Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Ердоган доби ново гласање во Истанбул

lira_joggi/Bigstock.com

Ердоган доби ново гласање во Истанбул

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган успеа да го добие она што го бараше – поништување на изборите за градоначалник во Истанбул и ново гласање, откако  за прв пат, по 17 години, тој и владеачката партија на Правдата и развојот (АКП) го „ загубија“ најголемиот град во Турција. Врховниот суд ја прифати жалбата на ердогановата партија за , наводните, неправилности во изборниот  процес , па ново гласање ќе има на 23 јуни.

Одлуката доаѓа повеќе од 40 денови по одржаните локални избори во земјата, на кои најмногу гласови одново освои АКП, но партијата за прв пат ги загуби најголемите градови, пред се , Истанбул, потоа главниот град Анкара, Анталија и Измир кој и пред тоа беше под контрола на опозицијата.

Во ова меѓувреме, новиот истанбулски градоначалник Екрем Имамоглу, умерен политичар на опозициската Републиканса народна партија, веќе беше устоличен како градоначалник на градот на Босфорот и почна со работа, но уште веднаш по соопштувањето на официјалните резултати, на 31 март, Ердоган одби да го прифати поразот, почна да зборува дека таму треба да има нови избори и постојано, во секој настап во јавноста, да притиска врз судот да го поништи гласањето.

„Ова е диктатура“

„Ова е чиста диктатура“ – изјави актуелниот градоначалник Имамоглу, во својата прва реакција на одлуката на судот.

„Наодите дека имало неправилности и незаконитости во текот на изборите и гласањето се обична измислица. Во оваа земја тоа стана пракса – секоја победа против АКП да се прогласува за неправилна и илегална. Станува збор за систем кој не ја почитува волјата на граѓаните, на гласачите, систем кој  ги занемарува законите и демократијата. А тоа е потврда дека „Турција живее во услови на диктатура“ – вели Екрем Имамоглу.

Во разни делови од Истанбул избувнаа протести против, како што се вели, наметнатата волја на претседателот и неговата партија врз судот и судиите. Републиканската партија најави дека ќе го бојкотира новото гласање, но подоцна од партијата соопштија дека,сепак, се уште веруваат во законите и законитоста на изборниот процес, па дека затоа ќе учествуваат и на гласањето од 23 јуни, верувајќи дека одново ќе го поразат Ердоган.

Според судската одлука, жалбата на АКП била прифатена затоа што се откриени неправилности во работата на изборните комисии, односно дека некои од тие кои ги чувале изборните кутии немале официјална потврда дека се овластени за тоа!

Од партијата која победи во Истанбул велат дека дури и да е така, иако тврдењето е без побудени докази, не станува збор за изборни неправилности. Ако за судот тоа е повреда на изборниот закон, тогаш зашто таа „повреда“ не се примени и за изборите за претседатели на областите, па и на регионот во кој припаѓа Истанбул, каде што изборните комисии работеле според сосема истите стандарди како и при гласањето за градоначалник. За изборите за обласни функционери, секаде каде победила АК партијата, ердогановци немаат поднесено ниту еден приговор.

Неизвесно прегласување

„Се обидуваат да ни ја украдат победата. Ајде тогаш нека се прегласува и за обласниот претседател. Но тоа АКП не го сака, туку тврди дека на 31 март тие победиле со три илјади гласови повеќе, што е апсурдно тврдење , кое само покажува во каква земја живееме“ – велат во Републиканската партија. Некои од гласачите кои се определиле за кандидатот на опозицијата, меѓутоа, се уверени дека и на второто гласање ќе покажат дека времето на Ердоган полека, но сигурно истекува и дека  уште еднаш ќе го изберат Имамоглу за свој градоначалник.

Независни турски аналитичари, сепак, не се толку оптимстички расположени. Својата претпазливост ја објаснуваат со силата на режимот и со неговата решеност- најголемиот турски град  и понатаму да биде град на Ердоган. Тој го смета Истанбул за свој град, откако од таму, како градоначалник,  ја има започнато својата политичка кариера која сега, непрекинато  трае веќе 17 години во кои овој силно происламски политичар доминира врз турската политичка сцена.

Овие аналитичари веруваат дека Ердоган и партиските активисти на теренот ќе направат се што може за да не доживеат уште еден пораз. Се стравува дека до 23 јуни ке ги заплашуваат гласачите, заканувајќи им се да не гласаат за кандидатот на опозицијата ,  како што инаку тоа го правеле и порано, особено во средини каде не биле сигурно во победата на својот семоќен лидер. Доколку се случи тоа, шансите за нова победа на Екрем Имамоглу се мали. Тој останува фаворит , само ако повтореното гласање биде фер и се одржи во слободна атмосфера, а се верува дека  би можел да победи и доколку помалите партии не се појават на повторените избори и своите гласачи му ги дадат на еднаш избраниот градоначалник.

Рецесија и криза

Така или не, во следните педесетна денови ќе претстои тешка борба за опозицијата да го потврди резултатот од 31 март и со здружени сили да го порази Ердоган на „ најболното место“. На тој начин ( повторната ) битка за Истанбул станува битка за позиционирање на домашната политичка сцена, особено што токму турскиот претседател еднаш има речено – тој што ја има власта во Истанбул, победува и во Турција.

Затоа, иаку е далеку  да се каже дека “ обичната“ градоначалничка битка на двата брега од Босфорот е пресудна за се уште семоќниот турски претседател,  факт е дека неговото инаетење, по секоја цена, да има ново гласање во „неговиот“ град, претставува предизвик и за него и за неговата власт.

Новото, изнудено, второ гласање доаѓа во време кога Ердоган не може да настапува триумфалистички и победнички, како досега. Турската држава е во криза, домашната економија е во рецесија, турската лира по краткотрајното стабилизирање, одново ја губи вредноста и веќе е за 30 отсто пониска.

Инфлацијата во земјата изнесува 20 отсто , непотизмот и корупцијата се традиционално присутни, а тендерите најчесто се добиваат нетранспарентно . Сето тоа претставува ризик  за оваа голема држава , на преминот меѓу Европа и Азија и закана таа да западне во подлабока криза и во нестабилност.

АК партијата пред распад?

За Ердоган, дополнителни и сериозни проблеми се длабоката поделба во неговата АК партија, која се наоѓа на работ да се расцепи на две, или на три партии. Поранешниот турски претседател Абдулах Ѓул (претходно и министер за надворешни работи), еден од основачите на АКП, се подготвува за поделба на партијата , со создавање на нова партија во која со него би бил и поранешниот министер за финансии Али Бабакан.

Поранешниот премиер Ахмет Давутоглу, кого Ердоган грубо го тргна од функцијата, а потоа и од политиката , исто така, се подготвува да создаде своја, нова партија од неговите ориврзеници, сите крајно незадоволни од политиката на актуелниот претседател кој целосно ја има приграбено власта , претворајќи за некогаш вистински демократската Турција, во авторитарна држава целосно подредена на волјата на еден човек. Дури и некгаш најблиските ердоганови соработници сега велат дека тој се однесува како современ „ султан“ што негативно се одразува врз позицијата на земјата во светот, а посебно во муслиманскиот, каде таа, едно време, се нудеше како држава-модел за муслиманска демократија.

Меѓународната демократска јавност, пред се, ЕУ остро ја осуди одлуката да се гласа одново и тоа по 40 денови од изборот на новиот градоначалник , со понишување на неговата изборна победа. За демократскиот и либералниот свет, тоа е само уште една потврда дека Реџеп Таип Ердоган, е најмоќниот турски лидер по времето на Кемал „ Ататурк“. Она што меѓутоа, сите, сега, ги интересира е прашањето- дали со поништувањето на изборите во Истанбул не отиде предалеку во својата авторитарност, која на крајот, би можела токму нему најмногу да му наштети.

(Д.Т.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе