Том Хенкс прогласен за грчки државјанин
Американскиот филмски актер Том Хенкс е прогласен за почесен државјанин на Грција – пренесуваат американските медиуми.
Во соопштението на кабинетот на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос се вели дека шефот на државата потпишал указ за почесно натурализирање на Хенкс. Со тој указ и со таа постапка било овозможено холивудската ѕвезда да може да добие грчко државјанство.
За Том Хенкс се знае дека многу често доаѓа на одмор во Грција. Посебно популарна дестинација му е островот Антипарос.
Неговата сопруга Рита Вилсон, актерка и филмски продуцент, се тврди дека имала мешовити грчки и бугарски корени, што се верува дека ја поткрепило иницијативата на Хенкс да му се додели грчко државјанство. Вилсон е продуцент на популарниот музички филм „Мама Миа“, работен според музиката и хитовите на некогаш мошне популарната шведска група „АББА“.
Филмот во кој настапуваат и Мерил Стрип, Пирс Броснан и Колин Фирт, целосно беше сниман во Грција, на еден од грчките острови во Егејско Море, а целиот сет од филмот, подоцна стана туристичка атракција.
Според грчките закони, почесно државјанство на Грција може да им се додели на луѓе за кои се знае дека „имаат направено исклучителни работи и услуги за земјата, или чие натурализирање е во јавен интерес на државата“.