Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Шри Ланка одмазда за Крајстчрч?

mtrommer/BigStock.com

Шри Ланка одмазда за Крајстчрч?

На ден Велигден (за католиците и протестантите) во миговите на утринската миса, во неколку цркви во Коломбо и во времето кога бројни туристи од разни делови на светот, дојдени на одмор за празниците, беа на појадок во три елитни хотели на главниот град на Шри Ланка, како и во уште два други градови во оваа островска држава, во координирани терористички напади на бомбаши – самоубијци, беа убиени дури 320 верници и туристи.

Меѓу невините жртви на овој масакр има 45 деца и над 500 повредени.

Имало девет експлозии, а полицијата откри дека бројот на убиените и повредените можел да биде уште поголем, доколку успеал планираниот напад врз уште еден локалитет, но терористот не успеал да го активира експлозивот и во четвртиот хотел.

Според безбедносните власти, полицијата има досега уапсено 40 осомничени, сите припадници на локалната исламистичка организација НТЈ, но сега се настојува да се откријат помагачите во овие напади.

На почетокот не се знаеше кој би можел да стои зад еден ваков масакр, со толку многу жртви, каков што немало уште од нападите на Бали, во Индонезија, пред десетина години, на Божик, каде цел на нападот, исто така, беа странските туристи, пред се оние од Европа, Австралија и Америка. И на овие напади во Шри Ланка жртвите се од десетина разни земји низ светот, иако најголемиот број, меѓу верниците, се жители на Шри Ланка, припадници на локалната христијанската заедница.

ИД одново напаѓа

Во вторникот, се огласи исламистичката, терористичка организација Исламска држава (ИД) која тврди дека нејзини припадници, од локалниот состав на муслиманите, го извршиле нападот, но во кусото соопштение, барем од она што се појави во медиумите, нема објаснување зашто е извршен и зашто токму во Шри Ланка, каде постои мала муслиманска заедница, од помалку од десет отсто од вкупното население.

ИД и порано и сега, практикува, секој ваков напад да го припише како свое дело, настојувајќи на тој начин да си обезбеди публицитет и на крвав и брутален начин да ги демантира тврдењата дека организацијата е ликвидирана и дека повеќе ја нема како закана.

Иако тоа се однесува само за Ирак и за Сирија, каде има направено најголеми злодела и на чија територија прогласи “калифат“, нејзиното водство и тие кои во сенка, стојат зад ИД и продолжуваат да ја финансираат, настојуваат да ја одржуваат во живот низ повремени терористички напади, врз како што тие тврдат, религиозна и исламистичка основа.

Другиот мотив за убивањето на толку многу луѓе, е одмаздата за убиството во Нов Зеланд, во градот Крајстчрч, од пред еден месец.

Еден христијански фанатик, расист, во нападот врз две џамии во овој град, во текот на редовната петочна молитва, уби 50 муслимански верници.

Верзијата за одмазднички напад ја објасни шриланканскиот заменик министер за одбрана кој во изјава пред пратениците во Парламентот во Коломбо рекол дека тамошните 320 убиени се одмазда за педесетте муслимани од Крајстчрч, информирајќи за првите резултати од отворената истрага, но не давајќи други детали.

Шок од бруталноста

Полицијата соопшти дека верува оти водач на нападите бил локалниот екстремистички исламист Мохамед Захран, за кого тамошната јавност прв пат има слушнато пред три години, кога почнал на интернет да дава “запаливи“ изјави и да праќа заканувачки пораки на религиозна основа.

Така или не, светот остана шокиран од бруталноста, од обемот на нападот, како и од последиците – дури околу 850 луѓе се убиени, или ранети, што на островот се нема случено дури ни во текот на триесет годишната граѓанска војна со Тамилите, која заврши во 2009 година.

Од тогаш овој остров на чајот и на зачините, стана популарна туристичка дестинација, а туризмот една од водечките гранки на локалната економија. Земјата брзо напредуваше во стабилизацијата на внатрешните состојби и на помирувањето, по завршувањето на војната со Тамилите, градејќи коегзистенција на четирите локални религиозни заедници – најбројните Будисти, припадниците на Хинду религијата, кои заедно доминираат, како и со муслиманите и христијаните – католици, заедница создадена уште од времето на португалското и холандското владеење со островот, чиј број е нешто над осум отсто од вкупната популација.

Останува на крајот прашањето, како и по секој терористички напад, исто онака како што тоа се случуваше и во Нов Зеланд – а тоа е – дали безбедносните агенции и во крајна смисла властите, можеле да го предвидат сето ова и да спречат еден ваков обемен и крвав напад.

Вонредна состојба

Медиумите во Коломбо тврдат дека некои “делови од власта“ биле предупредени неколку денови пред великденскиот колеж.

Премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинга изјавил дека земјата располага со способна контраразузнавачка и разузнавачка служба која може и можела да разбере што се подготвува, но засега, никој никого не обвинува, чекајќи на завршувањето на целосната истрага.

Првата мерка на владата беше да воведе полициски час не само во Коломбо, туку во целата земја, а од вторникот е прогласена и вонредна состојба, со која војската има добиено широки воени овластувања.

Се трага по лица за кои се верува дека се уште кај себе имаат експлозив за да извршат и нови терористички напади. Тоа значи дека заканата од нови напади не е надмината, но странските експерти настојуваат да утврдат зашто оние кои ова крваво злодело го смислиле, се определиле за овој остров.

Терористичките напади, секако, ќе ја разнишаат внатрешната стабилност и посебно – изградената доверба меѓу четирите верски заедници, а тоа значи можност некој друг да се одмаздува за убиените од овие напади.

Нападите врз хотелите, меѓутоа, директно ќе ја погодат економијата, зашто треба да се очекува дека туристичките агенции кои долги години го одбегнуваа овој убав остров, од безбедносни причини, после она што се случи на Велигден, одново ќе го намалат приливот на гости од странство. Не од нешто друго, туку поради стравот на туристите да доаѓаат во несигурна и опасна зона.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе