Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Нема Брегзит и на Халоуин

Maddie Red Photography/BigStock.com

Нема Брегзит и на Халоуин

„Ноќта на вештерките„  дојде и помина, а Велика Британија остана во Европската Унија, иако  во ноќта на 31 октомври, што Британците го одбележуваат како Халоуин, точно на полноќ , требаше да се разделат од Европа и од Европејците и да продолжат сами „ како што од секогаш биле на островот, понастрана од континентот“.

За таа „ ноќ на стравот и на ужасот“ беше предвидено Лондон и Брисел да се „ разведат“ после 44 години заеднички „брак“ , откако тоа не им успеа во првично определениот рок, на крајот од март годинава. Но, „ разводот“ како што напуштањето на ЕУ го нарекуваат некои домашни аналитичари, или како Брегзит, што стана познат низ целиот свет, не успеа ни овој пат, без разлика на амбицијата на актуелниот британски премиер Борис Џонсон и неговите силни уверувања дека тоа ќе се случи „ по секоја цена“.

Договорот на Џонсон

Откако со партиски пуч ја смени својата претходничка на функцијата Тереза Меј, која направи сосема добар договор со ЕУ за Брегзит, уште пред една година,целото лето, Џонсон, агитирајќи за својата амбиција да влезе во Даунинг стрит 10,  ги уверуваше своите приврзеници- тврдите брегзитери и англиските националисти , дека тој може да направи подобар договор, а дека доколку не успее во тоа, Британија ќе ја напушти Унијата на Халоуин, на 31 октомври, уредно, како што тоа и прилега на држава каква е Британија, или без него, колку и сите да го предупредуваа дека „ неуреденото“ излегување е штетно и тоа пред се, за Британија и Британците.

Во една шаховска симултанка, тркајќи се со времето и со роковите што ги наметна законот, што сложно го изгласа Парламентот во Лондон, за да се спречи Брегзит „ по секоја цена“ и без договор со ЕУ, Џонсон успеа некако да се спогоди со Брисел. Колку и да изгледаше дека тоа не може да се случи, двете страни, сепак, се спогодија за еден „ нашминкан“ договор, во кој го нема контроверзниот „ бек-стоп“ но во кој се остана како што беше.

Во договорот „ а ла Џонсон“ го нема „ страшниот“ термин „ бек стоп“ што премиерот и лидер на конзервативците го користеше за соборувањето на Меј, означувајќи го како штетен и како без малку антидржавна одредба, но во основа и во џонсоновиот договор, останува целта за неговото постоење. Тоа е уредувањето  на границата меѓу Северна Ирска ( Британија) и Република Ирска (ЕУ).

Невидлива граница

Сега е прецизно определено дека Северна Ирска останува во британската царинска територија, но практично, царинскиот систем на ЕУ/Европа ќе продолжи да важи и  да се применува, се додека двете страни не постигнат договор за слободна трговија по конечното излегување на Британците од Унијата. Договорено е  Северна Ирска ( а не Ирска) да ги царини стоките и разните производи, како и да спроведува царинска контрола на производите кои преку северноирската територија би влегувале во Ирска, а преку неа во Европската Унија. Северна Ирска  ќе мора да продолжи да применува и стотици европски прописи од царинскиот сектор и за контрола на квалитетот на стоката што влегува в Британија, а преку нејзината покраина на ирскиот остров се префрла во Ирска и ЕУ.

Тоа практично значи дека Северна Ирска е издвоена ( царински) од Обединетото кралство, а тоа значи дека во Ирско Море е воспоставена „ невидлива“ граница меѓу Британија и островот Ирска.

Тоа ги воодушевува ирските националисти и Шин Феин, но не и унионистите од партијата ДУП кои го отфрлија договорот „ а ла Џонсон“. Против новиот дил беа и лабуристите и целата британска опозиција, како и независните 21 пратеници кои Џонсон ги истера од партијата, зашто не застанаа зад неговиот договор. Така и се случи- да се повтори истата ситуација, како со Меј- па при првото гласање и новиот премиер да доживее пораз околу договорот за Брегзит.

Прифатен, но не и верификуван

Сепак, не е се исто. Брегзит веќе им здосади на сите- на ЕУ и на европските политичари зашто се оддолжи до недоглед, како и на британската јавност која 3,5 години се занимава со оваа работа, при што политиката и државата остана заглавена во „разводот“ со Европа, запоставувајќи ги сите други проблеми. Сите веќе знаат дека нема британски политичар кој е спремен да прави трет договор со ЕУ, а нити Унијата го сака тоа. Затоа,  на второто „ читање“ на договорот, британските пратеници „ во принцип“ го прифатија дилот на Џонсон, но одбија за тоа да се расправа само три дена. Така се создаде една апсурдна ситуација, или можеби типично британска- договорот да биде  прифатен, но не  и верификуван.

Премиерот, во меѓувреме, продолжи да маневрира во својот веќе препознатлив стил, што се повеќе наликува на оној на американскиот претседател Доналд Трамп, отколку на британското однесување, па почна да трага по решение кое нема да го остави поразен и налик на Тереза Меј. Особено откако Џонсон мораше ( го обврзува преку ноќ донесениот закон) да прати писмо до Брисел дека бара нов рок за Брегзит, иако писмото не го потпиша!?

Нов термин за Брегзит

Брисел ( овој пат) прилично неволно се согласи за уште едно одлагање на излегувањето на Британија- д0 31 јануари 2020 година, а Џонсон тоа го искористи за да ја спроведе својата дамнешна намера, да ја „ растури“ опозицијата, наметнувајќи предвремени избори, трети избори во изминатите четири години, што Британците кој знае од кога го немаат направено. Уште и ги закажа за 12 декември годинава, пред тамошниот Божик, што е прв пат по повеќе од 100 години. Британците, традиционално, гласаат секогаш во мај- на четири , или на пет години, во зависност од определбата на владата и актуелниот премиер.

Изборите сите ги прифатија- затоа што се обезбедени дека нема да има Брегзит без договор- но на сите не им одговараат. Посебно не, на главната опозициска партија, на лабуристите на Џереми Корбин. Неговиот личен рејтинг е исклучително низок, поради неговата идеолошка матрица- на ултра-левичар, некои го означуваат и како марксист, или дури троцкист, па и рејтингот на партијата е низок.

Предвремени избори

Доколку сега би се гласало, конзервативците и Џонсон би освоиле околу 40 отсто од гласовите, додека лабуристите 12-13 отсто помалку гласови. Либералдемократите кои го имаат зголемено рејтингот околу Брегзит и ги прибираат кај себе разочараните лабуристички гласачи не можат да напредуваат толку многу за да станат конкурент на ториевците, со својата сегашна поддршка од 15 отсто. А тука е ( одново) ултра-десничарот Најџел Фараж и неговата нова партија наречена Брегзит.

Како и да е, на Џонсон ќе му треба коалиција за да формира нова влада, можеби со Фараж со кого беше сојузник во екот на кампањата за референдумот за ЕУ во 2016 година, доколку „ љубовта“ со ДУП конечно е завршена.

Во кампањата останува главна тема да биде Брегзит. Џонсон и брегзитерите ќе продолжи да зборува за „ рајските години“ на „ повторно освоената слобода“ надвор од ЕУ, иако ни тој самиот не знае како ќе се развиваат работите.

ЕУ на Британија и натаму ќе и биде исклучително потребна. Светот нема да се трка околу тоа да прави, на брзина, трговски договори со Лондон. Фараж го критикуваше договорот на Џонсон дека е  исто лош како и оној на Меј, а сега и претседателот Трамп го критикува, тврдејќи дека со него , САД не би можеле да прават  брз трговски договор со Британија.

Затоа и по изборите, се уште нема да биде јасно , што со Брегзит, односно дали тој навистина и конечно ќе се случи. Се ќе зависи кој ќе победи и каква ќе биде таа победа. А особено, дал британските гласачи изборите ќе ги прифатат како и секои други, или на нив ќе гледаат како на втор референдум- гласајќи за , или против Брегзит.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе