Хан: По ветото од Париз зoшто Вучиќ би преговарал со Косово
Еврокомесарот за проширување, на заминување, Јоханес Хан, во интервју за лондонски „Фајненшл Тајмс“ вели дека по ветото на Франција во ЕУ (за Македонија и за Албанија), нема причина српскиот претседател Александар Вучиќ да преговара со Косово. И дека едноствано не гледа каква мотивација сега би имале властите во Белград за разговори со Приштина.
Хан открива дека српскиот претседател му го рекол истото ова, откако стана јасно дека блокадата на Франција за определување датум за почеток на преговорите за членство со Скопје и Тирана, станува конечна, односно дека Париз не попушта, иако и двете земји – кандидатки ги исполнија сите барања поставени до нив од Европската Комисија. А, познато е, рекол комесарот на заминување, дека во ЕУ сите одлуки се донесуваат со консензус, што ќе рече, со согласност на сите земји-членки. Доколку една од нив се спротивстави, тогаш нема ни гласање. Едноставно, воопшто не се гласа за предлогот на Комисијата.
Јоханес Хан во разговорот признава дека и самиот бил длабоко фрустриран од она што се случи и од она што го направи Франција.
„Државата (Република Северна Македонија) дури постигна и договор со Грција околу едно многу чувствително прашање- името на земјата, додавајќи ја одредницата Северна на уставното име, а сепак , остана француското вето“ – рекол Хан.
Според него, оваа постапка на Франција ги погази сите долги години што Европската комисија ги има потрошено за да се воспостави политичка рамка за постигнување спогодба (меѓу Скопје и Атина) . Во исто време, со блокадата на Париз беше испратена и една многу лоша порака за сите политички лидери во Западен Балкан.
-Па, зашто тие би си ја ризикувале својата политичка позиција , носејќи храбри одлуки, кога тоа нема да биде вреднувано од ЕУ- изјавил за „ Фајненшл Тајмс“ еврокомесарот на заминување Јоханес Хан.