историја, како македонска, а во исто време, нудејќи им ја на Русија (и на Србија) македонската црква, оставајќи им тие да го решаваат спорот околу автокефалноста, како што тоа ним им одговара.

Градење режим

Конечно, отвори спор пред Судот во Хаг, против Грција, која, пак, сето тоа го прими со задоволство – знаејќи дека со таквата вмровска политика, никогаш нема да се постигне договор за името.

А тоа, значеше само едно – откажување на Скопје од влез во НАТО и од членство во ЕУ.

Креирајќи и вистински режим во државата, во која беа потиснати демократијата, беше узурпирана слободата на судството, а медиумите ставени под груба контрола, вмровскиот деспот воспостави и редовно прислушување на 25 илјади „сомнителни“ граѓани, вклучувајќи ја и опозицијата. Арогантно, речиси како за забава се почна со апсење по улици како во диктаторските држави.

Во исто време, со корупција на највисоко ниво, со непотизам и со купување на гласачите и креирање сопствена богаташка елита, малиот, сега избеган деспот, воведе и систем на избори на секои две години- за да нема реформи, уште помалку европски и за да може да има константна, лажно-патриотска пропаганда за перење мозоци.

За жал, не мал број од луѓето, од сите слоеви на македонското општество лесно влегоа во таа криминална шема, воопшто не реагирајќи на она што се случува. Се до појавата на т.н. „бомби“ – изводи од она што уловиле прислушните апарати.

Заробена и изолирана

Остана, така, Македонија заробена држава. Претворена во приватна фирма на лидерот на вмровските националисти, на неговата фамилија и на новокреираната „дворска” камарила купена на разни начини од режимската власт. Без малку 11 години изгледаше дека Македонија ќе остане изолирана од Европа и од светот, како втора Белорусија на Стариот континент, се до промената на власта и до забрзаното враќање на државата на европскиот пат.

Прво низ дијалог со соседите – низ правење компромис за спорните прашања и низ креирање политика на пријателство, добрососедство и забрзана соработка. Од таквата, храбра определба – за затворање на „историските“ прашања кои долго се користеа за политички потреби, се родија договорот од Преспа, спогодбата за пријателство со Бугарија, а тие овозможија да се подигне блокадата и изолацијата на државата.

НАТО, така, беше првиот голем, историски исчекор на Република Северна Македонија на европскиот континент, во друштвото во кое од поодамна требаше да биде.

Франција како Грција

Во тој замислен „проект“ Македонија- беше ставено и давањето датум за почеток на преговорите, со отворање на 35-те поглавја, за влез во ЕУ. Официјално Скопје, имаше цврсти уверувања од многу високи, релевантни меѓународни фактори, дека тоа ќе се случи. Но, во годината што измина, тоа не се случи- на два пати. И во двата случаи, без дополнителни условувања од ЕУ, од Европската комисија, од Европскиот Парламент- но со блокада на Франција, или попрецизно, на нејзиниот претседател Емануел Макрон.

За одлуката за датум, откако државата ги исполни сите услови кои и се бараа, наместо француската поддршка, која со децении наназад секогаш се условуваше (и се врзуваше) за договор со Атина околу разликите за името на државата, во јуни, па потоа и во октомври, уследи едно тврдо, во руски груб стил – „Њет“ на францускиот претседател, кое случајно, или не, дојде по (велат дипломатски извори на Скопје/Глобал) мошне успешната средба на Макрон со Владимир Путин.

Така, Македонија остана уште еднаш да чека- сега на реформирање на системот за прием на нови членки (!?) што го наметна токму Париз во неговите политички игри со ЕУ и пред се, со Берлин и со Ангела Меркел, која брани друга позиција и заговара отворена врата за Македонија и за Западен Балкан.

Нов бонапартизам

Во Брисел велат дека реформирањето на тој систем може да се одвива паралелено со преговорите на Македонија и ЕУ, а елементи од „новините“ што ги заговара Макрон, веќе и сега се практикуваат (за Србија и за Црна Гора), но од Париз инсистираат за тоа, претходно, да се согласеле сите во Унијата, што делува крајно неуверливо и инаетџиски недолично, за земја каква што е Франција.

Критичарите на самиот Макрон во неговата земја, како и во ЕУ, тврдат дека станува збор за нов „бонапартизам“ на Париз. Тоа значи дека се заговара за една обединета Европа, но додека Наполеон Бонапарта тоа го замислувал да се одвива под француска контрола, Емануел Макрон, во денешно време, не може тоа да го бара, па затоа инсистира на обединета Европа, според француските правила.

Така или не, францускиот претседател успеа во две работи.

Едната е да го блокира македонското патување и кон ЕУ, онака како што тоа го правеше Грција. А, другата е да предизвика политичка криза во Македонија и да ги затресе позициите на една прозападна и проевропска влада и на нејзиниот премиер.

Зашто, на крајот, многу е веројатно, дека ЕУ ќе направи компромис со Макрон, за „мир во куќата“, но францускиот претседател им даде прекрасен новогодишен подарок на овдешните националисти и на русофилските кругови, сместени кај вмровската опозиција.

Да продолжат со тврдењето дека не вреди да се прави компромис со ЕУ и со Западот, бидејќи не ги исполнуваат дадените ветувања.

Сервис – Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе