Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

ЕУ изборите и Западен Балкан

hadrian/BigStock.com

ЕУ изборите и Западен Балкан

Меѓу 23 и 26 мај, граѓаните на 27 земји-членки на ЕУ ќе избираат пратеници за Европскиот Парламент, единствената европска институција во која нејзините членови директно се избираат. Британија која, формално, се уште е 28-та членка на Унијата, поради хаотичната состојба околу Брегзит, наместо да е веќе поранешна членка, ќе мора, исто така, да одржи европски избори, иако нејзините избраници можеби никогаш нема да седнат во пратеничките клупи на ЕУ, во Стразбур. Последната можност за Британците, овојпат, сепак, да не гласаат за европратеници е, најдоцна, до 22 мај нивниот Парламент во Лондон да го прифати и да го ратификува договорот за Брегзит, постигнат меѓу Брисел и британската влада, во ноември минатата година. Проценките е дека шансите тоа да се случи во следните денови е малку веројатна, со оглед дека претходно, пратениците во Вестминстер на три пати одбиваа да го прифатат.

Тоа значи дека во тие три денови Европејците ќе треба да изберат 750 свои пратеници, распределени според партискиот спектар- од крајната левица, до крајната десница- во зависност од тоа како секоја партија поминала на изборите во секоја од земјите-членки. Тој (идеолошки) распоред на силите во Стразбур не е ниту малку небитна работа. Не само за изгледот на идниот состав на Европскиот Парламент, туку и за рејтингот и позициите на секоја од партиите во својата земја и кај тамошните гласачи, што многу често, за главнината од европските политичари, знае да биде и поважно од општоевропските работи.

Проблемите со Брегзит

Овие пратеници ги носат европските закони и акти со важност во земјите од Унијата, но и оние кои ги регулираат односите со светот и со земјите кои не се во ЕУ, потоа работат со министрите од државите кои ја сочинуваат ЕУ. Освен тоа, ја контролираат и ја надгледуваат работата на Европската комисија во Брисел (популарно, владата на ЕУ) која ги изработува сите нацрт-документи што потоа му се даваат на разгледување и усвојување на Парламентот во Стразбур. Сето тоа значи дека на земјите од Унијата, затоа, не и им е сеедено кого имаат во Европскиот Парламент, а на партиите, која од нив го има мнозинството, бидејќи потоа се прават пратеничките групи кои во следните пет години ќе ја креираат европската внатрешна и надворешна политика.

Годинешниве избори предизвикуваат поголем интерес од обично, затоа што се одржуваат во многу поразлична клима од онаа во мај 2014 година.

Прво, поради Брегзит и сето она што Британците го направија – наместо правно уредено напуштање на Унијата, како што Лондон ветуваше, “разводот“ се претвори во хаос и политикански марифетлуци на британските ториевци и опозициските лабуристи, оставајќи влијание врз работата на Европската комисија и блокирајќи го дејствувањето на целата ЕУ која беше вовлечена во британските игри, во стилот- сакаме да си одиме, ама не знаеме дали сега, или малку подоцна. Најлошото е што токму Брегзит (со напливот бегалци 2015/2016) влијаеше многу негативно врз вкупната политичка и општествена ситуација во земјите на ЕУ- предизвикувајќи го национализмот, потикнувјќи ги популизмот, анти-имигрантската хистерија и екстремизмот, што оди со ваквите појави.

Меркел и Макрон

Втората работа е што Ангела Меркел веќе е во фаза на заминување. Таа се повлече од лидерската позиција на нејзината десноцентристичка ЦДУ и останува канцелар до крајот на својот мандат, но нејзината моќ, колку и да останува значајна, не е со истата енергија како пред пет години. Сега сите знаат дека таа е пред своето пензионирање.

Третото е дека Франција има нов претседател-либерал – предводник на новоформирана партија (Републиката маршира), но за Емануел Макрон ова се првите евроизбори како француски шеф на државата. Неговата популарност на француската политичка сцена брзо избледе по уверливата победа во 2017 година, а од ноември минатата година уште повеќе е растресена по протестите на “жолтите елеци“ – едно недефинирано движење со насилничка ориентација, подржувано од крајната левица и десница, како и од анархистите и од групите на антикапиталистите.

Сега Макрон (одново) се соочува со ултрадесницата на Марин Ле Пен која ја порази на претседателските избори. Се добива впечаток, дека овојпат, како да делува исплашено во изборната битка, што се забележува на европската сцена. Во екот на предизборната кампања францускиот претседател, кого го гледаат како некаков наследник на Меркел, почна да прави цела серија отстапки пред десничарите и ултрашите, пред популистите кои ги осудуваше, блокираји го на тој начин европскиот “ нов пат“ како што самиот го нарече и самиот го прокламираше на почетокот на својот мандат, кога настапуваше како Французин, но и како посветен Европеец.

Конечно, на политичката сцена за овие избори се наоѓаат сите оние кои Макрон, сосема во право, ги смета како закана за враќањето на Европа во триесетите години на 20 век, во времето пред Вторатата светска војна. Особено што јавноста, интелектуалците, богатиот дел од општеството, па и медиумите се однесуваат кон нив со рамнодушност, што исто така била присутна на европскиот континент кога во Италија и во Германија се раѓаа фашизмот и нацизмот.

Станува збор за ултрадесничарите, за намножените националисти – повеќе во земјите членки од европскиот Исток, иако ги има и на Западот, потоа, за разните популисти од Англија, преку Средна Европа и Шпанија се до Италија, кои на својата јавност и продаваат, обично, невистини, нудејќи лажни ветувања што, нормално, не можат да се остварат без пари од надвор (европски), зашто во спротивно следи рецесија и хаос во домашната економија. Но, сите тие, сепак, најчесто дејствуваат од позиција на евроскептицизам, со оцрнување на ЕУ, откако од нејзините фондови, сите досега, имаат исцрпени стотици милијарди евра.

Западнобалканците очекуваат

Нов момент во годинешниве евроизбори се и земјите од Западен Балкан со својата посебна позиција на исчекување.

Тие не се дел од гласачкиот процес, затоа што не се (се уште) ниту дел од Европа. Но, би требало политичарите, а посебно медиумите во овие земји, за прв пат годинава, да им посветат внимание на овие избори, затоа што преку нив ќе се создаде новиот политички спектар на ЕУ, а од тоа ќе зависат новиот состав на Европската комисија и политичките потези што таа ќе ги влече, следните пет години, до мај 2024, врзани и за приклучувањето на земјите од регионот.

Ако за изборите во 2014 година, посебно кога се зборува за македонската политичка јавност и за претходниот режим, не постоеше никаков интерес за тоа што се случува “таму далеку“ во Европа, затоа што ниту сакаа да се спогодат со Атина, ниту да прават реформи, бидејќи немаа намера да ја внесат земјата во ЕУ, сега не смее да биде така. Македонија никогаш досега не била поблиску до вратата на Унијата, па на сите овде кои се определени за европскиот пат, мора да им биде важно како ќе поминат изборите во земјите на Унијата, особено што разни експерти, заплашуваат со, наводното, ладење во врска со ширењето кон последното парче од континентот што остана надвор од ЕУ.

Главните играчи (Меркел и Макрон), во секој случај, остануваат, но во Македонија, без разлика дали датумот за старт на преговорите ќе дојде на крајот од јуни, или следниот месец, на првиот министерски состанок на ЕУ, по изборите, мора да се почне да се однесуваме како идна земја членка, кога станува збор за сите вакви случувања во Унијата во кои и ние, еднаш ќе бидеме вклучени. Ако навистина сакаме да бидеме дел од тоа европско друштво. Особено што сега веќе немаме проблем за решавање од типот на блокадата од Грција, или од Бугарија, како што тоа го има Србија, додека не го разреши косовското прашање, без разлика што Белград, формално, е пред нас, откако претходно беше награден со отворање на преговарачкиот процес.

Какви се прогнозите?

На сите досегашни избори за Парламентот на ЕУ, острите евроскептици и сите оние кои беа на анти-Унијата позиција, остануваа надвор од парламентарните клупи во Стразбур, или беа целосно маргинализирани, за да можат на било каков начин да се мешаат во креирањето на европската политика. Овој пат, прогнозите навестуваат промена на таквата ситуација. Се верува дека тие нема да доминираат во Парламентот, но за прв пат, а тоа е многу веројатно, ќе влезат во него како европратеници.

Се мисли, пред се, на националистичките и на популистичките партии, иако истите овие прогнози проценуваат дека на крајот, десноцентристичките партии ќе обезбедат мнозинство, пред социјалдемократските и либерални партии. Тоа мнозинство, меѓутоа, овој пат ќе биде помало отколку во претходните избори. Оптимизмот кај левиот блок е зголемен после победата на шпанските социјалисти на тамошните парламентарни избори и на напредокот на левицата во целина, без разлика што од друга страна, за прв пат, во Парламентот во Мадрид се најдоа и пратеници од крајнодесничарската Вокс партија.

Проевропскиот блок партии пред гласачите, настапуваат со аргументите дека ЕУ има витална улога за најважните прашања што ја тангираат Унијата, а тоа значи сите нејзини членки. Тоа се ограничувањето на климатските промени, новите извори на енергија, потоа финансиската стабилност, како и борбата со тероризмот. Сите овие партии веруваат дека Европа има потреба за заедничко работење и дејствување, откако сите во Унијата- и големите и малите- се соочуваат со економските џинови, како што се САД и Кина, со кои сами, секоја од европските држави, многу тешко би можеле да се носат.

Имиграцијата – главно прашање

Истражувањето што е направено пред годинешниве избори, сепак, покажува дека Европејците и натаму најмногу ги интересира прашањето со имиграцијата. Околу 40 отсто од анкетираните го ставиле ова прашање на прво место. Иако процентот е намален од претходните 60 отсто, тоа е далеку пред другите прашања – економијата, климатските состојби и промени и криминалот. Економските прашања, на пример, во 2010 година ги интересирале над 90 отсто од гласачите, а годинава едвај 20 отсто, што е последица на стабилизацијата во сите земји на ЕУ.

Од друга страна, напливот бегалци и имигранти на европскиот континент, а посебно во земјите од ЕУ, во 2015 и во 2016 година, се уште ги загрижува европските гласачи, иако последниве три години, бројката на мигрантите драстично е намалена. Остана, меѓутоа, злото од тој имигрантски бран, со растот на национализмот и расизмот, исламофобијата и антисемитизмот. Германија се соочува со некогашната маргинална група – Алтернатива за Германија (АфД), која сега е дел од Бундестагот и се верува дека нивни луѓе ќе се најдат и во Европарламентот. Унгарија, предводена од Виктор Орбан се претвори во загрижувачка националистичка тврдина во Средна Европа, а Полска и Австрија имаат на власт националистички партии.

Ваквите партии, заедно со десничарските и левичарските популисти во Италија, на кои заедничко им е спротивставувањето кон имигрантите, заедно со Французинката Ле Пен, со финските и данските националисти, а сега и со шпанскиот Вокс, прават сојуз за своја група во идниот Парламент. Како нивни предводник се јавува лидерот на италијанската Лига Норд, Матео Салвини кој е и вицепремиер во Италија. Меѓу овој блок и другите, кои и досега беа во Парламентот во Стразбур, сега се води битката пред гласачите во настојувањето на проевропските партии да го маргинализираат, ако веќе не можат (на овие избори) да го спречат влезот на крајнодесничарите.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе