Едвард Нортон го спасувал Ди Каприо
Американскиот актер Едвард Нортон призна дека во една прилика го спасувал својот пријател и колега Леонардо ди Каприо од давење, за време на едно длабинско нуркање во Пацифичкиот океан.
Учествувајќи во толк-шоу на британската телевизија, Нортон потврдил дека тоа се случило додека двајцата, како што рекол страствени нуркачи, не се нурнале во океанските длабочини во реонот на архипелагот Галапагос. Меѓутоа, инсистирал случајот, сепак, да не се драматизира, а уште помалку да се предимензионира.
Според Нортон, Ди Каприо за кого рекол дека е вистински вљубеник во морските длабочини, тргнал да следи едно големо јато од разнобојни риби кои се упатиле кон длабочините, заборавајќи дека двајцата веќе биле и пред тоа под водата и дека трошат од резервите со кислород, во боците на нивниот грб.
„Нуркам повеќе од 16 години и кога видов како Леонардо се губи, следејќи го јатото риби, молскавично погледнав на часовникот и сфатив дека ако продолжи да ги брка рибите, многу брзо ќе ги истроши резервите со кислород и ќе остане без воздух за да исплива на површината. Веднаш се упатив кон него, за да го запрам и да го натерам да се откаже од трката по рибите. Ако беше сам мислам дека ќе задоцнеше“– рекол Едвард Нортон, објаснувајќи дека само му помогнал на актерот-колега и пријател да излезе безбедно на океанската површина.