Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Се уште се градат „берлински ѕидови“

frank peters/BigStock.com

Се уште се градат „берлински ѕидови“

Европа ја одбележува 30 годишнината од паѓањето на Берлинскиот ѕид како симбол за повторното обединување на Германија, поделена по завршувањето на Втората светска војна од четирите окупациони сили – САД, Велика Британија, Франција и тогашниот Советски Сојуз, но многу повеќе и како симбол за падот на „Железната завеса“ на Стариот континент која го делеше на демократски Запад и на комунистички Исток.

Кога трите западни демократии на територијата на своите окупациони зони ја создадоа новата, демократска Западна Германија, Москва во својот дел создаде друга германска држава, Источна Германија, или официјално Германска демократска република (ГДР), како сателит на СССР, уредена според неговиот комунистички модел. Берлин, главниот германски град пред војната, од 1945 година беше и самиот поделен на два сектора западен и источен, иако територијално градот се најде во источниот дел од разделената држава.

Берлин со два сектори

Западниот сектор што живееше во услови на западната граѓанска демократија се простираше на 480 квадратни километри. Источниот сектор, на површина од 403 квадратни километри, кој го контролираше Советскиот Сојуз, почна да се уредува според советскиот модел.

Во 1948 и во 1949 година, Москва ги затвори железничките и патните врски кон западниот дел од градот, оправдувајќи го тоа со извршената валутна реформа во Западна Германија која го сметаше западен Берлин за дел од својата државна територија. СССР одби реформата да се применува и во источниот сектор, па воведе целосна блокада на западниот сектор. За да преживеат луѓето во тој дел од градот, САД и Британија покренаа масовна операција за префрлање храна и секакви други потреби, со што ја разбија советската блокада и ги спасија западните берлинци.

Во текот на тие две години блокада, во двата сектора, почнаа да функционираат различни општински администрации.

Единаесет години подоцна, во 1961 година, Москва одлучи двата дела од истиот град да бидат и физички поделени, со изградба на ѕид што беше подигнат вдолж линијата која ги разграничуваше двата сектора. Беше воведена строга контрола за да се спречи секакво илегално минување и бегање на берлинци од источниот дел на градот, но и на државјаните од цела Источна Германија. Многу луѓе беа убиени, или загинаа при обидите да се префрлаат на Западот.

Падот на ѕидот ја обедини Европа

Така остана се до падот на ѕидот, на 9 ноември 1989 година, откако почна да се урива советскиот и источноевропскиот комунизам, а Москва, под водството на Михаил Горбачов, за прв пат, соопшти дека СССР нема да се меша во внатрешните превирања во ГДР. Кога источногерманската погранична полиција ги отвори вратите на контролните пунктови, а маса источноберлинци се префрлија на Западот, од Москва им наредија на советските војници да останат во своите касарни и да не интервенираат.

Паѓањето на Берлинскиот ѕид ја отвори вратата за повторното обединување на Европа, длабоко поделена во поствоеното време на Студената војна. Тоа и помогна за создавањето на Европската Унија, која својата целосна функција ја доби дури откако во членство влегоа и поранешните комунистички источни држави кои беа под советска контрола.

Тогаш се мислеше дека во светот, а посебно на европскиот континент повеќе нема да се подигаат ѕидови, за да ги разделуваат државите и луѓето.

Но, во овие триесет години после Берлин, работите секаде не се развиваа како што се посакуваше. Дури и во Европа и покрај лошото искуство од минатото, се појавија некои политичари кои како да го заборавија времето на поделениот континент, па решенија бараа и наоѓаа во повторното подигнување ѕидови. Стотици километри огради и ѕидови беа подигнати по граничните линии, токму за да се запре минувањето на луѓето.

Унгарскиот ѕид на Орбан

Унгарија и нејзиниот премиер Виктор Орбан станаа најпознатиот и најтажниот пример за таквата политика на една европска земја, уште и членка на ЕУ.

Не сакајќи да прими и да прифати околу 3500 бегалци од Блискиот Исток, во рамките на солидарната квота определена за земјите од Унијата, Орбан се сврте кон национализмот, расизмот и се прогласи за „бранител“ на христијанството, не дозволувајќи бегалците- муслимани и Африканци – да влезат на унгарска територија, иако тие во огромен број сакаа само да помнат низ земјата, кон Австрија, Германија и Западот.

„Исплашен“ дека таа симболична бројка мигранти во безмалку десет милионската етнички и верски „чиста“ Унгарија, премиерот Орбан во 2015 година, нареди да се подигне висока ограда во должина од 160 километри, по границата со Србија и со Хрватска.

Во Будимпешта сега се фалат дека таквата мерка ги дала посакуваните резултати, а особено тоа што унгарските власти дозволуваат само десет барања за азил дневно, ако веќе некој воопшто се осмелува да се упати таму.

Огради и во Арктичкиот круг

Демократска и инаку отворена Норвешка е една од европските држави кои во еден пограничен сектор, на границата со Русија, таа иста 2015 година, подигна висока ограда од челични жици. „Ѕидот“ не е голем, долг е неколку стотина метри, а висок четири, но ја изненади европската јавност.

Норвежаните реагираа на овој за нив невообичаен начин, откако во многу кус период, преку руската територија и преку тој сектор, во земјата навлегоа 5500 мигранти од азиските држави. Навлегуваа како пешаци, или на велосипеди кои ги купуваа во Русија, а веднаш по префрлањето на норвешката територија, ги оставаа или едноставно ги фрлаа.

Русија од своја страна, не правеше ништо да го запре мигрантскиот бран преку нејзината територија, се додека не видоа како реагира Норвешка. Самата Русија, уште од времето на Советскиот Сојуз има изградено голема и долга жичана бариера долж границата во тој дел од Арктикот, за се спречи илегално навлегување на „странски шпиони“ на советската територија. Таа е од времето на Студената војна, но сега ја користи и Руската федерација.

Израел со најголема бариера

Вакви гранични бариери, или огради од жица, некаде и бодликава, поставуваше и бугарската армија, во еден сектор на границата со Турција, како и Словенија, во времето на најголемиот наплив од бегалци и мигранти кон Европа и кон земјите од ЕУ, во периодот 2015-2016 година.

Израел, сепак, има изградено најголем и најдолг ѕид во светот што треба да спречи слободно минување на луѓе.

Ѕидот од цврсти бетонски блокови, некаде и дополнет со жичана ограда е поставен долж линијата која ги разделува израелската територија и Западниот брег и има, пред се, безбедносна улога. Според објаснувањето на Израелците ѕидот треба да спречи навлегување на палестинските бомбаши-самоубијци во Израел.

Високата и цврста ограда почна да се гради во 2002 година и досега се изградени преку 700 километри. Палестинските работници сега влегуваат на израелска територија, преку контролни пунктови, а безбедносните власти на Израел уверуваат дека оградата ги елиминирала ваквите бомбашки напади. Во 2004 година, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека ѕидот е нелегален.

Блокада за Латиноамериканците

Ако израелското разделување од Палестинците со еден ваков ѕид е најголемиот изграден објект од овој вид, ѕидот долж границата меѓу САД и Мексико е најпознат, најизвикан и најконтроверзен. Тој е замислен да биде налик на оној подигнат во Унгарија, затоа што би требало да го запре мигрантскиот бран на луѓето од Мексико, како и од земјите на Централна Америка кои досега илегално навлегуваа во САД, барајќи работа и подобар живот.

Но, границата е долга 3600 километри и секако никаков ѕид не би можел целосно да ја покрие.

Со влегувањето во Белата куќа, претседателот Доналд Трамп нареди изградбата на ѕидот и на високата и моќна ограда, која во некои сектори беше од порано започната, да се интензивира и обезбеди дополнителни средства за тоа.

Сега оградата треба да е долга околу 1500 километри. Контроверзниот проект што предизвика бројни политички расправи во американската јавност и е осудуван во латиноамериканскиот свет, се уште не е комплетиран.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе