Починат сопруг 10 години бил во домашен замрзнувач
Една 75 годишна Американка, повеќе од десет години го чувала својот починат сопруг во својот домашен замрзнувач – длабоко смрзнат – прикривајќи ја неговата смрт, за да може да извлекува бенефиции од неговиот ветерански стаж, како поранешен припадник на американските армиски сили – пишува весникот „Солт Лејк Трибјун“.
Според полицискиот извештај на кој се повикува весникот, полицајците дошле во рутинска посета на домот на жената, во еден пензионерски комплекс, за стари лица за проверка на состојбата околу социјалната помош што жената ја примала. Влегувајќи во станот го затекнале мртвото тело на жената за која и не знаеле дека починала, а кога почнале да го претресуваат станот, останале шокирани кого во замрзнувачот, наместо храна, откриле мртов маж „длабоко смрзнат“.
Подоцна се разбрало дека станува збор за сопругот на жената, кого луѓето во социјалните служби последен пат го виделе уште во февруари 2009 година. Најверојатно човекот починал дома од некоја неизлечива болест, на возраст од 58 години. Сопругата, меѓутоа, не кажала никому дека тој не е повеќе жив, па наместо да биде погребан, неговото мртво тело го замрзнала и го чувала во нивниот стан.
Во меѓувреме сопругата продолжила да ја прима ветеранската пензија на сопругот, како тој да е жив.
За изминатите десет години, на тој начин таа подигнала на име на мажот, околу 180 илјади долари, мамејќи ги цела една деценија социјалните служби во сојузната американска држава Јута.
Полицајците признале за медиумите дека не верувале оти било кога ќе се соочат со еден ваков случај – трупот на жената што требало да ја посетат и уште еден труп на мажот – стар над десет години. Но, изненадувањата не престанале само на тоа, туку откриле и едно, на нотар оверено писмо, од сопругот составено уште во 2008 година. Во него тој порачува – немојте да ја обвинувате мојата сопруга, таа не е виновна за мојата смрт!
Пораката во која мажот уверува дека сопругата не го убила, не само што ја потврдува верзијата дека човекот уште тогаш бил неизлечиво болен, туку и дека (најверојатно) тој се има договорено со сопругата да го направи тоа што го направиле – да го сокрие неговиот труп – за да продолжи да зема и социјална помош за себе, но и неговата пензија како воен ветеран.