Возило со дрога се судри со полициски автомобил
Полицијата во Австралија успеа да прекине еден синџир на илегално растурање дрога, на крајно невообичаен начин – без да знае за тоа и без самата да покрене било каква операција. Едноставно, дрогата речиси им била “испорачана“ од (најверојатно) несмасен и невешт возач на автомобилот кој ја разнесувал дрогата, на тој начин што предизвикал судар и тоа не со едно, туку со две полициски возила, обете паркирани пред една локална полициска станица.
Овој необичен полициски случај е регистриран во Сиднеј и сега во тамошните медиуми повеќе се раскажува како за куриозитет, отколку како за криминален инцидент.
Веднаш по сударот, возачот избегал, а сиднејските полицајци тргнале по него, во потера, во обид да го фатат и да го санкционираат за „сообраќајката“ и за направената штета врз двата автомобили на полицијата.
Успеале да го пронајдат во сосема друг крај од овој најголем австралиски град, но биле мошне изненадени кога при рутинскиот преглед на автомобилот што го предизвикал сударот, била откриена дрога.
Полицајците нашле дури 273 кг. метамфетамин, спакуван во десетици кутии. Вредноста на запленетата дрога полицијата ја проценува на над 200 милиони австралиски долари.
Претставник на полицијата изјавил за медиумите дека ова било “едно од најлесните запленување наркотици“ во досегашното полициско работење.
“Човекот, очигледно, имаше лош ден, кога со толку опасен товар можеше да се удри во нашите две возила“- изјавил еден од полицајците, правејќи шеги за целиот случај.
Полицијата, сепак, покренала детална истрага и околу дрогата, а и околу инцидентот што го има предизвикано возачот на автомобилот со метамфетаминот. Тој е уапсен и обвинет за две дела- за илегално разнесување дрога и за- невнимателно возење.