Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Чекајќи го Брегзит

Tupungato/Bigstock.com

Чекајќи го Брегзит

Во очекување на излегувањето од ЕУ, во Лондон, овoј јуни почна со државната посета на претседателот на САД, Доналд Трамп која како и претходната ги разбранува духовите во британската јавност. Пред се поради „лекциите“ што им ги испорача на домаќините уште пред да допатува- за Брегзит, за ЕУ и преговорите со Брисел, за идниот премиер, за новиот преговарачки тим со европејците, околу ветувањата за брз трговски договор со Британија, по излегувањето од ЕУ, во што, инаку, никој не верува, како и за коментарот за најновата снаа на кралското семејство, Американката Меган Маркл.

Во интервјуто за „ Сан“ Трамп ја нарече „непријатна“ личност. Се покажа дека нејзината единствена вина била  што во 2016 година, пред да се пресели во Британија и да се омажи за принцот Хари, таа  навивала за Хилари Клинтон и била против неговиот избор за претседател. Во разговор за Си-Ен-Ен, од пред три години, таа остро ги има критикувано трамповите погледи и ставови по низа внатрешни, американски прашања.

Владата ги „проголта“ сите вакви изјави на Трамп за лондонските медиуми. Кралскиот протокол не менуваше ништо во прецизно зацртаниот распоред за посетата, но Меган не се појави ниту на кралскиот банкет, а ниту на свечената вечера приредена од кралицата, па немаше можност да се сретне со Трамп. Официјалното објаснување беше дека таа е „се уште на породилно отсуство“. Нејзиниот сопруг, пак, од солидарност, одлучи да се појави само на банкетот, но не и на кралската вечера.

Монсунски јуни

Веднаш потоа, Тереза Меј, како што најави, се повлече од лидерската функција во Конзервативната партија од која, претходно , со партиски пуч ја натераа да замине, за да не биде сменета. Сега е само в.д. премиер додека нејзините сопартијци не се спогодат кој да ја замени и на двете функции.

Нејзиното заминување , по неполни  три години поминати на кормилото на ториевците и на државата се совпадна со „ монсунскиот период“ што го зафати британскиот главен град и делови од Англија, во кои четири денови не престана да врне. Тоа веднаш предизвика поплави и излевање на бројните, нерегулирани канали во внатрешноста на земјата, блокира патишта и железнички линии, откако некои возови останаа заглавени во шините покриени со вода. Но за разлика од зоните каде монсуните се нормална појава, кога температурата на е се намалува и кога врне,  Лондончани се соочија и со пад на температурата до само 12 степени Целзиусови, давајќи му на градот есенски амбиент.

Тоа повеќе ги шокрира бројните туристи од земјите на ЕУ и светот, сите облечени како за почеток на летото, отколку домаќините кои летните облеки веднаш ги заменија за зимските палта, навикнати на хировите на британското лето. Во таква дождлива и студена временска атмосфера, започна изборната трка за наследник на Меј, кој ќе треба да го испорача Брегзит, она што таа не успеа, иако целосно се насочи само кон таа работа.

Кокаинска афера

Започна „ жешко“, бескомромисно и грубо, во манирите на балканската политичка сцена, на што , како ретко кога досега, тон им даваат лондонските весници, отворено определувајќи се за поранешниот шеф на дипломатијата и градоначалник на Лондон, Борис Џонсон. Означен уште и како предводник на пучот против Меј и на тврдото крило на брегзитерите, а згора на се, посочен од американскиот претседатеел и како „ најдоброто решение“ за Британија.

На стартот, меѓутоа, неговиот штаб и сојузниците околу него беа обвинети дека им ја дотуриле на медиумите ( кои навиваат за Џонсон) информација дека министерот Мајкл Гоув, екс сојузник на Џонсон, а сега противкандиат за нов лидер, пред 20 години, на една лондонска журка, земал кокаин.  Гоув беше обвинет и за хипокризија, затоа што во тоа време, како новинар на „Тајмс“ пишувал против раширената практика, сите журки на средната класа, посебно онаа од погорните слоеви, да завршува со наркоманска сеанса.

Тој призна дека тоа што е објавено е точно и јавно се извини, но рече дека нема да се повлече од изборната трка. Сите другите, потоа, почнаа да откриваат дека како млади и пред да влезат во политиката „понекогаш имаат пробано“ некоја од дрогите, главно, марихуана, освен Саџид Џавид кој единствен тврди дека никогаш не се соочил со тој порок. Уште ја искористи целата ситуација да поентира, обвинувајќи ја „белата“ Британија и целата средна класа за земање дрога и за дрогирање, од забава, на секоја домашна седенка.

Потегот на штабот на Џонсон против Гоув требаше да биде „ вратка“ во фин балкански стил, за неговото политичко предавство. Гоув се сврте против Џонсон, откако за разлика од него не поднесе оставка во владата, како што тоа го направи поранешниот шеф на дипломатијата, притискајќи ја од тогаш премиерката, која остана заглавена во махинациите на Џонсон и на неговото друштво кое на крајот и ја собори. Гоув, пак, неочекувано и остана лојален на Меј до крајот иако, како што вели е  „доследен евроскептик“ , објаснувајќи го разидувањето со Џонсон со „големите разлики“ околу тоа како треба да изгледа и да се спроведе Брегзит.

Борис Џонсон и жените

А, потоа, уследи контра-ударот. Весниците се распишаа, прво дека и Џонсон земал дрога ( што е многу веројатно. зашто тој и припаѓа на класата која се обвинува за наркоманија од забава и луд провод), а потоа и дека е неморален како човек, кога станува збор за жените и за бракот.

Во животот на 53 годишниот ториевски политичар имало четири жени ( за кој се знае). Џонсон сега живее, невенчано, со четвртата со која се верува дека ќе се оженел откако ќе стане премиер! Има четири деца, едно непризнаено татковство, се уште не завршен развод со правата сопруга и едно исклучување од владата во сенка на поранешниот тори лидер Мајкл Хаурад, откако го излажа и него и јавноста, за тајната врска со една своја млада соработничка. Неговите конкуренти, но и поголемиот дел од јавноста, сега се прашуваат- како е можно  еден ваков човек, кој не може да си го среди ниту својот приватен живот и да биде лојален кон сопругата, се осмелува да уверува дека тој ќе може усшено да ја води Британија, дека ќе им биде посветен на Британците и на нивните интереси, како и дека ќе ги среди состојбите со ЕУ, околу Брегзит.

Една анкета, направена пред финалните кругови гласање на конзервативните пратеници, за да се определат последните двајца кандидати, за кои на крајот ќе гласаат членовите на партијата, покажува дека 52 отсто од анкетираните Британци верува дека Џонсон ќе биде следниот ториевски лидер и наследник на Меј, но само 21 отсто смета дека тој, или било кој што ќе биде избран-  е подготвен за да ја заврши работата околу Брегзит и да ја води земјата.

Британија го губи престижот?

Американскиот неделник „Тајм“ веќе тврди дека британскиот Брегзит и „разводот“ од ЕУ се претвориле во „вистинско фијаско“. Неделникот донесува илустрација со Џонсон како кондуктер на автобус, од времето додека беше градоначалник, но автобусот пропаѓа во земја. Лондонските медиуми откриваат дека угледни политички експерти од светот подолго време констатираат дека Британија е држава која ( поради хаотичното напуштање на ЕУ) го губи својот престиж и рејтингот во светот. Според доскорешниот британски амбасадор на  Велика Британија во Сингапур, државата ја загубила довербата на меѓународната заедница и угледот на стабилна и земја за пример.

„ Кокаинската афера“ го растресе Гоув и ги намали неговите шанси, но затоа го истурка напред актуелниот шеф на дипломатијата Џереми Хант, кој по првото гласање се искаќи како втор, зад убедливо првиот Џонсон. Антиевропските таблоиди побраза да констатираат дека тој со едната нога веќе е во Даунинг стрит 10, но острите критики во јавноста, дека неговата определба – излез од ЕУ на 31 октомври, по секоја цена- со или без договор, практично значи политика на „тврд“ Брегзит, го натера да ја уверува јавноста дека тој никогаш не рекол категорично дека е за „развод“ без спогодба со Брисел.

Тоа, меѓутоа, не е точно , зашто од почетокот на процесот за напуштање на ЕУ,  тој е за „ No Deal“ варијантата, уште повеќе што досега се нема изјаснето околу резолуцијата на британскиот Парламент со која се отфрла можноста за Брегзит без договор. Весниците во Лондон тврдат дека тој не ја отфрла можноста дури и да на је почитува оваа ( во основа , необврзувачка) резолуција.

Битка за второто место

Во секој случај, впечаток е дека домашната политичка јавност очекува да се разбере само тоа кој ќе биде вториот кандидат, за финалното гласање за новиот тори лидер и премиер. Во првото гласање, Џонсон уверливо беше прв,  добивајќи 114 пратенички гласови, или една третина од пратениците се зад неговата кандидатура. Хант за кого се верува дека ќе се избори за финалната пресметка со Џонсон, освои 43 гласови. Тој, сепак, не се разликува којзнае колку од позициите на фаворизираниот Борис, зашто ( како и мнозинството кандидати) заговара  нови преговори со Брисел , за менување на бек-стоп одредбата, односно за границата на Ирска, со британската покраина Северна Ирска.

Нови преговори за бек-стоп заговара и Мајкл Гоув. Саџид Џавид кој е дете на пакистански имигранти, израснат во Бристол,  инсистира дека од Брисел ќе бара изработка на  нови одредби за ирската граница, додека ( засега) само најниско позицинираниот ториевец Рори Стјуарт, не бара од ЕУ нови преговори. Тој е категоричен дека договорот на Тереза Меј од ноември 2018 година е добар и дека Лондон треба ( конечно) да го прифати.

Пазарење за пратеничките гласови

Чекајќи го Брегзит, новинарите почнаа да откриваат теории на заговор. Едната е дека декларираните подржувачи на Џонсон и на Гоув, тајно се договараат да се свртат кон Стјуарт, пазарејќи се со него, за позиции и места во владата и во владината админстрација, верувајќи дека со него тоа може да им успее, затоа што важи за аутсајдер, па секој глас му е потребен за да остане во трката. Дали има вистина во тоа не може да се утврди, но факт е дека убедливо последно рангираниот Стјуарт, го прескокна и вториот круг гласање, добивајќе повеќе гласови, иако се очекуваше да биде елиминира. На втората јавна дебата на Би-Би-Си, на сега преостанатите петмината кандидати, впечаток е дека токму тој беше најзабележителен.

Другата теорија е дека штабот на Џонсон, уверен оти нивниот кандидат има обезбедено доволно гласови за „ финалето“, им сугерирал на дел од „ џонсоновите“ пратеници, на следните гласања,  да се определуваат за Хант! Целта била, токму тој да биде противкандидатот на Џонсон, уверени дека бившиот шеф на Форин Офисот, лесно ќе го порази актуелниот министер, прикажувајќи го и дисквалификувајќи го во јавноста како „ ванила политичар“.

Обичните Британци, посебно оние 16 милиони кои гласаа против напуштање на ЕУ, а сега зависат од политиканските игри на ториевските пратеници и на 160-те илјади членови на Конзервативната партија кои ( на крајот) ќе треба да им изберат  премиер што не го сакаат ( кој и да е ) , Брегзит го чекаат загрижени. За себе и за својата иднина, за државата и за нејзината економија. Стравуваат од бегството на инвестициите, што може да значи криза и губење на работни места. Песимисти веќе најавуваат дека кризата е присутна, особено кога се разбра дека во април, производството во Британија е намалено дури за 4 отсто. Затоа , како никогаш досега, во последниве 50 години , лугето зборуваат за политиката и за она што и се случува на земјата. Дури 72 отсто од Британците сметаат дека актуелните политичари и не разбираат што се случува, а особено што би можело да се случи.

(Т.И.)

Извештај од Лондон

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе