Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Антируски протести во Тбилиси

TeroVesalainen/BigStock.com

Антируски протести во Тбилиси

Грузиско-руските односи одново се во сериозна криза по дводневните насилни антируски протести во главниот грузиски град Тбилиси. Според локалните здравствени власти, околу 250 лица биле полесно или потешко повредени, откако полицијата употребила солзавец и гумени куршуми за да ја растера повеќе илјадната маса демонстранти, собрани пред зградата на Парламентот на Грузија.

Полицијата се брани дека најнасилната група меѓу демонстрантите се обидувала да навлезе во зградата. Властите ја обвинуваат опозицијата дека стои зад протестите, што таа го демантира, тврдејќи дека станува збор за “спонтана реакција на обичните Грузинци“, додека од Москва случувањата ги објаснуваат како “антируска провокација, потикната од русофобијата“ во државата.

Спикерот на грузискиот Парламент, Иракли Кобахидѕе, во меѓувреме поднесе оставка, поради, како што е речено, насилството пред Парламентот, а од Москва, по брза постапка, уследи казна за Грузија.

Руски декрет

Со декрет на рускиот претседател Владимир Путин, Русија ги прекинува сите летови на руските авионски компании кон Тбилиси и кон земјата, објаснувајќи го тоа со “безбедносни причини“ и како мерка за заштита на руските државјани кои како туристи престојуваат во Грузија. Со декретот, исто така, се најавува и итен план за повлекување на сите руски државјани кои во моментот на случувањата во главниот грузиски град се наоѓаат во оваа земја, наводно, затоа што воздушниот простор на оваа земја, во делот што го имаат под контрола грузиските власти, не бил безбеден.

Суспендирањето на сите летови од Русија за Грузија ќе стапи на сила од првата недела во јули, на почетокот од главната туристичка сезона, што се смета дека ќе остави тешки последици врз домашната туристичка индустрија, која последниве години забрзано се развива, особено што главнината на странските туристи се руските државјани. Само во првите четири месеци годинава, Грузија ја посетиле над 500 илјади Руси, додека во минатата година имало 1,7 милиони руски гости.

Најновата криза беше предизвикана од настапот на рускиот пратеник Сергеј Гаврилов во грузискиот Парламент. Тој им се обратил на домашните пратеници во името на Собранието на православните христијани (ИАО), седејќи на местото на кое седи само парламентарниот спикер.

Станува збор за една организација, создадена уште во 1993 година, од страна на група грчки парламентарци, со цел да се зацврснела врската на пратениците од православниот свет. Тоа е време кога и официјална Москва, настојуваше да најде свое место во новата, пост-воено студена Европа, по падот на Берлинскиот ѕид, на комунизмот и на распадот на Советскиот Сојуз, нудејќи им на државите од некогашниот источен комунистички блок, (како и на некои од државите што настанаа по распадот на Југославија), здружување на нови основи- прво врз основа на словенството, или јужнословенството, а потоа и врз православното христијанство, за да таму се најдат и Грција и Романија.

„Православно братство“

Настапот на Гаврилов, а особено тоа што тој седнал на местото на кое седи грузискиот парламентарен спикер, меѓутоа, веднаш предизвикало бурна реакција на дел од пратениците. Тие барале од Русинот да се тргне од говорницата, инсистирајќи дека неговиот настап и однесувањето претставува “шлаканица во лицето на грузиската историја“. Додека траела расправијата во Парламентот, пред неговата зграда во Тбилиси брзо се создала голема маса демонстранти кои извикувале – “Не на Русија“, “Слушнете го нашиот гнев“ и истакнале транспаренти на кои Русија се означува како окупатор на Грузија.

Целата ситуација има добиено подлабока политичка димензија, откако грузискиот претседател Саломе Зурабишвили ги подржа протестите, означувајќи ја Русија како “окупатор и непријател“.

Ваквата квалификација за Москва од највисокото место на државата е последица на ситуацијата во Грузија, која како и Украина, од пред 5,5 години, е соочена со сепаратизам, под закрила и со поддршка на Русија. Во грузискиот случај, состојбата се провлекува уште од 1991 година, кога оваа поранешна советска република прогласи независност.

Во две грузиски провинции- Абхазија и Јужна Осетија- тогаш избувнаа насилни протести против централната власт во Тбилиси, кои набргу прераснаа во вооружен бунт. Грузиските безбедносни сили наеднаш се соочија со борби на два фронта. Борбите престанаа, но двете провинции од тогаш продолжија да егзистираат како “независни“ држави, имајќи ја поддршката – политичка, економска и воена – на Русија. И двете провинции тврдеа дека тие немаат ништо заедничко (етнички) со Грузинците, што официјална Москва бараше да се почитува, па уште од пред 28 години, земјата остана “територијално осакатена“.

Осакатена Грузија

Во август 2008 година, тогашните грузиски власти се обидоа да ја повратат територијата на Јужна Осетија, но веднаш интервенираше руската армија, која од Северна Осетија, која е руска провинција, навлегоа на грузиската територија и во силна тенковска офанзива, не само што го скршија отпорот на грузиските сили, туку се заканија да навлезат и во главниот град Тбилиси. До тоа сепак не дојде, со прекинот на огнот што беше прогласен. Руската војска се повлече од грузиската територија, но остана во Јужна Осетија, а е стационирана и во Абхазија.

Официјална Москва, веднаш потоа, ги призна како „независни држави“ и двете грузиски провинции и уште побара неколку мали земји од Пацификот, како и Венецуела, Никарагва и Сирија, да го прифатат нивниот “независен статус“. Абхазија која е сместена во северозападниот дел од Грузија, и одзеде на државата половина од нејзиниот црноморски брег.

Од тогаш, грузиско-руските односи се максимално студени и оптоварени со „руската окупација“ и големата недоверба што владее меѓу Тбилиси и Москва. Тие уште повеќе се заладија, кога Грузија, во времето на Михаил Саакашвили објави дека сака да стане дел од ЕУ и од структурата на НАТО, предизвикувајќи големо противење и нервоза во Москва.

Сега, меѓутоа, Грузинците како да се оладија од своите НАТО амбиции, а гледајќи ја хаотичната состојба во Украина, не покажуваат некакви поголеми амбиции и за членството во ЕУ, кое за руската страна претставува „зло“ еднакво на членувањето во Северноатланската алијанса. Од друга страна, ниту НАТО, а ниту ЕУ како да немаат повеќе амбиции да се шират кон другите поранешни советски републики и особено кон реонот на Кавказот, што сигурно ќе значи ново тензии на Западот со Русија.

Во таквата клима, малата Грузија и големата Русија ги имаат развиено трговските врски, а во последно време и туризмот. Декретот на Путин и казнувањето на Грузија за манифестираната “русофобијата“ може да ја погоди слабата грузиска економија, што очигледно, била и основната намера на Москва.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе