Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Венеција потопена во поплава

toxawww/BigStock.com

Венеција потопена во поплава

Венеција, еден од најубавите градови во светот, заштитен од УНЕСКО, поради неговите историски и културни знаменитости и својата архитектонската оригиналност, преживува тешки моменти откако овој град на вода е буквално, потопен во катастрофална поплава.

Нивото на надојдената вода достигна 1,87 сантиметри, што е втора најголема поплава во последните 100 години, по највисоката досега во 1966 година, кога нивото на поплавените води има достигнато без малку два метри.

Поплавени се сите најпознати знаменитости, како и над 80 отсто од градот, сместен во североисточниот дел од Јадранот. Досега се знае за две човечки жртви- при што едната жртва, возрасен маж, настрадал од удар на струја. Силниот ветер и бурата што се создала биле толку силни што едно од локалните, популарни вапорета – градски автобуси на вода кои сообраќаат низ каналите – бил отфрлен далеку на копното.

Вонредна состојба

Најтешко е погоден центарот на Венеција и нејзиниот главен плоштад Сан Марко, заедно со истоимената катедралната црква изградена уште во 12 век. Криптата на црквата е целата под вода и сега се прават силни напори, водата, со силни пумпи да се извлече од таму.
Италијанската влада прогласи вонредна состојба, а премиерот Џузепе Конте на Твитер напиша – „Болно е да се гледа градот и колку е тешко погоден, заедно со сите негови знаменитости“.

Владата во Рим најави итни мерки за санација, како и интензивирање на изградбата на структурната одбрана на Венеција, поставена на влезот од лагуната. Станува збор за поставување хидраулични бариери што треба да се затвораат во случај на подигнување нивото на морето, во текот на плима, како и во зимските месеци, кога силни ветрови ја „носат„ водата кон градот, навлегувајќи низ неговите „улици“-канали.

Климатски промени

Градоначалникот Луиџи Бругнаро има изјавено дека причина за годинешнава поплава, се климатските промени.

Според него, штетите се огромни и ќе бидат потребни многу милиони евра за да се санираат последиците и за да може градот да се врати на нормалниот живот. Тоа ќе му помогне на локалното население, но ќе придонесе и за враќање на туристите. Венеција живее од туризмот и од луѓето од целиот свет кои доаѓаат да го видат градот, бидејќи овој град од помалку од 150 илјади жители, годишно го посетуваат 12 милиони странски и домашни туристи.

Венеција е изградена на повеќе од 100 островчиња, во лагуната на тој дел од Јадранско Море, како и на мочурлив терен. Поради својата локација и поставеноста, секоја година страда од поплави, а најмногу неговата најниска точка – плоштадот Сан Марко.

Хидраулични бариери

Експертите затоа веруваат дека (овој пат) силната плима, како и бурата над Јадранот и посебно во неговиот северен дел, предизвикале поплавата овој ноември да биде толку голема и да предизвика ваква тешки последици.

Одбранбениот систем за Венеција, со хидрауличните бариери, е веќе стар проект. Проектиран е уште во 2003 година кога започна и да се гради. Досега за него се потрошени неколку милијарди евра. Во 2013 година, за прв пат, беше извршена проба за неговата ефикасност на само еден дел и италијанските медиуми велат дека пробата била успешна. Сега се тврди дека требат уште пари за довршување, а не се очекува проектот да биде конечно завршен пред 2021 година.

Од почетокот, меѓутоа, замислата Венеција да се брани на овој начин наидува на проблеми. Прво, затоа што стручњаците беа поделени околу неговата ефикасност, а особено што станува збор за скап проект. Но, исто така и поради бројните скандали, за можната корупција и за давање и примање поткуп во текот на реализацијата на проектот.

(Д.Р.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе