Орбан ги презеде приватните In Vitro клиники
Владата на унгарскиот десничарски и националистички премиер Виктор Орбан ја презеде контролата врз сите шест приватни клиники за вештачко оплодување што делуваат во Унгарија и тоа го прогласи за „прашање од национален интерес“.
Според толкувањето на властите, целта на оваа невообичаена операција, барем за земја членка на ЕУ, била за зголемување на наталитетот во државата кој продолжува да биде мошне низок, како и за да им се овозможи на што повеќе двојки, без деца, за да станат родители.
Сите овие шест клиники сега се во државна сопственост, а тоа значи дека услугите во нив повеќе нема да се плаќаат, па ваквото зачнување нема да биде привилегија само на поимотните семејства.
„Унгарци наместо мигранти“
Но, Орбан и во оваа прилика гледа можност за промоција на својата контроверзна националистичка политика, како и за одбрана на ставовите за кои е осудуван во Европа, па преземањето на In Vitro клиниките го прокоментирал со потребата на земјата „да се раѓаат повеќе Унгарци, наместо да се примаат доселеници или мигранти“.
Во битката за зголемување на наталитетот, владата во Будимпешта претходно воведе даночни олеснувања за млади брачни двојки, субвенционирање на кредити и други социјални мерки за зголемување на децата во унгарските семејства, што предизвикаа нови контроверзи затоа што повеќе се насочени кон „чистата“ унгарска популација, а многу помалку кон малцинските и етничките групи, како Ромите на пример, на кои многу повеќе им е потребна социјална потпора.
Претставник на владата, како и од преземените приватни клиники одбиваат да кажат како е изведена целата оваа операција за која само се признава дека не била во духот на пазарните правила, па не се знае што тие добиле како компензација.
Наталитет под просекот на ЕУ
Проблемот со нискиот наталитет и со намалувањето на бројот на населението во Унгарија, трае уште од времето на социјализмот. Пред две години, Виктор Орбан призна дека една четвртина, или 25 отсто од унгарските брачни двојки се неплодни и имаат проблеми со забременувањето.
Во Унгарија сега се регистрирани 1,4 родени деца на една жена, што е под просекот на ЕУ.
Непристрасните аналитичари, меѓутоа, посочуваат дека намалувањето на населението е последица и на социјалните услови во државата, потоа во традиционалното емигрирањето на Унгарците, во земји каде може да заработат повеќе и да живеат подобро, како и во зачленувањето во ЕУ, што им ја отвори вратата на Европа и на светот.
Населението во земјата продолжува да се намалува и покрај сите овие социјални мерки, за кои критичарите на Орбан велат дека може да ги презема, само благодарејќи на членството во ЕУ и на богатите европски развојни фондови.
Сето тоа се случува додека во исто време продолжува да „војува„ со Европската комисија и со Брисел, затоа што е остро критикуван што со европски пари дејствува спротивно на европските правила и закони, што Унгарија, инаку, ги има прифатено при влегувањето во Унијата.
(Б.У.)