„Другарот Путин е совесен шпион“
Документите на КГБ од советско време, сега објавени во Русија, откриваат дека актуелниот руски претседател Владимир Путин, на почетокот од неговата кариера како разузнавач на тајната служба на СССР, бил оценуван мошне добро, како „совесен и дисциплиниран шпион“.
Другарот Путин постојано го подобрува своето идеолошко (како комунист), политичко и професионално (како шпион) ниво
…стои запишано во еден службен документ од само една страница, исчукан на машина за пишување. Документот е изваден од архивите на тајната служба и сега за прв пат се најдоа во руската јавност, меѓу низа други архивски и историски документи за КГБ, досега третирани како тајни, изложени на една специјализирана изложба во Сент Петербург.
Работа во Дрезден
Документот со оценките и карактеристиките за тогаш младиот разузнавач, кога Путин имал меѓу 20 и 30 години. Шефовите на младиот оперативец на КГБ му честитале за добро организираната работа и на резултатите што ги постигнувал- стои забележано во публикуваните документи.
Владимир Путин кој сега има 67 години, од средината на седумдесеттите години на 20 век, работел за тогашната советска тајна служба.
Во периодот меѓу 1985 и 1990 година, се до распадот на некогашната ГДР (Источна Германија) и повторното обединување на двете германски држави, разузнавачот Путин работел во базата на КГБ во источногерманскиот град Дрезден, добивајќи висок разузнавачки чин.
Сето тоа се случувало во турбулентните години и за поранешниот Советски Сојуз кога неговата моќ во источниот дел на Германија почнува да слабее, иако Москва и натаму ги имала зад себе моќната Штази, тајната служба на ГДР и нејзиниот шеф Маркус (Миша) Волф.
Член на КПСС
Путин е на власт 20 години, како премиер и претседател, заменувајќи ги функциите секогаш со Дмитри Медведев. Во Кремљ, меѓутоа, тој се има опкружено со поранешни оперативци и високи функционери на поранешната КГБ (Комитет за државна безбедност), во кои, како што тврдат западни безбедносни експерти, Путин единствено има доверба.
Во меѓувреме, под негов надзор, целосно се реорганизирани и модернизирани тајните служби. Сега, некогашното КГБ се нарекува ФСБ (Сојузна служба за безбедност), а реорганизација е извршена и на другата тајна служба ГРУ (Државна разузнавачка управа) што често се означува како агенција под контрола на армијата. За ГРУ, меѓутоа, сега се тврди дека го има под контрола секторот на електронската шпионажа, како и сите активности околу хакерството, производството на лажни вести и дезинформации.
Во 2016 година, Путин има признаено дека се уште ја чува својата членска книшка, како член на Комунистичката партија на СССР, каде и морал да биде, за да стане разузнавач и за да напредува во разузнавачката работа. Според Путин, членската книшка ја чува од „сентиментални причини“.