Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Балканот без визионери

Elnur/BigStock.com

Балканот без визионери

Како сега стојат работите, многу е веројатно дека обнова на косовско-српскиот дијалог нема да биде можен во наредните месеци, а веројатно и до крајот на годината, дури косовската влада и да ги укине таксите на увозната стока од Србија. Уште помалку е реално да се очекува да дојде до некаков порадикален пресврт, што би значело конечно решение за косовското прашање. Во таквата песимистичка атмосфера, некој во Белград пушти глас дека во овие две држави ќе престојува американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон. Тоа требаше да биде знак дека можеби, сепак, нешто се движи, околу трајното решение за Косово, иако длабоко зад сцената.

Но, од Вашингтон порачаа дека од посетата (засега) нема ништо, не давајќи притоа никаква натамошна елаборација.

Власта во Белград наеднаш го “засака“ Болтон кого, како советник на претседателот Џорџ Буш и негов амбасадор во ОН, претходно, остро го критикуваше поради неговата остра анти-руска реторика и неговите оправдувања за воените интервенции во трети земји. Промената настана, откако минатото лето, Болтон беше единствениот што веднаш не ја отфрли (тогаш) “неофицијалната идеја“ на официјален Белград – косовското прашање да се разреши со разграничување на косовските Срби и Албанци и со размена на територии, пред Србија да прифати државна граница со Косово и на тој начин, фактички, да ја признае неговата независност.

„Тешка есен“ за Косово

Српскиот претседател, потврди дека Болтон не доаѓа, само затоа што Американецот нема со кого да разговара во Приштина. Тоа е така, затоа што Косово се наоѓа пред избори, по оставката на тамошниот премиер Рамуш Харадинај и одбивањето на неговата коалиција да се постави нов мандатор, наместо да се оди на гласање, како што тоа, во еден момент го сугерираше претседателот Хашим Тачи.

Постизборниот процес, овде на Балканот, обично трае со месеци, па тоа се очекува да се случи и на Косово. А, потоа, за март 2020 се најавуваат српските парламентарни избори кои многу е веројатно дека исто така ќе се развлечат со месеци, оставајќи ги по страна сите витални прашања и интереси и во двете држави.

Тоа практично би значело дека косовскиот процес и нормализацијата на српско-косовските односи да загуби уште една година, исто онака како што ги има загубено изминатите две децении, од крајот на војната, претворајќи го ова билатерално, но и регионално и меѓународно прашање, заглавено во старото наследство и во старите предрасуди, како “замрзнат случај“ да чека да биде одмрзнат.

Александар Вучиќ признава дека претстои “тешка есен“ за Косово, но и дека Западот настојува да се забрзаат работите. Тој, сепак, не остава простор за компромисно решение, туку порачува дека – “нема да има решение, доколку Србија ништо не добие“! Неговата ланска “неофицијална идеја“ (мисли на разграничувањето) сега станува официјална, затоа што открива дека “сите ја одбиле и ја отфрлиле“.

Србија се пазари

Сега Белград очекува да види – што ќе биде понудено. Меѓутоа, уште пред Болтон, или некој друг од САД или од ЕУ, да се вклучи во работите, српската страна праќа пораки во кои вели – “нема признавање на (косовската) независност, доколку Србија ништо не добие. Очигледно е дека Белград повеќе не е задоволен само со влегувањето во ЕУ, туку бара за себе и нешто повеќе. Од Косово, пак, остануваат на својата позиција дека од Белград веќе ништо друго и не се бара, освен да го прифати Косово како независна држава и свој нов сосед.

Како и да е, и едната и другата страна, со својата тврда позиција која како што покажуваат случувањата во изминатите месеци се зацврстува, навестуваат дека криејќи се зад национализмот и наводниот патриотизам, не сакаат брзо да го затворат ова прашање и да овозможат европеизација на просторот.

Одржувајќи ги меѓусебните тензии и отвореното непријателство, двете страни ја одржуваат тензијата и во целиот регион кој на некој начин се претвора во заробеник на затупените и неевропски состојби во српско-косовските односи, иако во Белград знаат дека нема никакви шанси од Косово одново да направат “автономна покраина“ или да ја имаат политичката и безбедносна контрола врз оваа земја која 11,5 години е независна држава, а која 20 години е надвор од Србија.

Балканот е далеку од Европа

Во овие две децении, може на сметката на Европа и на САД да се стават приговори за нивниот однос кон косовското прашање, дозволувајќи и на Русија да се замеша во него, а сега да го блокира за да има оправдување за своето присуство на Балканот, но една работа е сигурна- вината и одговорноста за оставањето на ова прашање и на регионот во последното кризно подрачје, прво, треба да се побара во Белград и во Приштина и тоа, поради отсуството на визија и на политичари-визионери.
Две децении за Косово и безмалку 25 години за се уште несредената БиХ, се изгубени токму од тие причини.

Колку за споредба, во истиот период од рамно 20 години, меѓу 1945 година (крајот на Втората светска војна) и 1965 година, Германија и Франција две соседни европски држави кои крваво војуваа во двете светски војни како големи непријатели, зад кои останаа милиони мртви цивили и војници, се претворија во пријатели, добри соседи и сојузници. Од 1957 година и формирањето на ЕЕЗ ( Европската економска заедница) основата за денешната ЕУ, Париз и Берлин станаа предводници на европските интеграциски процеси и практично во она, што денес се нарекува “моторот и срцето на ЕУ“.

Француско-германскиот мотор

Ниту Французите, а ниту Германците не заборавија кој на која страна беше во светските војни. Двата народа кои толку многу им дале на европската култура и цивилизација, не ги заборавија злоделата на нацистите, окупацијата и понижувањето на Франција низ квислиншкиот режим на маршалот Петен, инаку еден од победниците во Првата свеска војна. Не ги заборавија мртвите и теророт врз обичното население, но нивните лидери по војната беа визионери. Тие имаа визија за тоа дека треба да се запре со старите предрасуди, со ривалитетот, со национализмот и омразата, за да се изгради една нова Европа, ослободена од непријателствата и определена за мир.

Првиот повоен германски канцелар Конрад Аденауер многу брзо по војната сфати дека не може да се изгради нова Германија, доколку прво не се изврши помирување со Франција, земјата кон која тргнуваа сите германски воени походи во минатото. Таа нова германска политика на еден поинаков Германец од оние кои Европа дотогаш ги познаваше, беше поздравена и подржана и од Франција и нејзиниот тогашен претседател Шарл де Гол, затоа што и неговата визија беше трајно да заврши времето на војувањата и непријателствата меѓу овие две држави и нивните народи. Така и се роди процесот на европското интегрирање, зачнат уште на почетокот од педесеттите години на 20 век, само после седум години од капитулацијата на нацизмот и фашизмот.

Потхранување на национализмот

Тоа и такво визионерство, се уште го нема во случајот на Србија и Косово. Нема ниту знаци за визија меѓу политичарите и од двете страни, како да се покренат работите, па овие две балкански земји да се насочат кон својата европска иднина. Да станат дел од оние интеграциски процеси кои во Европа започнаа по Втората светска војна, од политичарите визионери на државите кои пред тоа војуваа во две светски војни.

Но, отсуство на визионерство е забележливо и во БиХ, каде локалните политички лидери се закопани во национализмот и после четврт век од војната која беше неспоредливо помала од онаа во која беа вплеткани Германија и Франција. Босанските соседи – Србија и Хрватска- не само што не помагаат во стабилизацијата, туку ги поттикнуваат национализмот и омразата. БиХ има гранични проблеми со Хрватска, со Србија и со Црна Гора. Хрватска, иако е во ЕУ, има гранични проблеми со сите соседи, како што е тоа случајот и со Србија, која освен со Македонија, нерешени гранични проблеми има со Црна Гора, БиХ и Хрватска.

Во таа и таква атмосфера која се одржува над две децении меѓу земјите од Западен Балкан, а пред се, меѓу оние кои излегоа од некогашна Југославија, единствен светол пример и единствен модел за решавање на кризите во регионот е Преспанскиот договор од јуни 2018 година, меѓу Македонија и Грција.

„Преспа“ – за седум месеци

Долгиот и ирационален спор на Атина и Скопје, околу користењето на името Македонија, што се провлекуваше 30 години. Тие, пак, влечеа корени од историските заблуди, ирационалните толкувања на минатото и одржувањето на иредентизмот за партиско- политички потреби, стари повеќе од 70 години, од времето на создавањето на СФРЈ во текот на Втората светска војна, преку грчката граѓанска војна (1946-49), до растурањето на југословенската федерација.

Но, тешкиот и наводно, нерешлив спор, како тоа го прикажуваа националистите и во двете држави, се реши само за седум месеци интензивна работа и преговарачки процес, во кој беа вклучени министрите за надворешни работи на двете земји, нивните премиери и експертските тимови.

Во тие седум месеци од декември 2017 до јуни 2018 година, имаше охрабрување, поттикнување и поддршка од ЕУ и од САД, но сето тоа постоеше и порано. Американецот Метју Нимиц триесетина години остана “заглавен” во македонско-грчкото инаетење за тоа кој е поголем патриот, не успевајќи да ги натера и двете страни да се свртат кон иднината, додека трагаат по решението кое уште од почетокот, се вртеше на преговарачката маса, наместо што гледаат во минатото.

Визијата на Заев и Ципрас

Беше потребно визионерство на еден Алексис Ципрас и на Зоран Заев, како и нивната визија за поинаква иднина на двете земји – наместо низ непријателство, да се работи за градење добрососедство и за европеизацијата на регионот.

За нас, во Македонија, тоа значи дека само преку членството во евроатланските организации- НАТО и ЕУ- државата, сега со додавката “Северна“ на своето уставно име, може да стапне на европскиот пат и конечно, да биде дел од Европа. Голема работа завршија шефовите на дипломатиите и нивните тимови кои, прво, изградија меѓусебна доверба во преговарачкиот процес, а потоа, ги уредија сите детали за комплетирање на договорот, но пробивот го направија Заев и Ципрас, на нивната над шест часовна средба во Давос, во Швајцарија.

Затоа „Преспа“ стана модел за западно-балканскиот регион, за елиминирање на преостанатите кризни локалитети. Косовското прашање е последното од тој тип и неговото разрешување, иако станува збор за различно прашање од македонско-грчкото спорење околу името, може многу да научи од “Преспанскиот договор“ при трагањето за компромис.

Медијаторите и помагачите од страна ќе помагаат, но за почеток е потребна изградба на клима на меѓусебна доверба, која се уште, не постои меѓу Белград и Приштина. А, таа е неопходна за да се почнат вистински преговори. Тие нема да бидат такви, доколку едната страна настапува од позиција на посилниот и наметнува услови во стилот- ќе ви дадам признание, ако мене нешто ми се даде, упатено не до другата преговарачка страна, туку до посредниците во преговорите.

Сервис Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе