Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

“Шведски“ Балкан

Статуата на коњот пред царската палата во Стокхолм, Шведска. Sid10/BigStock.com

“Шведски“ Балкан

Францускиот амбасадор во Скопје, на два пати, онака “од нога“ настојува да и каже на македонската јавност дека за датумот за отпочнување на преговарачкиот процес со ЕУ, инаку пред една година ветен за овој крај на јуни, треба да утврди дали сите лански „домашни задачи“ се целосно исполнети, па дали реформите кои беа навестени од самата влада се имплементираат, а сега уште и дали законот за СЈО ќе го прифатела домашната опозиција и дали сите земји ќе бидат задоволни од она што е постигнато.

Тоа делува како порака, а и како изговор на еден дипломат за да не одговори директно на новинарските прашања, користејќи ги веќе добро познатите и истрошени објаснувања. Но, таквиот негов манир, сакал тој тоа да го признае, или не, претставува удар врз престижот на превропската и прозападната влада, меѓу домашните гласачи, и фин подарок за овдешната националистичка, антиевропска и антизападна опозиција, која веќе целосно е ставена во функција на руската стратегија за попречување на реформските процеи и на напредокот на земјите од Западен Балкан, а посебно на Македонија, кон евроатланските асоцијации.

Се очекува датум за преговори

Во случајов, од ЕУ овде се очекува САМО датум за отпочнување на долгиот преговарачки процес за полноправно членство, што инаку Брисел и Европската комисија, најавија дека ќе го предложат. Не се бара членство, не се бараат преговори по забрзана постапка, или влез преку ред, како што некои во соседството се исплашија, за да не останат претркани.

Македонската влада во изминатата година, ги започна реформските процеси, според планот што и беше даден. Од минатото лето е отворен и скрининг процесот, што Брисел го објасни како предфаза за започнувањето на преговорите, па затоа е глупаво да се тврди дека ги одбегнува реформите, кога добро знае дека без тоа не може да го добие она што го “брка“ од почетокот на својот мачно извојуван мандат – датумот за преговорите со ЕУ – што е нејзината главна цел.

И да не ги заборавиме сите надворешно-политички пробиви што ги направи оваа влада, пред се, целосното средување на односите со соседите – договорот со Бугарија и историското спогодување на Скопје и Атина од Преспа, за користењето на името Македонија, кое има не само билатерална, туку и регионална и европска димензија.

Не само што двете земји тргнаа од својот грб еден тежок ( иако непотребен) товар, врзан за далечното и поблиското минато и за историјата која националистите на двете страни ја толкуваа за политички потреби, туку преспанскиот договор овозможи Македонија да се појави како кандидат за ЕУ која чека датум за да преговара, откако ги има средено соседските односи и елиминирано старите историски спорови- нешто што Брисел од сите нови членки го бара како работа број еден.

Гранични проблеми

А, му се “провлекоа” Словенија и Хрватска, на пример, сега двете членки на ЕУ околу морската граница. Па, потоа Хрватска, која излезе дека освен со Словенците има гранични проблеми и со БиХ, со Црна Гора (за Превлака) и со Србија. Црногорците тргнаа забрзано кон Европа, без разлика на споровите со границата (со Хрватска и со Косово) откако “свртеа нов лист“ во својата дотогашна стратешка определеност.

Србија, пак, седејќи и натаму на две столчиња – Западот и Русија – со “отворени прашања“, или како сега тоа се вели во Белград со “шумови“, во односите со сите свои соседи (екс Ју републики), но поради ветеното признавање на Косово ( без разлика како тоа би се извело), државата прескокна многу препреки, пред и да почне да “трча“, па сега таа, формално, води преговори со Унијата.

Не е јасно како тие ќе се одвиваат и натаму, без трајно, правно-обврзувачко решение за Косово и за неговите граници (со Србија) и со постојани протести на опозицијата и на илјадници граѓани по улиците кои ја обвинуваат актуелната власт за непочитување токму на европските стандарди, што инаку морало да бидат испочитувани- пред да се добие датумот за преговори и пред да почне отворањето на поглавјата.

Македонија бара ист третман

Затоа, Македонија сега веќе има право да бара ист третман, што ќе рече – да биде наградена за сите свои постигнувања, особено што таа нема со себе историски “опашки“, гранични проблеми, не продава национализам насочен кон соседите и не шири омраза и анимозитет кон другите, а згора на тоа е изложена на силно мешање од надвор од една голема сила, која е закана и за самата ЕУ, настојувајќи да ја дестабилизира и да го разбие нејзиното единство.

Амбасадорот за кој станува збор, секако, многу добро го знае сето ова. Знае за намерните блокади на антиевропската овдешна опозиција за да актуелната влада не успее, за да касни во задоволување на рокови и термини за кои зборува францускиот дипломатски претставник во Скопје. Тој исто така знае и дека оваа влада е првата што не направи “партиска чистка“ каква што направи владата на режимот на избеганиот екс премиер и осуденик.

„Наградата“ за тоа, меѓутоа, е што Македонија остана да биде “заробена“ од внатрешните, антизападни и во основа, анти-реформиски сили, сместени во националистичката опозиција, меѓу нејзините кадри во администрацијата и во правосудството, како и кај дел од НВО кои покажаа дека во својата корумпираност се продаваат на двете политички страни, ако им се исполнат желбите и меѓу т.н. професорска правна елита, која сега потврди дека, исто така, работи според принципот- кој ќе даде повеќе.

Казнети поради Ле Пен

Реформите, секако, мора да се извршат, не само затоа што тоа го бараат “некои земји“ од ЕУ за да покажат строгост, тогаш кога тоа им треба, како сега пред европските парламентарни избори, туку затоа што и требаат на оваа држава – после 25 години транзиција и откако се дозволи да не претркаат оние кои на времето учеа од нас, па сега тие да одлучуваат дали ќе треба да одиме на Запад, каде сакаме, или да продолжиме да се бориме со руските притисоци од кои тие побегнаа.

Во секој случај, реформите, пред се, и се потребни на оваа земја, за да за себе стане вистински европска. Но, тој процес не е лесен и не оди лесно, дури и на Западот. Тоа го гледа и во самата Франција, откако владата мораше да се повлече од трите витални реформи, најавени на почетокот од мандатот на актуелниот претседател Емануел Макрон, меѓу кои како најважна се смета реформата на работните односи.

И таму има антиевропски сили, национализмот е во пораст, а крајната десница што во Франција ја води Марин Ле Пен, се здружува со своите истомисленици од Западот, нудејќи го популизмот, но и со оние од Истокот, откако само после 15 годни членство и примени над 350 милијарди евра европски пари за развој, тие сега бараат поинаква ЕУ, иако од нејзини раце пиеја вода и се уште се во ред – за уште пари.

Тогаш, зашто Македонија, во случајов, (и другите западнибалканци) би требало да се казнуваат поради Ле Пен, чија политика е во функција на стратегијата на рускиот претседател Владимир Путин.

Несериозна политика

Слични се позициите и на Денис Мекшејн, поранешен британски министер за Европа во владата на Тони Блер, кој на времето, силно се бореше за одржување на секцијата на македонски јазик на Би-Би-Си, во дебата во британскиот Парламент, дури повеќе и од уредништвото на секцијата и од македонското МНР. Тогашниот министер Милошовски уште тврдеше дека постоењето на една секција од тој тип е непотребна, затоа што “медиумите во Македонија уживаат најголема слобода“, а тоа беше времето кога режимот на неговиот шеф сите ги стави под целосна контрола.

Мекшејн сега инсистира дека е будалесто и претставува несериозна политика, од балканските држави да се чека тие првин да станат Шведска, или Швајцарија, па да може да се примаат во редовите на Унијата.

Затворањето на европската врата за овие, сега веќе само шест држави, од кои само Македонија со Албанија се во редот за очекување датум за преговори, значи дека ако ЕУ не дојде и кај нив и не почне да придонесува за нивниот позабрзан развој, тогаш луѓето од Балканот ќе дојдат кај нив – да работат и да живеат.

Овој поранешен британски политичар се согласува дека регионот има проблеми со корупцијата и со организираниот криминал, но забележува дека по тоа тие не се ништо полоши од нивните балкански соседи кои се веќе дел од ЕУ, но и од старите земји членки, како што се една Италија, или Шпанија. Токму поради корупција во врвовите на државата, мораше да си замине поранешниот шпански премиер Маријано Рахој, а неодамна неговата партија да доживее и тежок пораз.

Страв од крајнодесничарите

Мекшејн прашува – дали ако не се овие прашања, кои инаку ги има низ целата Унија, дали тогаш стравот (на Франција, посебно), ако станува збор за страв, е последица на фактот дека во балканските држави- претенденти има муслиманско население. Ако е тоа, тогаш излегува дека претседателот Макрон не сака да и даде муниција на Марин Ле Пен (пред евроизборите). Но, Париз како да заборава дека само во Франција и Германија – заедно – има над 13 милиони муслиманско население, наспроти 6,5 милиони во сите земји од Западен Балкан.

Како и да е, според Мекшејн, впечаток е дека Париз (со Берлин) се плашат од крајнодесничарското друштво во нивните држави, па станува апсурдно дека Ле Пен и таквите како германската АфД, ја диктираат француската и германската политика.

Во 2017 година, кога Макрон ја промовираше визијата за Европа тој порача дека ЕУ ќе мора да се отвори себе си кон балканските држави.

“Нашата ЕУ се уште е атрактивна и нашата аура претставува клучен фактор за мир и стабилност на европскиот континент“- рече тогаш францускиот претседател. Во Париз секако не заборавиле на овие зборови и на пораката испратена до Балканот. За овие две години, во регионот, сепак, има промени, а тие се особено забележливи во случајот со Македонија.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе