Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Победа на француско-германската антанта

Rawe8/Bigstock.com

Победа на француско-германската антанта

Ирскиот премиер Лео Варадкар постигнатата согласност на европските лидери за номинирањето кандидати за четирите најважни функции во ЕУ ја прокоментира со изјавата- успеавме да постигнеме компромис, а во политиката мора да се прават компромиси.

Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, постигнатата согласност ја прецизираше, означувајќи ја како „круна на длабоката француско-германска антанта“, или што би се рекло, на пријателското разбирање меѓу Берлин и Париз.

Тоа не е ниту нешто ново во европската пракса, а не се случува ниту за прв пат.

Уште на самиот почеток, на Самитот на ЕУ пред крајот на јуни, кога започна процесот за усогласување на ставовите околу новите личности за водечките европски функции, беше јасно дека договор ќе има тогаш кога Ангела Меркел и Макрон ќе се согласат, пред се, за првата функција по ранг – претседател на Европската комисија. Германија уште од пред крајот на минатата година најави дека овојпат ја сака за себе, особено сега кога во игра ја нема Британија, за да балансира меѓу овие две страни и притоа да бара и наоѓа простор и можност и за себе. Објаснувањето на Берлин дури имаше и некаква здрава политичка логика- иако најголема и најмоќна членка на ЕУ, Германија немала „ свој човек“ за предводник на европската „влада“ цели 50 години.

„Шпицкандидат“ на ЕПП

Германците го определија европратеникот Манфред Вебер, припадник на владеачката германска десно-центристичка партија ЦДУ на Меркел, кој според принципот на  „шпицкандидат“ стана кандидат и на блокот ЕПП партии десно од центарот. Зад него застана Меркел, а тој беше на предизборните паноа за изборите за европскиот Парламент во Германија, учествуваше во дебатите на телевизијата, а ги посети и некои од земјите каде народни, или десноцентристички партии се на власт, или во опозиција, барајќи и главно добивајќи подршка за својата кандидатура.

На мајските европски избори овој блок партии успеа уште еднаш да добие најмногу пратеници за Парламентот во Стразбур, но помалку од изборите во 2014 година. Кога така поминаа и партиите од левоцентристичкиот , социјалдемократски блок, беше јасно дека овојпат, вообичаената голема коалиција на десните и левите сили, не ќе може да се создаде без подршка на уште еден блок- на партиите на Зелените и на либералите кои забележаа подем во однос на партиите од десниот и левиот центар.

Тоа значаше дека при определувањето на кандидатите за нов претседател на Европската комисија и на Европскиот совет, како и за претседател на Европската централна банка (ЕЦБ) и за Висок претставник за надворешна и безбедносна политика, годинава ќе треба и нешто повеќе од постигнување на вообичаениот консензус на кој се темели ЕУ.

Макрон против Вебер

Во првиот обид, на Самитот на ЕУ, пред крајот на јуни, немаше согласност за ниту еден од „шпицкандидатите“ што досега беше вообичаена форма, пред да се постигна согласност на лидерите од земјите членки, да им се понудат кандидати за кои ќе се води расправа. Вебер, како кандидат на групата ЕПП, Холанѓанецот Франс Тимерманс, на партиите од левиот центар и данската еврокомесарка Маргрет Вестагер од блокот на либералните партии, не добија доволно гласови ( потребен е минимум од 21, од 28-те земји-членки), иако  Германецот требаше да биде фаворит, затоа што блокот партии кои требаше да ги застапува, имаат најмногу европратеници и во сегашниот состав.

Стана јасно дека Макрон е против Вебер, а тоа значеше и против Меркел која го имаше предложено и во изборната кампања силно го подржуваше. Не само што Франција не го подржа Германецот, туку и исфрли свој кандидат, Мишел Барније, поранешен француски министерза надворешни работи и главен преговарач со Лондон за Брегзит. Овој не беше претходно номиниран, но беше поважно што немаше ниту еден Французин за некоја од водечките функции, па стана јасно дека Париз го отфрла системот на „шпицкандидати“ и заговара нов- преговори ( или пазарење) на ниво на европските лидери. Официјален Париз не сакаше да даде подршка ниту за Тимерманс, а ниту за данската либералка, без разлика што Макрон  (со неговата партија) застана зад партиите од либералниот блок.

Наместо на еден Самит, европските лидери мораа да се среќаваат на неколку пати , трагајќи по луге за кои сите ќе се согласат. За Вебер се зборуваше дека негов минус е неискуството за да ја води Европската комисија, што во основа е сосема точно, бидејќи тој немал досега никаква висока функција ниту во Германија, а ниту во ЕУ, или во Брисел.

Источноевропејците не го сакаат Тимерманс

Против Тимерманс, пак, остро се нафрлија трите источноевропски членки- Унгарија, Полска и Романија- сите гневни на досегашниот потпретседател на Европската комисија кој остро ги критикуваше и ги осудуваше постапките на владите во Будимпешта, Варшава и Букурешт во врска со непочитувањето на европските стандарди и прописи околу владеењето на правото, правејќи реформи во судскот систем во своите држави, спротивни на правните норми на ЕУ.

По негов налог, Брисел отвори постапки против Унгарија и Полска кои доколку бидат казнети, може да го загубат правото да гласаат , но и да бидат иземени од делови од европскиот буџет, што ним им е многу важно, бидејќи со европски пари, ја купуваат довербата на гласачите во своите земји. Како по обичај, Унгарецот Виктор Орбан отиде најдалеку, па Тимерманс го означи како „Џорџ Сорос во Унијата“, заканувајќи се дека никако нема да помине неговата кандидатура. И Орбан не беше задоволен од Вебер, наводно, затоа што застапува либерална демократија и е близок со Меркел, која им стана трн во окото на овие три држави, поранешни членки на советскиот комунистички блок, барајќи од нив да се почитуваат европските стандарди.

Во временски теснец и под силен притисок од европската и светската јавност, дека ЕУ повеќе не може да се сложи и околу вакви, во основа „ технички“ прашања, што непријателите на Унијата, го користеа за да и предвидуваат „ брз крај“ што инаку и го посакуваат, беше јасно дека првичната листа кандидати повеќе не важи.

Ваквиот развој на работите значеше дека Меркел ќе мора да му попушти на Макрон- да најде нов човек за Брисел и да прифати Французин за некоја од главните позиции. Обидите да се уфрли некој од источноевропските членки- од Хрватска, или од Бугарија- не успеа, иако беше предложена Бугарката Кристалина Георгиева, а за претседател на европскиот Парламент бугарскиот политичар Сергеј Станишев, како противкандидат на Вебер, кој требаше да добие „утешна награда“- да го води Парламентот во Стразбур.

Ван дер Лејен за компромис

Не помина ниту оваа варијанта- против беа Франција, но и другите од Источна Европа ( веројатно од завист), па се тргна на номинирање сосема нови лица за сите четири функции, како и за евро Парламентот. Овој пат, беше најден компромис.

Париз прифати Европската комисија да ја води Германката Урсула Ван дер Лејен (60), Французинката Кристина Легард (63) да ја преземе Европската централна банка, Белгијанецот Шарл Мишел да го замени Доналд Туск, како претседател на Европскиот совет, а наместо Федерика Могерини, висок претставник за надворешна политика да биде Шпанецот Јосеп Борел (72), актуелен шпански министер за надворешни работи.

Колку вака постигнатиит компромис да изгледа како обичен пазарлак, што може да фрустрира некои од европските политички партии, посебно оние од крајно левиот и крајно десниот блок, ова не е никаков преседан, затоа што не е прв пат работите да се прават низ цела низа компромиси од разни страни. Колку само компромиси, на пример, беа направени при донесувањето на Лисабонската спогодба (своевиден Устав на ЕУ). Во сегашното определување на носителите на главните функции, сепак, се задоволени стандардите на Унијата, а тоа е да бидат врзани за резултатите од евро-изборите и позициите на партиските и идеолошките блокови.

Франција истурка свој човек

Ван дер Лејен е претставник од десноцентристичкиот блок, како членка на германската ЦДУ. Мишел кој сега е белгиски премиер, е либерал. Борел е претставик на блокот од левите и социјалистички партии, а Легард е прикажана како врвен стручњак за позицијата во ЕЦБ, како поранешен француски министер за финансии и актуелен директор на ММФ. Затоа и Макрон е задоволен од крајниот резултат, па затоа на крајот ќе изјави – „ Ван дер Лејен е многу добар кандидат, а Легард ги има сите квалификации“. И што за Париз е најважно- Французите успеаја да истуркаат свој човек, иако таков немаше при определувањето на „шпицкандидатите“.

Официјален Берлин и самата Меркел не го споделија задоволството околу „ антантата“ со Макрон, или барем тоа не го соопштија јавно. Но, на крајот , гледано во целина, Германците и не може да се незадоволни. По половина век имаат Германец во Брисел, особено што Урсула Ван дер Лејен била министерка во трите влади на Меркел. Таа е сојузник и подржувач на актуелниот германски канцелар, доаѓа од функцијата министер за одбрана на Германија, важи за силен еврофил и подржувач на европскиот одбранбен проект, вклучена е во сите планови на НАТО и ги зборува трите главни европски јазици- германскиот , англискиот и францускиот. Конечно, таа е првата жена која ќе ја предводи Европската комисија во нејзината 62 годишна историја.

На крајот- сите задоволни?

Во Брисел и во европските политички кругови се верува дека таа е вистинскиот кандидат за да го замени Жан Клод Јункер, ветеран на европската политика, како и дека е во секој случај, далеку поискусна од Манфред Вебер, кој на крајот остана без ниту една номинација. За претседател на европскиот Парламент беше избран Италијанецот, социјалист, Давид Сасоли, поранешен новинар кој на таа функција ќе остане 2,5 години. Договорено е тој да биде заменет од кандидат на партиите од блокот ЕПП.

Како, меѓутоа,  ќе помине кандидатурата на Ван дер Лејен, во Парламентот во Стразбур, останува да се види за две недели, кога ќе се гласа за сите номинирани кандидати. Според првичните проценки, Германката може да се случи и да не помине кај европратениците. Наводно, во Стразбур владеела фрустрација поради начинот на кој беа усогласени кандидатите за главните функции во ЕУ, дека  биле дезавуирани Парламентот на Унијата и досегашниот систем на претходно определени кандидати ( шпицкандидати). Затоа, се тврди дека би можело да се случи, против Ван дер Лејен да бидат и пратениците од десниот центар, додека оние од левицата се заканувале со бојкот. На друга  страна, се проценува оти ништо од тоа нема да има, токму затоа, што се задоволени сите страни, освен што станува збор за сосема нови лица.

Сепак, сите се согласни во нешто друго- а тоа е дека Емануел Макрон го „ грабна“ Самитот посветен на изборот на кандидати за да се наметне како своевиден лидер на Унијата, диктирајќи ги условите што нему и на Франција  им одговараат- за француските внатрешни потреби. Одлуката на Меркел да му ги удоволи барањата, сега ќе треба да се види со што ќе бидат надокнадени од француска страна. Тоа треба да се очекува, ако навистина дилот за европските функции претставува круна на неформалната француско-германска алијанса во Европската Унија.

(С.С.Г.)

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе