Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Ал Сиси на власт до 2030 година

(c) Kremlin.ru

Ал Сиси на власт до 2030 година

Абдел Фатах ал Сиси ќе може да остане претседател на Египет се до 2030 година, откако на референдум мнозинството од гласачите се согласија со промени на Уставот, со кои се озаконува продолжување на траењето на мандатот на шефот на државата.

На тридневното референдумско изјаснување, за уставните промени се изјасниле 88 отсто од гласачите, иако излезноста е околу 44 отсто. Провладините медиуми, пратениците и бизнисмените агитираа за продолжување на претседателскиот мандата (на Ал Сиси), додека опозицијата, главно исламистичките партии, беа против референдумот, но властите им се закануваа на сите кои заговараа бојкот.

Сиси е поранешен началник на Генералштабот на египетската армија и едно време министер за одбрана. Во време на кризните години, во периодот на т.н. “арапска пролет“, кога на Египет му се закануваше граѓанска војна меѓу секуларистите и исламистите, Ал Сиси во еден бескрвен удар на армиските сили, го тргна од власт избраниот исламистички претседател Мохамед Морси. Прв пат за претседател беше избран во 2014 година, а потоа уште еднаш и во 2018 година.

Според досегашните уставни одредби, тој ќе мораше да се повлече од функцијата во 2022 година, по истекот на два, едно по друго мандати. Но со новите уставни измени, Ал Сиси ке има право на продолжување на сегашниот мандат, за уште две години, до 2024, а потоа и на уште еден претседателски мандат, сега од шест, наместо досегашните четири години, што значи дека ќе може да претседателствува со Египет уште 11 години.

Критичарите и неговите политички противници тврдат дека уставните измени се вовед во повторување на ситуацијата со поранешниот генерал и претседател Хосни Мубарак кој беше присилен да се повлече од функцијата откако 30 години управуваше со Египет, во 2011 година.

Фијон обвинет за корупција

Поранешниот француски премиер Франсоа Фијон и формално е обвинет за корупција. Покрај него, обвинета е и неговата сопруга Пенелопе, инаку Британка од Велс.

Фијон еден од централните личности на француската политика, припадник на деголистичката десно-центристичка републиканска партија, е обвинет дека извршил проневера, на тој начин што тајно и исплатувал плата на сопругата, како и на нивните две деца, за фиктивно вработување.

Сите биле пријавувани како да се советници и парламентарни помошници во неговата службена канцеларија во францускиот Парламент, иако никој од нив не работел ниту бил вработен за она за што добивале пари.

Според обвинителството, со ваквата своја постапка, Фијон ја има оштетено државната каса за 1,2 милиони евра. Сопругата е обвинета за соучесништво во измамата.
Тој беше кандидат за француските претседателски избори во 2017 година и важеше за главен фаворит, кога за прв пат се појавија обвинувањата за направената злоупотреба со службените средства.

Тој ги отфрли обвинувањата како “политичко подметнување“, ја продолжи кампањата, но отпадна уште во првиот круг, пред се, поради избувнувањето на аферата.

За вториот круг тој го подржа својот дотогашен противкандидат, Емануел Макрон кој уверливо ја порази ултра-десничарката Марин ле Пен. Фијон и натаму тврди дека е невин и дека нема прекршено ниту еден од законите.

Егзекуција на 37 терористи во Саудиска Арабија

Саудиските власти соопштија дека во земјата била извршена егзекуција на 37 осуденици на смрт, сите осудени за тероризам, или за дела поврзани со терористичка активност. Извршување на смртните казни било спроведено во пет провинции во Саудиска Арабија – во главниот град Ријад, во светите градови Мека и Медина, во сунитскиот регион Ал Касим, како и во источната провинција, каде главно живее локалната, малцинска шиитска заедница.

Министерството за внатрешни работи, во посебно соопштение објасни дека станува збор за осуденици, обвинети дека “прифатиле екстремистичко терористичко размислување, како и дека формирале терористички ќелии“.

Во Саудиска Арабија смртната казна се извршува со отсекување на главата, со меч. Еден од осудените, по егзекуцијата бил и распнат, што се практикува за осуденици кои имаат извршено најтешки кривични дела.

Оваа земја е една од неколкуте во светот со најголем број осудени на смрт и со најмногу егзекуции. Претходно, вака масовно извршување на смртната казна беше регистрирано во 2016 година кога беа погубени 47 осуденици. И тогаш, сите беа осудени за тероризам.

Меѓу нив беше и верскиот водач на саудиските шиити Бакр ал- Нимр, што предизвика гневна реакција на официјален Техеран и прекин на односите на шиитски Иран со сунитската, вахабистичка Саудиска Арабија.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе