Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Грција: Пукање во сопственото колено

toshket/BigStock.com

Грција: Пукање во сопственото колено

Грција има нова влада, составена од министри од десноцентристичката и конзервативна Нова Демократија (НД) и нов премиер, Киријакос Мицотакис, откако на порано одржаните парламентарни избори (според редот, требаше да се одржат во октомври) ја поразија досега владејачката левичарска партија Сириза, на Алексис Ципрас.

Ваквиот епилог од изборите не претставува изненадување, затоа што беше очекуван. Сите анкети, правени уште од минатата година, покажуваа уверливо водство на НД кое во еден период изнесуваше и 20 отсто.

Грчките аналитичари тоа го објаснуваа со незадоволството на гласачите од неисполнетото ветување на Ципрас дека ќе ја ослободи земјата од острите мерки за штедење и за кратење на јавната потрошувачка, што ги наметнуваа странските кредитори, за примените 289 милијарди евра со кои Грција не само што се спаси од јужноамериканскиот тип на банкротство на државата, туку и од целосниот пропаст на грчката економија.

Незадоволени гласачи

Колку за потсетување – кога дојде на власт, Ципрас им вети на Грците дека ќе ја прекине натамошната соработка со „тројката“ кредитори (ЕУ, еврозоната и ММФ) и ќе постапува различно од претходните влади на тогашниот ПАСОК и на Нова Демократија кои, инаку, со своето работење додека беа на власт, практично и кумуваа на целата финансиска и должничка криза, со раширеното расипништво, со трошењето пари без покритие, задоволувајќи ги Грците со нереално високи плати и пензии.

Сега веќе бившиот премиер, тогаш ги увери гласачите дека неговата влада повеќе нема да зема нови заеми и да спроведува политика на стегање на ременот на луѓето, кои веќе со години беа навикнати на удобен и релативно богат живот, особено на средната класа, која не ја интересираше дека сето тоа е без реална економска подлога.

о јули 2015 година, само шест месеци по изборната победа, Ципрас дури организираше и референдум за да добие дополнителна поддршка за таквата своја антиостерити политика, а гласачите уверливо го подржаа.

Меѓутоа, само еден месец потоа, во август таа година, Ципрас и неговата влада се спогодија за нов, трет по ред пакет финансиска помош (кредити), во вредност од над 80 милијарди евра, ветувајќи им го на кредиторите спротивното од она во што ги уверуваше домашните гласачи.

Ципрас се обиде да и објасни на јавноста дека тоа го направил откако ја утврдил вистинската состојба во која се наоѓа Грција и амбисот над кој земјата е надвисната. Тврдеше дека се откажал од своите партиски и идеолошки уверувања, во интерес на државата, но гласачите не го прифатија неговото државничко однесување. Во изминатите безмалку четири години, тоа не му го заборавија, па затоа и го казнија. Прво, на европските и на локалните избори, што Сириза ги загуби, а потоа и на неодамнешните парламентарни избори.

„Династија“ Мицотакис

А, тоа е она што му овозможи на Мицотакис лесно да ги добие сите три изборни трки, притоа не нудејќи во основа ништо ново и ништо повеќе од она што го нудеше Ципрас и што (практично) веќе го имаше започнато со својата влада. Впечаток е затоа дека налутените грчки гласачи, се определија за конзервативците, само за да му се одмаздат на лидерот на Сириза, па замената на Ципрас со Мицотакис, кого го означуваат како „политички принц“, кој отсекогаш бил подготвуван да го наследи својот татко, наликува на „ пукање во сопственото колено“ и на „саморанување“.

Новоизбраниот премиер сега ветува дека нема да има уште чистење во државната администрација и во целиот јавен сектор, дека нема да се кратат нивните плати и пензиите, дека ќе ги намали даноците кои ги подигна владата на Андонис Самарас во која Мицотакис беше министер, во екот на финансиската криза, потоа дека ќе изврши приватизација на државните фирми, ќе обезбеди нови странски инвестиции и најважното, ќе побара нови преговори со кредиторите, за олеснување на условите предвидени со остерити мерките.

Гласачите, одново се „ фаќаат за сламка“ и пак им веруваат на НД и на Мицотакис, заборавајќи дека токму оваа конзервативна партија (како и сега непостоечкиот ПАСОК), носат голема вина и одговорност за состојбите во кои се најде Грција. Економијата и финансиите беа лошо водени, исполнети со популизам и со купување на гласачите, затворајќи ги очите пред масовното неплаќање данок, пред корупцијата во целото општество, сивата економија и делењето (од банките) евтини кредити за населението, за се и сешто, а сето тоа на товар на државата која забрзано се задолжуваше, за да се одржува релативно угодната живеачка.

Постигнувањата на Сириза

Иако не ги исполни ветувањата од референдумот, Ципрас, сепак, ја стабилизираше грчката економија и ги олесни условите што ги бараа странските кредитори, во времето кога дојде на власт, како услов за добивањето свежи пари за одржување на земјата во живот. Тој ги успори наметнатите реформи, за Грција да може да „ земе здив“, почна да ги намалува даноците, а да ги зголемува пензиите.

Пролетва, грчката влада навести нови намалување на даноците и раст на пензиите. За својата економија, Ципрас и неговата влада добија пофалби од САД и од ЕУ. Еврокомесарот за економски прашања Пјер Московиси изјави дека економските постигања на ципрасовата влада се позитивни, бидејќи веќе три години по ред Грција одржува суфицит во својот државен буџет.

Грчкиот министер за финансии Еуклидис Цакалотос, пак, објасни дека грчката економија дури и ги надминала целите кои ги барале кредиторите, што овозможило намалување на даночните стапки и зголемување на пензиите, а тоа значи и подобрување на животниот стандард на добар дел од грчкото население.

Во билансот на досегашната влада влегува и намалување на невработеноста од 28 на 19 отсто, јавниот долг е спуштен на 180 отсто од БНП, од август 2018 година Грција излезе од режимот на странското менаџирање со нејзините финансии, обезбеден е забразан раст на туризмот и приливот средства од оваа гранка и се вратија околу половина милион, главно млади луге, кои заминаа за странство во годините кога кризата беше на врвот.

Нема место за еуфорија

Според тоа, победниците на изборите и осветољубивите гласачи немаат простор за еуфорија од победата на десницата, особено што новата влада знае дека самиот Ципрас од порано навестуваше покренување инвестициски фронт, откако беше подигнат кредитниот рејтинг на земјата, како и преговори со кредиторите за олеснување на поставените услови, што инаку Мицотакис сега го ветува како готова работа, заедно со растот на пензиите и социјалните давачки.

Во таквите изборни ветувања многу не верува берзата во Атина, која веднаш по соопштувањето на изборните резултати реагираше крајно внимателно – со пад од 1,4 отсто. Европските кредитори уште во текот на изборната кампања реагираа со предупредување за новите екстра трошоци што ги најавува новиот премиер.

Според нив, спроведувањето на ваквите ветувања ќе го отежнат постигнувањето на определените цели за стабилизација на финансиите. Конечно, какви и да бидат (евентуалните) нови преговори со кредиторите, Грција е обврзана до 2022 година да одржува суфицит од 3,5 отсто, до кога треба да трае и мониторингот на еврозоната врз работењето на грчката економија, а тоа значи и на грчката влада. Тоа го знаеше претходниот, а тоа го знае и новиот премиер.

Како и да е, останува фактот дека Нова Демократија победи на изборите освојувајќи од гласачите 108 пратенички места (Сириза доби 86). Со добиениот екстра бонус од плус 50 пратеници, што го предвидува грчкиот изборен закон, за партијата која од гласачите ќе собере најмногу гласови, како овојпат конзервативците, НД си обезбеди удобно владеење со Грција.

Во новиот состав на Парламентот оваа партија сега има 158 свои пратеници, а тоа е повеќе отколку целата нова опозиција, заедно со Сириза. Ципрас, на изборите во јануари 2015 година, имаше вкупно 144 свои пратеници (94 од гласачите и со бонусот уште 50 дополнително). Но и така немаше мнозинство за формирање влада, па за да стигне до потребните 151 пратеници во Парламентот кој има 300 членови, лидерот на Сириза, тогаш, мораше да прави коалиција со националистичката партија Независни Грци. На Мицотакис сега тоа не му е потребно.

Син, брат и вујко

Новиот премиер не е непознат на грчката јавност, затоа што потекнува од една од трите грчки политички семејства кои постојано даваат „принцови“ и „ принцези“ за власта во земјата.

Тој е син на поранешниот грчки премиер Константин Мицотакис кој ја водеше владата од 1990 до 1993 година. Брат е на поранешниот министер за надворешни работи Дора Бакојани, која има работено и како шеф на кабинетот на својот татко, а и самата еднаш беше кандидат за лидер на НД. Конечно, Мицотакис е вујко на штотуку избраниот градоначалник на Атина, Костас Бакојанис.

Во последната влада на Нова Демократија, пред доаѓањето на власт на Сириза, новиот премиер беше министер за администрација и тој ја извршуваше работата за драстичното намалување на јавната администрација, со отпуштање на луѓето од работа, како и кратењето на пензиите, спроведувајќи ги барањата на странските кредитори.

Што се однесува, пак, до кризата, во Грција таа тргна уште пред една деценија, во декември 2009 година. Претходно, на предвремени избори, падна владата на НД, на Костас Караманлис, а нов премиер стана Георге (Јорго) Папандреу, син на оснивачот и лидер на ПАСОК, кој на неколкупати беше грчки премиер и внук на стариот Георгиос Папандреу, кого во 1967 година, насила го собори од власта, групата грчки полковници кои извршија државен удар.

Само што седна во премиерската фотеља, Папандреу се соочи со грчката реалност. Кредитниот рејтинг на Грција беше намален поради стравот дека владата во Атина може да прогласи дека нема да ги плаќа своите доспеани обврски, односно дека ќе стане неуреден плаќач на нејзините долгови.

Распламтување на кризата

Пет месеци подоцна, во мај 2010, еврозоната, стравувајќи дека Грција може да прогласи банкротство и на тој начин да го повлече со себе и еврото, како заедничка валута на ЕУ, интервенираше со кредит од 110 милијарди евра, барајќи остри мерки на штедење и стегање на ременот. Надолното тркалање на Грција не можеше да се запре, па во јули 2011 година ЕУ интервенираше со нови 109 милијарди евра, за покривање на грчкиот долг, но агенциите не се смирија од сите тие потези, па продолжија да го намалуваат кредитниот рејтинг на земјата, додека земјата се соочуваше со штрајкови и масовни протести на синдикатите и на левицата.

Стравувајќи од можноста Грција да прогласи банкротство, во октомври таа година, еврозоната се согласи да и се отпишат на Грција половината од нејзинте стари долгови. Папандреу се одлучи острите мерки за штедење преточени во закон, да ги стави за изјаснување на референдум, но соочен со масовното незадоволство во јавноста, прво се откажа од таа идеја, а потоа поднесе оставка.

Наместо партиска влада, беше создадена „ влада на спасот“ од министри од ПАСОК и Нова Демократија, а за премиер беше поставен Лукас Пападемос, поранешен гувернер на Националната банка. Партиите се спогодија за нови избори, пролета 2012 година, но во меѓувреме, иако сите беа гневни поради кризата на која не и се гледаше крајот, во Парламентот помина новиот пакет со мерки за штедење, откако земјата доби нови 130 милијарди евра, сега веќе за да се одржи во живот!

Избори имаше во мај таа година на кои никој не обезбеди мнозинство, па претседателот Каролос Папуљас закажа нови, за јуни таа година, а на нив, најмногу гласови доби Нова Демократија, а десничарскиот политичар Самарас, стана премиер. За да се одржува владата и за да се спречи победа не левичарите, мораше да се создаде коалиција и тоа со ПАСОК, која на изборите остана трето рангирана, заедно со уште неколку помали партии, кои се согласуваа со политиката на драстично штедење.

Сириза и Ципрас на сцената

Левичарската Сириза влезе на голема врата во политиката, кога државата веќе беше пред колапс. Во мај 2014 година, оваа партија за прв пат победи на изборите за европскиот Парламент, освојувајќи 26,6 отсто од гласовите. Во декември таа година, земјата се најде и во политичка криза, откако Парламентот во Атина не успеа да избере нов претседател на државата. Според грчките закони, во таква ситуација се распишуваат парламентарни избори. Тие се одржаа во јануари 2015 година, на кои победи Сириза, а Алексис Ципрас со кого десницата и центристите ја заплашуваа јавноста, на 40 годишна возраст стана премиер на Грција.

Кога во јули таа година Европската централна банка одлучи да го запре вонредното финансирање на Грција, во земјата почнаа да се затвораат банките, а луѓето ги фати паника дека ќе ги загубат и своите заштеди.

Владата реагираше со распишување референдум, на кој уште еднаш ја доби поддршката на грчките гласачи, но сепак, не го оствари ветувањето, затоа што ако ја послушаше волјата на мнозинството Грци, државата ќе мораше да прогласи банкротство и да ја напушти еврозоната, во која влезе 2002 година, со „ фризирани“ и неточни податоци за грчкиот долг и за буџетското трошење.

Многу домашни и странски експерти сега велат дека доколку Грција го напуштеше еврото, за сметка на враќање на драхмата, земјата ќе се најдеше во хаос, со несогледливи последици, пред се, за нејзините луѓе. Тие, меѓутоа, на последните избори покажаа дека не мислат така, па му свртија грб на Ципрас, иако требаше да го подржат за да ја заокружи работата што ја имаше започнато и која веќе даваше резултати.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе