Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Албанија: Остри казни за fake news

quatrox/BigStock.com

Албанија: Остри казни за fake news

Албанскиот Парламент усвои нови прописи со кои објавувањето лажни вести (fake news) на интернет, од сега па натаму строго ќе се казнува. Според одредбите на новиот закон, казната за пласирање вакви вести би можела да изнесува и до 18 илјади долари.

Владата ги изготви по брза постапка новите прописи за работењето на интернет страниците, откако премиерот Еди Рама остро реагираше по земјотресот што ги погоди Драч и Тирана, во кои загинаа 51 лице, а над 600 други беа потешко и полесно повредени, критикувајќи ги бројните портали на албански јазик кои ширеа лажни вести, дезинформации и невистини.

Во соопштението на владата се вели дека пред усвојувањето на новите мерки во Парламентот, владиниот кабинет прифатил некои од забелешките на домашните новинарски организации, па ублажил некои од мерките. И покрај тоа, најголемиот дел од домашните новинари со осуда го пречекаа законот, а владата во Тирана се има соочено со „загриженоста“ на меѓународните новинарски форуми.

Нивната реакција тргнува од тоа дека со новите мерки и се овозможува на владата да „наметне контрола врз медиумите“ и дека на тој начин ја „ограничува слободата на јавното изразување“.

Полска со контроверзен закон за судиите

Во Полска беше усвоен контроверзниот закон за судиите со кој ќе може да се сменуваат судиите кои се критички определени кон реформите во домашното правосудство кои владата на десничарската и националистичка партија на Правото и правдата продолжува да ги спроведува и покрај острото спротивставување на Европската комисија.

И овој закон кој само го продолжува процесот на партизацијата на полското правосудство, што е спротивно на европските правила и прописи кои Полска ги има прифатено при влегувањето во ЕУ, бил усвоен само неколку часови откако Брисел од Варшава одново да ги преразгледа предложените измени на законот.

Законот што лесно „помина“ во Долниот дом на Сејмот (Парламентот) затоа што десничарите имаат мнозинство, сега ќе биде разгледуван во Горниот дом.

Сенаторите не може да го блокираат неговото донесување, освен што можат да ја одложат неговата примена.

Пред да биде усвоен, законот предизвика протести во Варшава и низ земјата, на демократските сили кои се противат на едноумието што го наметнуваа владеачката партија.

Во тој период Врховниот суд на земјата, има предупредено дека доколку вака продолжи да се однесува, Полска се соочува со можноста да биде присилена да ја напушти ЕУ.

Принцот Филип префрлен во болница

Сопругот на британската кралица Елизабета, принцот Филип кој ја има и титулата Војвода од Единбург, е префрлен во болница во Лондон. Во кусото соопштение се вели дека станува збор за „превентивна мерка“, дека не бил однесен на лекување, туку дека станува збор за „неопходна и од порано закажана контрола“.

Принцот кој има 98 години, од август 2017 година, се повлече од сите јавни настапи и ги откажа сите патронства кои ги имаше како сопруг на кралицата.

На возраст од 97 години, тој предизвика сообраќајна несреќа на еден спореден пат во Англија, возејќи „Ландровер“, по што возачот на другото возило беше полесно повреден. Веднаш по тоа принцот ја врати возачката дозвола.

Макрон: Не им го уништувајте Божик на луѓето

Францускиот претседател Емануел Макрон никако не може да ја смири француската јавност, а посебно синдикатите и вработените, со својот контроверзен предлог за темелна реформа на пензискиот систем.

Прво, навести дека владата е спремна да преразгледа некои од одредбите, иако не прифаќа да се откаже од планот. Потоа, Макрон навести дека тој би можел да се откаже од својата пензија, како претседател на Франција, по завршувањето на мандатот, а сега, непосредно пред Божикнте празници ги замоли штрајкувачите да „не им го уништат„ празникот на луѓето, со блокадите во железничкиот сообраќај и традиционалното празнично патување во внатрешноста на земјата.

„Протестите се навистина дел од човековите права и слободи и се гарантирани во Уставот, но моментот сега, не е да се користат тие права“ – рекол францускиот претседател.

Штрајковите, најмногу на железницата и протестите на улиците, траат веќе две недели и се навестува дека ќе продолжат и понатаму. Низа линии на главната француска железничка компанија СНЦФ, на возовите со голема брзина ТГВ, како и на низа линии во париското метро се прекинати поради штрајкот, предизвикувајќи хаос во возниот ред.

Макрон кој никако не успева да покрене ниту една од своите реформи, сака темелно да го преуреди пензискиот систем, на тој начин што наместо сегашните 42 посебни пензиски системи, да се создаде еден, универзален за сите професии и вработени.

Противниците на измените, пак, тврдат дека со новиот систем, на мала врата ќе се оддолжи заминувањето во пензија и ќе се намалат пензиите.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе