Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Тужба против Борис Џонсон-за лажење!

BigStock.com

Тужба против Борис Џонсон-за лажење!

Судот во Лондон соопшти дека во следните неколку недели треба да одлучи дали да се отвори постапка против поранешниот шеф на британскиот Форин Офис, Борис Џонсон,a тој да биде повикан на сослушување, откако против него е поднесена тужба дека лажел околу висината на трошоците на Велика Британија кон ЕУ.

Тужбата ја има поднесено британскиот бизнисмен Маркус Бол. Неговите адвокати во тужбата наведуваат дека Џонсон треба да биде изведен на сослушување затоа што ја има прекршено службената должност. Според тужителот, Џонсон „лажел додека беше градоначалник на Лондон, тврдејќи дека Британија, наводно, секоја недела издвојува за ЕУ по 350 милиони фунти (околу 400 милиони евра)„ што подоцна се покажа како сосема неточно.

„Демократијата бара одговорно и чесно лидерство од оние кои извршуваат јавни функции“- имаат наведено адвокатите на Бол во тужбата против Џонсон. Адвокатите наведуваат дека Британија никогаш не издвојувала толкав износ пари за Унијата. Тие го обвинуваат Џонсон, инаку предводник на тврдото крилo на брегзитерите во владеачката Конзервативна партија, дека добро знаел оти тоа што го тврди не е точно, но дека сепак лажел пред јавноста, повеќепати повторувајќи ги ваквите неточни податоци.

Станува збор за изјави давани во текот на 2016 година, пред референдумот за излегување на Британија од ЕУ, во јуни 2016 година, кога со таквите тврдења практично ја измамил јавноста, односно гласачите во земјата.

Адвокатите на Џонсон не ги отфрлаат тврдењата на тужителот, туку сметаат дека самата тужба е „несоодветна“. За нив,  станува збор за нечиј политички маневар, откако поранешниот градоначалник и министер за надворешни работи најави дека ќе се кандидира за наследник на актуелниот лидер на Ториевците и премиер Тереза Меј , врз која се врши силен притисок од нејзините пратеници во Парламентот, да се повлече од функцијата.

Џонсон ја користеше оваа неточна и измислена бројка  во текот на кампањата за Брегзит, кога заедно со десничарот и англиски националист Најџел Фараж организираа специјален автобус кој возеше низ Англија, со бројката од 350 илјади фунти неделно за ЕУ, агитирајќи тие пари да се користат за британските потреби. Таа валкана и нечесна кампања успеа да влијае врз гласачкото тело, пред се, кај Англичаните, иако и Џонсон и Фараж , под притисок на официјалните бројки за британската партиципација за Унијата, признаа дека биле „ претерани“. Обајцата никогаш не им се извинија на британските гласачи.

Борис Џонсон за кого се верува дека стои зад соборувањето на Меј и зад тврдата десничарска линија во Конзервативната партија која повеќе сака излез од ЕУ без договор, отколку со правно регулирана спогодба, на два пати беше градоначалник на Лондон. Во владата на Меј стана шеф на дипломатијата, а подесе оставка на таа функција не согласувајќи се со договорот што премиерот го постигна со ЕУ, во ноември минатата година.

Тој беше поранешен проевропеец. Има живеено во Брисел , каде и се школувал, додека неговиот татко бил еврокомесар. Има работено и како дописник од Брисел и седиштето на ЕУ. Стана евроскептик откако неговиот близок сопартиец и политички сојузник, со кого заедно студирале, Дејвид Камерон , не го избра за свој наследник на лидерската функција, туку се определи за поумерениот Џорџ Озборн, министер за финансии во тоа време. Се верува дека брегзитерството на Џонсон е само дел од неговото настојување да дојде до лидерската функција кај конзервативците, што по автоматизам, во сегашната ситуација, ќе го направи и премиер на Британија, без да се одржуваат вонредни парламентарни избори.

(Д.Л.)

Извештај од Лондон

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе