Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Војната што ја измени Европа

Gary Blakeley/BigStock.com

Војната што ја измени Европа

Само 21 година по замолчувањето на топовите, во ноември 1918 година и завршувањето на Првата светска војна, оружјето одново се огласи во Европа, па Стариот континент и светот се соочија со уште една војна од глобални размери.

Започна Втората светска војна, која историчарите, подоцна, ја имаат прогласено за најголемото и најкрвавото воено судирање во историјата на човештвото, според бројот на жртвите меѓу војниците и цивилите, според обемот на разурнувањата, раширеноста на речиси сите континенти и бројот на државите опфатени и вклучени во воените операции.

Првата војна почна и се водеше за превласт и премоќ на тогашните империи и за инаетот на тројцата братучеди – британскиот крал, рускиот цар и воинствениот германски кајзер – и заврши катастрофално за сите нив, затоа што руската и германската империја, заедно со австро-унгарската и отоманската пропаднаа и заминаа во историјата, а британската, неповратно, почна да ја губи својата моќ.

Втората светска војна, пак, се покрена како израз на реваншизмот на поразените сили во Првата војна и на манијакалната амбиција на нацистичка Германија да се “исправи неправдата и понижувањето“ со Версајскиот мировен договор.

Реваншизам и милитантен национализам

Од империјална сила, Германија по војната беше сведена на второразредна држава, која уште требаше да плаќа и казни (репарации) за сето она што го направи во Првата голема војна, заедно со австроунгарците, иако Британија, Франција и царска Русија, пред да се случи Сараево и атентатот од пред крајот на јуни 1914 година, настојуваа да ја спречат војната.

По распадот на петте големи империи, во Европа беа создадени многу нови независни држави кои, пак, го покрена долго време потиснатиот национализам на многу мали народи кои дотогаш беа дел од империите што повеќе ги немаше.

Но, создавањето на кризата која предизвика избувнување на Втората светска војна, сепак, ја покренаа германскиот милитантен национализам и италијанскиот фашизам што почнаа забрзано да се развиваат во годините по крајот на Првата светска војна и Версајскиот мировен договор.

Почнаа да се развиваат како последица на големата светска економска криза од крајот на дваесетите години на 20 век, која ја доведе Германија на работ од банкротство и на барањата за ревизија на мировниот договор, зад што се сокриваа и територијални претензии, главно, кон новосоздадени независни држави.

Забрзаната моќ на нацистичка Германија и планот на Хитлер за нов европски поредок, предводен од „чистата, ариевска“ германска раса, во која ќе нема место за Евреите, Циганите (Ромите), словенските народи и разни други маргинални етнички групи, како и нездравите амбиции на хитлеровиот сојузник и штитеник, италијанскиот диктатор, националист и популист Бенито Мусолини, дека Медитеранот треба да се претвори во “италијанско“ море, уште повеќе ја засилуваше воената атмосфера.

Пропаднати обиди

Британија и Франција се обидуваа да ги смират амбициите на Хитлер, попуштајќи пред сите негови милитаристички провокации. Од засиленото вооружување, до аншлусот (припојувањето) на Австрија кон новиот германски Рајх, преку навлегувањето на нацистите во окупираната Руска област, до припојувањето на Судетската област (крајниот западен дел) на тогашна Чехословачка, што по Минхенскиот договор (на Хитлер и Мусолини со премиерите на Велика Британија и на Франција) заврши со бескрвно освојување на целата територија на оваа средноевропска земја.

„Мирот“ во Европа, што божем беше „купен“ во Минхен со договорот, всушност, беше фијаско на политиката на тогашната влада во Лондон, предводена од премиерот Невил Чембрлен.

Од тој момент беше само прашање на време кога изградената силна, нацистичка воена машинерија ќе тргне во својот воен поход.

Тоа го направи за помалку од една година по Минхенскиот договор – на 1 септември 1939 година – во раните утрински часови, со неиспровоцираниот нацистички напад врз Полска, бомбардирајќи ги полските градови и навлегувајќи од сите страни на територијата на земјата. Владите во Лондон и Париз, конечно, сфатија дека обидите да се “вразуми“ Хитлер и да му се угодува, за да се пречи нова војна, дефинитивно пропаднаа, па три дена подоцна и објавија војна на нацистичка Германија.

Европа, уште еднаш, и во релативно многу кусо време, се соочи со воени разурнувања и со човечки жртви.

Европска и светска војна

На почетокот на есента 1939, сето тоа изгледаше како “уште една локална, европска пресметка“ особено што главнината на воените операции почнаа од следната година. Советскиот Сојуз, со својот најблаго речено, недостоен пакт со нацистите, си обезбеди себе си мир до јуни 1941 година, иако и тогаш се покажа неспремен да се соочи со моќната хитлеровска армада.

Таа година, нацистите “на јуриш“ го освоија и југот на Европа, вклучувајќи го и поранешното Кралство Југославија, а во тие рамки и територијата на денешна Република Северна Македонија.

Таа мисија, на просторот на Македонија, северна Грција, западна Тракија и југоисточна Србија, за нацистите, а за задоволувањето на наводните „национални“ амбиции и беше дадена на армијата на тогашна царска, профашистичка Бугарија.

Американците, пак, во војната се вклучија дури на крајот од 1941 година, по нападот на империјалните сили на тогашна Јапонија, врз воено-поморската база на САД во Перл Харбур, на Хаваите, откако претходно се придржуваа на принципот на неутралност и немешање во “европските работи“, што американскиот претседател Френклин Рузвелт, две години го оправдуваше со “антивоеното расположение на јавноста во САД“.

Осумдесет години потоа

Светот и светската историја, меѓутоа, почетокот на Втората светска војна, го врзува за нацистичкиот напад врз Полска во првиот ден од септември пред 80 години. Затоа, политичките лидери од Европа и од светот, се собираат во Варшава за да ги одбележат осумте децении од почетокот на војната која однесе 60 милиони жртви, пред се, цивили, убивани во бомбардирањата, во концентрационите логори создадени за уништување на цели народи, во бројни масовни стрелања и егзекуции, или како последица на болести и неисхранетост, предизвикани од воените судирања.

Според организаторот на ова одбележување- полската влада – како “клуч“ за поканување на гостите од Европа, го избрала членството во ЕУ и НАТО, како и членството во т.н. “европско партнерство“ (!?) кое го сочинуваат Азербејџан, Ерменија, Грузија, Молдавија, Белорусија и Украина.

Наводно, поради еден таков „клуч“ не се поканети ниту една Русија, а ниту Србија и Македонија, кои како дел од екс Југославија, се учеснички во антихитлеровата коалиција, преку силното партизанско движење и народно-ослободителната борба која, само на македонска територија е “платена“ со 25 илјади човечки жртви.

Нема некое прецизно објаснување од владата ви Варшава како е смислен овој “критериум“ кој, во секој случај, е сосема погрешен и неморален, како кои жртвите од војната, така и кон сегашните генерации, но ако тој остане до крајот, тогаш од просторот на екс Југославија, на чија територија нацистите и фашистите држеа силни воени формации, токму поради силниот партизански отпор, ќе отсуствуваат само лидерите од Македонија, Србија и БиХ.

Не е докрај јасно зашто е така, кога во Варшава ќе има политички лидери од многу земји кои имаа квислиншка власт во текот на војната, како и земјите од “европското партнерство“ за кои не може да се каже дека треба да се стават пред овие три поранешни ЈУ републики.

Пораката на Варшава

Како и да е, на 80 годишнината од почетокот на војната, ќе зборуваат полскиот претседател Анджеј Дуда, германскиот претседател Валтер Штанмајер и американскиот Доналд Трамп.

Германецот и Дуда, како што е најавено, во раните утрински часови треба да го посетат малиот полски град Вјелун што е бомбардиран од нацистите уште пред формалното објавување на војната, за да им оддадат почест на првите, велат, 1200 цивилни жртви на самиот почеток на Втората светска војната.

Пораката од ова собирање во Варшава, како тоа го имаат замислено Полјаците, меѓутоа, треба да биде пошироко.

Од вообичаената порака за мир и предупредувањето за во иднина – никогаш повеќе да нема војна, а посебно не од пошироки размери, како онаа што почна пред осум децении, до тоа дека “сеќавањето на Втората светска војна треба да биде предупредување за современиот свет – за да нема насилно менување на границите, за да не се прават пактови зад грбот на други земји и на нивна штета и за да не се попушта пред агресивноста на некои земји, само за да има мир“.

Овој дел од полската порака за 1 септември, изгледа како да се однесува на Русија и на нејзините интервенции во Украина и во Грузија. Но, современа Европа, а пред се ЕУ, која е создадена за да никогаш повеќе нема војна на Стариот континент, потхрануван од реваншизам, од национализмот, ултрдесничарењето и популистичкото кокетирање со масите, за да се владее неевропски и авторитарно, одново се соочува со вакви состојби и движења, последниве четири-пет години, кој потсетуваат на некои состојби од пред подемот на фашизмот и нацизмот.

Искривено издание на годишната

Нив ги има и во самата Унија, во некои нејзини земји членки. Полска често се посочува како една од државите од Истокот на ЕУ, кои 15 години по своето членство во Унијата и враќањето во семејството на европските “браќа“, почнува да заборава на демократските и либералните принципи и правила за кои инаку, нејзините демократски сили се бореа додека државата беше дел од поранешниот комунистички блок, предводен од Советскиот Сојуз.

Војната, чиј почеток актуелната полска влада ја одбележува во (за жал) искривено издание, ја измени Европа, од корен.

Доведе до проширување на сталиновата советска империја. Направи сојузниците во војната против Хитлер да станат непријатели. Го комунизира Истокот на континентот, поделувајќи го на “црвениот“ Исток и „синиот“ демократски Запад. Од просторот на некогашна Југославија направи “тампон зона“ меѓу овие два спротивставени воено-политички и идеолошки блокови и го подели Берлин, во срцето на Европа, грубо, со ѕид од бетонски блокови и бодликав тел.

Тоа траеше 45 години, до падот на тој ѕид, до повторното обединување на сега демократската Германија и до падот на комунизмот во Европа и распадот на Советскиот Сојуз.

Поразително делува што токму владата на една Полска, која и самата беше една од жртвите на таа и таква поделена Европа, заборава на ова време од најблиско минато, и тоа токму на 1 септември, во 2019 година.

(Спектатор)

Понатаму
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе