Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Киев меѓу Западот и Истокот

joyfull/BigStock.com

Киев меѓу Западот и Истокот

Европската, а посебно американската јавност продолжува да се занимава со телефонскиот разговор на претседателот на САД Доналд Трамп и на украинскиот шеф на државата Володомир Зеленски, од јули годинава.

Притоа, главниот интерес останува околу тоа што навистина рекол Американецот, а што одговорил Украинецот – односно дали Трамп барал Украинците да спроведат истрага за да му се напакости на Џо Бајден и да се уништат неговите претседателски амбиции за изборите во 2020 година, притоа блокирајќи ја ветената воена помош, додека обвинителите во Киев не ископаат “нешто“ за Бајденовци.

Тоа стана круцијалното прашање, затоа што американските демократи од ова направија скандал од големи политички размери, покренаа истрага во Претставничкиот дом и започнаа процес на импичмент за претседателот на САД. Тој на тоа реагираше со заострена реторика, па прво рече дека доколку би бил отповикан, во земјата ќе избувнала граѓанска војна (!?) а потоа дека не станува збор за истрага на Конгресот, туку за пуч.

Во таквата распалена атмосфера која секој ден добива на забрзување, Зеленски и Украина се најдоа приклештени од двете страни, при што обете сакаат да ги искористат за својата политичка кауза. Украинскиот претседател, на Трамп во Њујорк (при средбата на маргините на Генералното собрание на ОН) му рекол дека ќе се истражи дали има нешто незаконско во работењето на синот на Бајден, додека четири години бил во Управниот одбор на украинската фирма за гас „Бурисма“, но во Киев изјави дека никој на Украина не може да и кажува што да прави.

Спогодба во Минск

Во меѓувреме, Белата куќа даде “зелено светло“ за испораката на ракети за украинската војска, како дел од помошта во борбата со украинските бунтовници, на Истокот од земјата, но најголемиот дел од воената помош од приближно 400 милиони долари и натаму останува блокирана, на барање на Трамп, направено една недела пред сега веќе контроверзниот телефонски разговор.

Во сенката на сите овие случувања, властите во Киев, тивко го прифатија т.н. “план Штајмајер“ и во Минск, во главниот град на Белорусија, ја потпиша привремената спогодба со сепаратистите во Источна Украина. Кон неа, која покрај „Европската четворка“ се приклучи и Русија. Станува збор за истите играчи како и оние кои го постигнаа мировниот договор од Минск, од пред неколку години, со кој освен што се запре војувањето, не се постигна ништо друго.

Овој пат, меѓутоа, тие изненадувачки лесно и брзо се спогодија, иако после многу одлагања, околу спроведувањето на локалните избори и на територијата на Донецк и Луганск, што се под целосна контрола на проруските сепаратисти. Со спогодбата се предвидува, во изборниот процес, овие две источно украински области да се третираат како дел од Украина, но локалната власт за која ќе гласаат жителите на овие провинции, самите тие да ја изберат.

Зеленски обвинет за предавство

Спогодбата која за најголемиот дел од Украинците дојде набрзина, ги подели луѓето, а ги подели и припадниците на руската етничка заедница на Истокот и предизвика наислнички протести во Киев на украинските националисти и на припадниците на крајната десница. Тие го обвинија Зеленски за “предавство кон државните интереси“. Во кампањата се вклучи и опозицијата и поранешниот претседател Петро Порошенко.

Тој доживеа тежок пораз на претседателските избори од еден аматер и новак во политиката, за каков важеше Зеленски, поранешен телевизиски актер-комичар, па сега Порошенко возвраќа дека спогодбата од Минск “можеби претставува предавство“, затоа што украинската влада нема ништо добиено за возврат, за прифатениот компромис.

Зеленски, пак, иако неискусен играч во големите политички игри, може да се пофали дека некако ги има придвижено работите. Впечаток е дека ги олесни тензиите во украинско-руските односи, успевајќи дури да изгради и “мостови“ со практично отцепените Донецк и Луганск. Во ова кусо време, како претседател, тој успеа да ги врати заробениците од Русија, без разлика што во замена, мораше да предаде и низа “тврди“ сепаратисти и воени команданти на бунтовниците, што се смета дека е резултат на порелаксираната клима во односите со Москва.

Крим – најболната точка

За Киев, затоа, оваа спогодба од Минск не би требало да се третира како победа, или како големо постигнување за украинскиот претседател, кон двата бунтовнички региони, или кон тамошните жители кои себе си повеќе се сметаат за Руси, отколку за Украинци. Зеленски, велат, дека сепак е задоволен и од ова. Тој смета дека и тоа е некаков напредок врз кој би можело да се градат настојувањето да се дојде до конечно и трајно решение, наместо обновата на непријателствата и војувањето.

Неговите критичари, меѓутоа, му замераат дека во разговорите со “европската четворка“ воопшто не се споменува Крим, најболната точка на Украина, полуостровот што Русија го анектира во март 2014 година, како одговор на променетата политичка ориентација во Киев- наместо “братска дружба“ со Москва, свртување кон Западот и засилени економски и политички врски со ЕУ.

Во Источна Украина, спогодбата околу локалните избори ја поздравиле многумина етнички Руси кои, сепак, не сакаат целосен прекин со Украина, инсистирајќи на долгото во историјата заедничко живеење. Други, пак, не веруваат дека од оваа спогодба може да се изроди некое потрајно решение за кризата. Скептиците, а тие не се мал број, сметаат дека во основа ништо нема да се измени. Тие не му веруваат на Зеленски, најмногу затоа што и тој (како неговиот претходник Порошенко) инсистира дека нема да има специјален статус за источна Украина.

Луѓето не знаат што да мислат

На другата страна, во “прозападната“ украинска територија, луѓето се затечени и едноставно, не знаат што да мислат. Дури околу 60 отсто, во една анкета рекле дека немаат никакво мислење за оваа спогодба од Минск. Само 18 отсто ја подржуваат, а други 23 отсто се против.

Ако сето тоа е така, тогаш останува впечатокот дека оваа голема источно европска земја, поранешна советска република, уште долго време ќе остане заглавена со кризната состојба во која властите во Киев ја имаат загубено контролата врз Крим.

Уште повеќе, во Русија велат дека не може да има преговори за полуостровот, затоа што тој е трајно вратен кон “матицата“ земја, од каде бил одземен со одлука на еден генерален секретар на Комунистичката партија на СССР, во раните педесетти години на 20 век, а сега ниту таа држава постои, а ниту партиската одлука има правна сила.

Украина нема контрола ниту врз двете провинции Луганск и Донецк кои лани прогласија “ независност“ нарекувајќи се “Донецка народна република“ и определија свое знаме, со што ситуацијата наместо кон решение, полека се придвижува кон “стаус кво“ во стилот на она во Грузија.

Неопходно е радикално решение

Властите во Тбилиси над 25 години немаат контрола врз Абхазија, а од 2008 година и врз Јужна Осетија. Од пред 11 години, Москва ги има и двете области признаено за “независни држави“, присилувајќи уште неколку други земји- зависници од Русија, да ја прифатат „замрзнатата“ состојба во готово решение.

Конечно, и во делот од државата што е под контрола на владата во Киев, не цветаат рози. И во тој дел, а тоа значи на територијата на целата земја, владее силно изразена поделеност- на западна Украина (религиозно, историски и културолошки ) поблиска до европскиот Запад и на Истокот на државата кој останува да биде на секој начин поблизок со Русија.

Со претходната, мировна спогодба од Минск, беше предвидено украинските граничари да се вратат на источната граница од земјата, но за тоа Киев требаше да понуди нов концепт за уредување на државата. Едната варијанта е претворање на Украина во федерална држава. Другата е давање специјален статус на сега, отцепените Луганск и Донецк, што секако е решение кое го застапува официјална Москва.

Во Киев, меѓутоа, ниту Порошенко, а изгледа (засега) ниту Зеленски, не размислуваат така, или пак немаат политичка храброст, низ радикално решение да ја сочуваат целовитоста на државата.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе