Ѓукановиќ: До 1918 година нема СПЦ во Црна Гора
До крајот на оваа година, Парламентот на Црна Гора треба да ја почне дебатата за владиниот предлог-закон за слободата на вероисповеста во земјата. Еден ваков закон, обично не би требало да предизвикува тензии, зашто тој е дел од широкиот комплекс на човековите права и слободи. Но, во оваа земја, повеќе од половина година овој закон ја одржува вжештена политичката атмосфера , предизвикувајќи натамошно продлабочување на кризата во односите меѓу етничките Црногорци и локалните Срби и правејќи ги затегнати и онака студените односи меѓу Подгорица и Белград.
Со овој закон меѓу другото се предвидува сите верски заедници во Црна Гора да докажат дека пред 1918 година ( пред Првата светска војна и пред создавањето на Југославија) биле сопственици на црковен имот, што сега го имаат под своја контрола. Во спротивно, имотот ќе им биде одземен, велат сите оние кои го коментираат и го толкуваат предложениот законски текст.
Белград против законот
Најостра во своето спротивставување беше и останува Српската православна црква (СПЦ) која тврди дека станува збор за „ обичен грабеж на властите во Подгорица“ на како што се вели „ српските имоти и на српското црковно наследство“ во Црна Гора. Уште во текот на летото, со остри реакции против предложениот закон се имаат огласено и официјален Белград. Реагирала и Руската црква која во сите работи околу СПЦ, постојано е на страната српската црква.
Според црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, меѓутоа, непотребно се крева политичка врева. Тој инсистира дека „ не е точно оти се ограбува имотот на црквата што е стекнат пред 1918 година“.
-Прво, до 1918 година нема Српска православна црква во Црна Гора. Таа ( во државата) се појавува дури во 1929 година. До 1918 година постои само Црногорска православна црква. Во правниот систем на државата ( кнежевството Црна Гора) до таа година не постои акт кој воопшто дефинира црковен имот. Постои само државен имот што и бил отстапен на управување и владение на црквата, со прецизно правно дефинирање дека никој не може да продава (таков) имот без одлука на државен орган- рекол Ѓукановиќ во Парламентот во Подгорица.
Црногорска црква има од 19 век
При тоа, тој ги отфрлил и сите обвинувања на локалните Срби, на СПЦ и на Белград дека Србите во Црна Гора се дискриминирани. „ Па, ако се дискриминирани, како тоа во 1991 година во Црна Гора имаше само девет отсто Срби, а сега во истата таа држава, 28 отсто од населението се Срби“- возвратил црногорскиот претседател на критиките.
Според медиумите, на вака замислениот закон остро реагирале и просрпските опозициски партии и нивните пратеници во црногорската Скупштина ( Парламентот).
Според нив, „скупштинскиот дом не би требало воопшто да постои, доколку се усвои еден ваков закон“- порачале просрпските пратеници, предупредувајќи дека „ во тој случај, сите би требало да се испрскаат со бензин и да изгорат“!?
Неутрални аналитичари забележуваат дека тензиите се предизвикани од дамнешниот груб став на СПЦ дека само таа е црква на сите православни христијани во државата, дека Црногорците, всушност , се само Срби и дека Црногорска црква „ ниту постоела, а ниту може да постои“ како што за тоа се залага Ѓукановиќ, сметајќи дека ЦПЦ треба да се возобнови.
Ставот на властите во Подгорица е сосема поинаков. Тој тргнува од историските факти за тоа дека независното кнежевство Црна Гора, која има добиено меѓународно признание на Берлинскиот конгрес во 1878 година, имало своја, независна, автокефална црква. Нејзиното постоење било запишано и во тогашниот Устав на државата. Својата независност, црногорската црква ја има загубено откако земјата влегува во составот на новосоздадената држава Југославија ( првично, Кралството СХС). Тогаш , и тамошната црква потпаѓа под контролата на СПЦ.
(Д.П.)