Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Моншалан -дамата која брани вето

KovalenkovPetr/Bigstock.com

Моншалан -дамата која брани вето

Во првите редови на француската одбрана во нејзината битка за да се запре Македонија на патот на нејзините европски амбиции, наместо министерството за надворешни работи и неговиот министер, изби француската министерка за Европа, една од силните адути на Елисејската палата, Амели де Моншалан.

Таа дама, настапувајќи во улогата на адвокат на новата француска политика кон Западен Балкан, ги прекори и ги искара сите- и европратениците и Парламентот во Стразбур, што се осмелија да не прифатат како француски кандидат за еврокомесар , тамошна поранешна министерка, иако таа е осомничена и под истрага од француски суд, за проневера на пари за избори и од комисијата на Европскиот Парламент. А, потоа влезе во полемика и во елаборација, во која целосно се загуби, не знаејќи каде зборува во свое име, а каде го интерпретира својот шеф- претседателот Емануел Макрон, за новините што тој сака да ги внесува во ЕУ, кога станува збор за приемот на нови членки.

Различни објаснувања

Низ бранењето на француското вето, таа ги прекори и ЕУ и  Германија, па потоа источноевропските членки на Унијата кои навиваат и го подржуваат даденото ветување на Македонија ( и Албанија), како и кон Скопје и Тирана, затоа што го паметат и француското ветување од јуни годинава, дека до октомври ќе се определи датум ( само) за почеток на преговорите за полноправно членство, на овие две преостанати земји од Западен Балкан кои останаа надвор од Унијата. ( Со БиХ не се знае ништо, а на Косово се уште му е потребно меѓународно афирмирање- членство во ОН за да почне да преговара за приближување кон ЕУ).

Бранејќи го ветото на официјален Париз, Де Моншалан  на сите критики од европските структури и од сите земји-членки, почна да реагира со различни објаснувања. Од   тврдењето дека таа не брани вето (?) до најновото париско откритие дека преговарачкиот процес за нови членки морало претходно да се реформира од самата Унија. И тоа туку така,  среде отворен процес, кога на две земји треба да им се даде датум тој процес и формално да почне. Притоа, оставајќи без назнака, дали таквите реформи се однесуваат и за Црна Гора и Србија кои, инаку, тоа во Париз го знаат- се наградени со  отворање на преговорите за 35-те поглавја, затоа што тоа им било ветено.

„Сапунска опера“

Француската министерка, прво, го искарикира целиот досегашен процес на примање нови членки, означувајќи го како некаква тв „ сапунска опера“! А, тоа треба да се однесува на сите источноевропски, екс комунистички држави, од некогашниот советски блок, плус Кипар и Малта, како и екс ЈУ републики Словенија и Хрватска), кои сега како членки на ЕУ сложно застанаа зад тоа на Македонија, која на своето уставно име додаде географска одредница, што беше главниот предуслов работите да тргнат напред, како и на Албанија, овој пат да им се определи датум од кога ќе почнат да преговараат. Веќе посочените Црна Гора и Србија преговараат пет години, без да се придвижат по европската патека.

Потоа, Де Моншалан почна да се вади така што призна дека реформи се покренати, односно дека ( во Македонија) имало усвоено низа закони од сегментот на владеењето на правото, но дека сега требало да се види дали властите во тие две држави ги спроведуваат, откако пред тоа беше категорична дека „ донесените прописи не се спроведуваат“. Но подоцна, во друга прилика, таа ќе рече дека Франција не бара нови услови, не става ниту нови барања од двете западнобалкански држави и смета дека реформските процеси се отворени, но требало да се утврди дали се доволно добри !?

Колку што се знае- нема дадено објаснување кој треба да издаде таков цертификат. Веројатно мисли само Париз, иако  Европската Комисија е таа која го следи напредокот на земјите кандидати и заедно со Парламентот во Стразбур е задолжена да оценува. Затоа, Брисел е овластен,  формално, да предлага давање датум, за старт на преговарачкиот процес.

„Можен е паралелен процес“

Излегува дека министерката, а тоа значи и Елисејската палата, не веруваат во Европската комисија, па веројатно затоа и тераат шега со досегашните приеми нови членки дека се одвивале како телевизиски „ сапуници“. Од тука и не е далеку помислата дека со оваа (нова) француска логика би требало сега да се преиспитуваат сите реформски закони на Македонија и Албанија и тоа од веројатно, некоја „ супер комисија“ која ќе треба секој закон да го става на кантар и да го омери. Како тргнале работите, не би требало да изненади доколку Де Моншалан и Париз не побараат на контрола да се стави и историскиот договор од Преспа, за тоа  дали е доволно добар Македонија да го добие она, што во последните 29 месеци и го заслужи, или дури дека можеби не е доволно применет (секако, од македонска страна).

Целата оваа приказна околу контроверзните ставови и позиции на министерката , кои се појавија во прв план откако нејзиниот претседател Макрон, почна да ги менува своите позиции- може да делува несериозно и политички неодговорно. Но, францускиот претседател, прво се промовираше себе си како голем Европеец, па потоа се искара со државите од ЕУ од источниот дел од Европа. Подоцна,  со своите дипломати , на еден заеднички состанок се заложи за примањето на Западниот Балкан во европското семејство, за да во текот на посетата на Србија, францускиот претседател порача дека РЕФОРМИРАЊЕТО  на процесот на преговори за членство МОЖЕ ДА СЕ ОДВИВА ПАРАЛЕЛНО со преговарањето.

Париз против сите

Тоа е истото  она што го сугерира Европската комисија и за што зборува целата ЕУ, не отфрлајќи ја француската заложба за реформирање на преговарачкиот процес. Конечно, тоа е она за што уште пред јунскиот Самит на ЕУ се залага еврокомесарот за проширување, на заминување Јоханес Хан. Тој и сега на сите страни во Брисел зборува дека нема никаков проблем двете работи, двата процеса, да течат еден покрај друг- не попречувајќи си. Онака како што самиот Макрон им зборувал на луѓето од српскиот државен врв за време на неговиот престој во Белград.

Не треба, затоа, да чуди што министерката за европски прашања на Франција се труди да најде некаков изговор за ветото против Република Северна Македонија, против кое се дури и поранешниот и сегашниот грчки премиер- после 25 години спорење, омраза, одржување криза и дестабилизација на регионот, што постоеше поради спорот на двата соседа околу користењето на името Македонија.

И, секако, не може да најде никаков изговор, иако можеби на крајот, поради консензусот врз кои се темели ЕУ, на притисок од Париз, а пред се од Макрон, може да се склепа некакво објаснување (оправдување) за јавноста. Тоа, во секој случај,  може да создаде политичка криза во Македонија и да овозможи  дестабилизирање на регионот, со јакнење на десничарските и националистичките сили.

Нов однос

Останува само непознат одговорот , што Де Моншалан ќе мора да го даде- каква реформска формула ќе се употреби за целосно заглавените преговори со Србија- која има стратешки врски со Русија, одржува внатрешна политичка криза, одбива санкции кон Москва и до крајот на месецов планира да стане дел од економската групација на екс советски републики , предводена од Русија.

Малку е веројатно дека ќе има некакво објаснување од неа. Одговорите ќе треба да се очекуваат од францускиот претседател кој и ја предизвикува целата оваа ситуација, отворајќи фронт внатре во ЕУ, со оние од Истокот, барајќи за тоа сојузници на Западот (!?) .

За еден новак во големата политика тој си дозволи  јавно, во Тулуз, по заедничката седница на владите на двете земји, да ги критикува Германија и канцеларот Ангела Меркел што ( на Македонија и посебно на Албанија им укинале визи, пред да почнат преговорите) , цинично забележувајќи дека Германците се откажале од својата цврстина и прецизност, не придржувајќи се на редот во европското проширување ! Тука, во таквиот ( нов) однос на Париз кон Берлин, можеби треба да се бара објаснувањето за сето она што Франција и го приредува на ЕУ.

(И.Т.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе