Трамп: Вие по Гугл – ние по виното
Американскиот претседател Доналд Трамп, придржувајќи се на својата, во основа, изолационистичка политика, декларирана уште на почетокот од неговиот мандат како – „Прво Америка“ – веќе е во трговска „ војна„ со Кина. Претходно отвори таков судир со Канада и со Мексико, присилувајќи ги на правење нов договор НАФТА со овие две соседни американски држави и САД, откако пред тоа, еднострано, се повлече од претходниот, означувајќи го како штетен за Американците.
Од тогаш, од Белата куќа, од време на време, се слушаат „ предупредувања“ низ јавно изразеното незадоволство на Вашингтон од состојбата во економските односи на САД со Германија и со ЕУ, како и кон Франција, секогаш со тврдење дека сегашната состојба е на штета на Америка.
Од минатата недела, случајот со Париз како да ескалира во нешто што би можело да се означи како некаква „ мала трговска војна“. Трамп се закани со контра-мерки за да ја казни одлуката на француската влада – со закон, да се воведе специјален данок т.н. ГАФА кој е директно насочен кон американските технолошки гиганти – Гугл, Амазон, Фејсбук и Епл.
Казнувањето за Французите би била во стилот – вие нам по Гугул, а ние вас по виното!
Данокот кој се нарекува ГАФА, според првите букви од имињата на големите компании во САД, се заснова, не на нивната добивка, туку на обртот што тие го имаат направено во Франција. Владата во Париз е решена да истрае со овој данок што се најавува од поодамна, објаснувајќи го и како начин за регулирање на работата на американските гиганти, на европско тло. Според париските медиуми, сега само се чека на ускладувањето на одредбите од законот, со нивото на ОЕЦД.
Претседателот Трамп, на ова реагираше на Твитер, во својот веќе препознатлив стил. Прво, порачувајќи дека таквото решение е погрешно, а потоа дека ако некој треба да ги оданочува американските фирми, тоа треба да биде нивната држава (САД), а не Франција. Како што има напишано на оваа социјална мрежа, решението на францускиот претседателот Емануел Макрон го означува како „ глупаво“ и навестува дека ќе уследат возвратни американски мерки.
Наскоро ќе уследи реципроцитетна мерка за глупоста на Макрон. Од секогаш тврдев дека американските вина се подобри од француските, иако, јас лично, не пијам вино
…напишал Трамп на Твитер, според она што го пренесуваат медиумите на САД.
Ваквата реакција на американскиот претседател не претставува изненадување. Тој уште во јуни годинава, се закани дека може да се случи да се воведат дополнителни царини за Франција и за француските производи, при што му порача на официјален Париз дека треба да се исправи сегашната нелојалната конкуренција.
„Не е фер кон американските вина, француските вина да не се оданочуваат во САД“- има речено претседателот Доналд Трамп.