Џејмс Дин „снима“ нов филм!
Цели 64 години по неговата трагична смрт, американскиот актер и ѕвезда од педесетите години на 20 век, Џејмс Дин „снима“ нов филм! Неговиот лик (и глумата) одново ќе бидат оживеани со помош на специјални ефекти, соопшти во Холивуд продуцентската компанија „Меџик Сити Филмс“ (Magic City Films).
Станува збор за снимањето на долгометражниот филм под наслов „Finding Jack” во кој за прв пат по толку години ќе се појави и Дин – во живо.
Според американските медиуми, филмот ќе ја користи специјалната технологија, позната како “Full Body” која создава жива слика од некоја личност, врз основа на стари, архивски фотографии и видео записи.
Покрај компанијата „Меџик“ во правењето на овој филм се вклучени и една канадска и една јужноафриканска технолошка компанија.
Џејмс Дин загина во сообраќајна несреќа на 30 септември 1955 година, на еден спореден пат во Калифорнија, возејќи го своето „Порше“. Имаше само 24 години. Дотогаш имаше снимено само три филмови- „Бунтовник без причина“, „Источно од рајот“ и “ Џин“ (довршен без него, во 1956 година). За последните два филма, беше номиниран за наградата Оскар.
Иако живееше кратко и сними само три филма, поради својата бунтовна природа, глумејќи во три филмови бунтовник, Дин стана легенда и една од иконите на Холивуд.
Компанијата „Меџик Сити Филмс“соопштила дека пред одлуката да го вклучат Дин во нивниот проект, претходно побарале и добиле согласност од семејството за „оживувањето“ на прославениот актер.
За семејството на Џејмс Дин тоа ќе биде неговиот четврти филм.